Модна колекција за жени со дијабетес

26.06.2024 10:19
Модна колекција за жени со дијабетес

На Натали Балмејн од Манчестер, на дваесет годишна возраст ѝ бил дијагностициран дијабетес тип 1, што значело дека мора да зема инсулин после секој оброк и пијалок. Одењето во бар или ресторан станало проблематично.

„Почнав да размислувам: како од лоша ситуација да направам нешто добро?” – објаснува Балмејн за тоа како дошла до идејата да ја дизајнира колекцијата.

Ништо не можело да ја намали непријатноста на одењето во јавен тоалет, во клуб или ресторан, и моментите во кои си принуден да соблечеш целата облека што ја носиш за да си дадеш доза инсулин. Ситуацијата во која се нашла ѝ открила недостаток на пазарот, па Натали почнала да дизајнира облека со стратешки поставени џебови, отвори и скриени џебови, за жени кои си даваат инјекции или носат медицински уреди.

Дел од приходите од нејзината прва колекција е дониран за истражувања на дијабетесот.

Модата отсекогаш била важна за Натали Балмејн. Уште од мала често измислуала нови креации и ја менувала облеката, а пред дијагнозата се занимавала со манекенство. Таа потекнува од семејство на музичари и свири саксофон, но не сакала да продолжи по воспоставениот пат, туку се свртела кон модниот дизајн.

„Кога бев мала, вујко ми ми велеше: „Се додека никого не повредуваш, прави што сакаш! Не мораш никому да се објаснуваш, ниту да следиш некого. Пронајди нешто што сакаш и прави го тоа”, вели Балмејн.

Натали токму тоа и го направила. Целта на нејзината модна колекција е да им помогне на жените да управуваат со своите здравствени состојби и да ја зајакнат својата самодоверба.

„Мислам дека модата никогаш навистина не го земала предвид здравјето”, додава Балмејн.

Фактот што Натали си дава шест или седум инјекции дневно го намалувал секој нејзин обид да се чувствува убаво и женствено, без оглед на сите вложени напори во облеката и шминката.

Многу жени кои живеат со дијабетес се срамат од оваа дијагноза и ја кријат својата состојба, плашејќи се од осудата од околината. Водечките предрасуди за дијабетесот се: „Сам/а си го предизвикал/а, затоа што јадеш премногу шеќер!”. Јасно е дека тоа се коментари кои се далеку од вистината.

Жените кои ја пробале новата модна колекција тврдат дека таа им носи бесценето чувство на слобода.
„Важно е да си го олесните животот и да се фокусирате на грижата за себе”, порачува модната креаторка Натали Балјмен.

Извор:https://www.bbc.com

ОкоБоли главаВицФото