Старец

26.06.2024 11:54

Папсан си галиба галеб снеможен, бајалдисан –
главата ко бабарска маска, ставата папушлава;
како да зборуваш од навал, небаре пијан кавал
во шуплива ноќ што шупи празнотија глува.

Се збајатило и излитило крвоточното пасмо:
гнило е, црвоточно и празно ко глуво писмо.
Не знаеш веќе какви порти затвораш на самрак
и какви долапи отвораш во првите мугри.

Сѐ почесто ти идат мигови со недоумици
дури го мериш патот од раѓањето до смртта
што божем бремени мешини во себе ги носат
сите страни на светот и сите временски зони.

Дојде денот кога сал стрелките на часовникот
радосно ѝ аплаудираат на твојата возраст.
И ти си бил надеж на нечија претходна надеж,
но сега прстите санким суварки ти се глуждливи...

Не фрлаш веќе паричка во бунар на желби
во кој жубори страста по недопрени нешта,
оти неол ветер ти навеал нови непроодни дини
и ти го секнал издашниот извор на желби.

За едни си побелен мудрец, за други – стар копук
кој калапи јазик врз јазик, со секого се чепка
за буква, за слог во песна што ја гради и блада
чиниш мед од уста му тече – а што фајде, што аир!?

Нема ќар од тоа што мислиш дека песната е факир
легната врз остри согласки и звучни рефрени и дека
така значење ним им дава ко што зборот „зрно“
цело поле создава, од јаловина вади жетвено азно...

И не ти личи веќе небрежно да оставаш зборови
напишани врз туѓи ѕидови на младешки јазик,
божем расфрлани дреболии врз непознат брег
по бродолом кобен. Ги збираш грижно ко амајлии

за од нив да научиш нешто што трае за навек
ко порака затворена во шише што сега отворено е:
„Мудроста се состои од десет делови:
девет од нив се тишина, а еден е зборови.“

(мај, 2024)

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото