Зошто постојат парадите на гордоста? Зошто предизвикуваат изливи на омраза?

26.06.2024 12:06
Зошто постојат парадите на гордоста? Зошто предизвикуваат изливи на омраза?

 

Голем дел од парадите на гордоста ширум светот се одвиваат во текот на јуни во спомен на бунтот кој се случи ноќта помеѓу 27-ми и 28-ми јуни 1969 година во Њујорк. Станува збор за симболичен настан кој го означи раѓањето на движењето за општествено прифаќање на хомосексуалците, лезбејките, бисексуалците, трансродовите, небинарните и квир лицата и почетокот на борбата за нивните права. Се работи за пресврт во историјата на ЛГБТИК+ движењето, бидејќи пред овој настан борбата за овие права била исклучително тивка и дискретна. Стоунвол го означи почетокот на ерата на поотворен и помилитантен активизам.

Стоунвол Ин е основан 1930 година, бил бар сместен во улицата Кристофер во Гринич Вилиџ во њујоршки Менхетен, а денес е национален споменик. Во тоа време секој што ги послужувал со алкохол хомосексуалните лица бил гонет кривично, зашто во тоа време хомосексуалноста се сметала за ментална болест. Барот тогаш го водела мафијата на која не ѝ пречел илегалниот бизнис, бидејќи бил профитабилен.

Клиентите биле разновидни, а ги обединувало тоа што другите ги сметале за најниско општествено ниво на американското општество во тоа време. Во шеесеттите години од минатиот век во САД било сосема вообичаено полицајците да ги претресуваат припадниците на ЛГБТИК+ заедницата: рациите во геј баровите често завршувале со пендреци, а никој немал храброст да реагира. Додека во хетеросексуалните барови полициските рации не биле чести, полициската репресија и упадите во Стоунвол Ин биле на дневен ред, па така и претепувањето на гостите во барот.

Ноќта помеѓу 27-ми и 28-ми јуни 1969 година се случила пресвртница. Гласините се спротивставени, но се зборува дека околу два часот по полноќ, по бројните претепувања и апсења во уште една од полициските акции, трансродовата активистка Силвија Ривера нападнала еден од полицајците. Откако ја претепале со пендрек, Ривера се побунила фрлајќи стаклено шише. Според некои извори удрила полицаец со потпетица. Тој гест им дал храброст и поттик на присутните за отворен бунт против полициското насилство. Илјадници луѓе дошле да го поддржат бунтот, кој наизменично траел до следната ноќ. Борбата се проширила на улицата и траела шест дена. Покрај гејовите и лезбејките во немирите учествувале и транс лица, drug queens и други магринализирани заедници.

Станува збор за историски момент кој е симбол на отпорот кон полициската агресивност и бруталност, кој ја обединил целата заедница на нехетеросексуалните луѓе, кои покажале подготвеност за борба за сопствените права. Вестите за бунтот се прошириле брзо и инспирирале формирање организации ширум светот чија цел била борбата за еднаквост. Стоунвол исто така ја подигнал јавната свест за ЛГБТИК+ прашањата. Се работи за пресврт во историјата на заедницата бидејќи сè повеќе луѓе почнале да размислуваат за правата и животните искуства на гејовите, лезбејките, транс и небинарните лица.


Во таа прилика е роден и слоганот кој бил едноставен но и мошне јасен: „Кажи јасно, кажи гласно. Геј е океј, да се биде геј е извор на гордост“. Точно една година подоцна во Њујорк била организирана првата парада на гордоста во знак на сеќавање на немирите во Стоунвол. По повод првата парада на гордоста дури биле направени светкави облеки, оскудни гаќички и костими за капење. Транссексуалците и трансвеститите најпосле без страв можеле на улица да носат облека за која сметаат дека им стои најдобро. Тоа бил врисок за желба за слобода и бунт против претерано опресивното општество. Значи оние кои сметаат дека парадата на гордоста е изум на модерната левица очигледно не се добро информирани.



Овој настан, кој секоја година во јуни повеќе од педесет години се одржува ширум светот, ги нагласува гордоста и убавината на различноста на секое човечко битие, спротивставувајќи се на каков било облик на насилство и општествена стигма над лицата со неконформна сексуална ориентација и родов идентитет со она што го наметнува хетероциснормативното општество. Јуни, таканаречениот Месец на гордоста, е период кој е посветен на размислување за граѓанските права, сексуалноста, сексуалниот род и сè што се однесува на широката сфера сексуални ориентации и идентитети на родот, кој не смее да се потисне туку да се живее целосно.

Целта на парадата на гордоста не е да ја нападне хетеросексуалноста, туку да ја едуцира популацијата дека сексуалната ориентација е нешто вродено, а не избор. Тоа едноставно е дел од нечиј идентитет, исто како и кај хетеросексуалните лица, кои нема да станат хомосексуалци ако не се такви. Покрај тоа, важно е да се нагласи дека потиснувањето на сексуалната ориентација може да доведе до сериозни проблеми со менталното здравје. Парадата на гордоста сака да ги разоткрие погрешните и штетни стереотипи кои ги имаат многу луѓе за ЛГБТИК+ популацијата и да нагласи дека човечките битија заслужуваат исти права и почитување како и сите останати. Тоа ги вклучува правото на приватност, слободата на изразувањето и слободата од дискриминација, но и право да се сметаат за семејство.


Хомосексуалноста не е избор ни болест, таа е природна варијанта на човечката сексуалност. И пречесто културниот и општествениот контекст не им помага на луѓето да излезат од орманот. Секогаш треба да имаме предвид дека не зборуваме за идеологии, туку за реални човечки битија кои се соочуваат со низа проблеми кои ги немаат хетеросексуалците, а еден од најголемите е осудата од општеството.



Дури 70 проценти од ЛГБТИК+ лицата во текот на целиот живот немаат храброст да им го признаат тоа на сопствените родители, небаре таквата состојба е недостаток или нешто срамно. Парадата на гордоста не е плукање на сопствената сексуалност во лицата на другите луѓе, туку едноставно начин да се каже „и ние постоиме“. Тоа е и порака за работодавачите кои не сакаат да вработуваат луѓе со различни сексуални ориентации, бидејќи според сите научни истражувања сексуалната ориентација не влијае на учинокот на вработените. Парадата на гордоста сака да ги разбие сите ирационални митови кои се поврзани со различните сексуалности, кои ја поттикнуваат хомофобијата. Сексуалната ориентација често се поврзува со педофилијата, но статистиката вели дека околу 90 проценти од педофилите се хетеросексуални мажи, што го потврдува и научникот Николас Грот, пионер во проучувањето на сексуалното злоставување на децата. Важно е да се разбере дека хомосексуалноста и педофилијата се потполно различни нешта.

Хомосексуалноста е природна сексуална ориентација на возрасните личности кои се согласуваат на сексуални активности, додека педофилијата е сексуално злоставување деца, што е форма на злоставување и насилство. Изедначувањето на овие два поими не само што е навредливо за хомосексуалците, туку е и штетно зашто ја нормализира педофилијата и им отежнува на жртвите јавно да се огласат. Педофилијата е сериозно злосторство кое никогаш не е исправно, а децата заслужуваат да бидат заштитени од секаков вид злоставување.


Поддршката на институциите на парадата на гордоста има исклучително важно симболичко значење, со што институциите покажуваат емпатија и ги вклучуваат сите различности во заедницата.



Стереотипите кај возрасните се менуваат тешко, со децата тоа е полесно, затоа многу е важно подигнувањето на свеста во училиштата. Повеќето самоубиства кај младите произлегуваат од потешкотиите да бидат прифатени, дури и од сексуално гледиште. На парадите на гордоста во големите градови на Западот се организираат работилници за деца, на кои учествуваат илјадници училишни и предучилишни момчиња и девојчиња, на кои учат за љубовта и почитувањето на различностите, а не за сексот. Кога овие деца ќе пораснат нема да станат хомосексуалци, туку само ќе бидат во состојба да ги почитуваат оние што се.

Зошто е важна парадата на гордоста? Зашто е светилник, симбол како проблемот да се направи видлив и да се претвори во прилика. Ако сте хомосексуална личност не можете да ги игнорирате стигматизациите, зашто ги доживувате. Но ако не сте, можете едноставно да ги игнорирате. Значи, парадата служи за социјализирање на проблемот и насочување на вниманието на јавноста кон него. Ако луѓето не сфаќаат дека дискриминацијата на хомосексуалноста е реалност и мислат дека тоа е проблем кој не се однесува на нив, не можат ни да замислат колку длабока може да биде непријатноста на оние кои секојдневно ја трпат дискриминацијата само заради своите емоционални или сексуални склоности, како во деловниот така и во социјалниот живот.


Уште една важна функција на парадата на гордоста е создавањето видливост кај нехетеросексуалните луѓе кои се чувствуваат изолирано. Додека некои растат во големи градови каде што постои мрежа за поддршка за нечиј сексуален идентитет, во помалите места често не е така. Освен тоа, до пред неколку години, кога интернетот не беше толку распространет како денес, луѓето со небинарен сексуален идентитет можеа лесно да веруваат дека се единствените на светот. Чувството на осаменост ја влошува стигмата и доведува до депресија.



Од психолошки аспект, аверзијата или недовербата кон лицата со нехетеросексуална(ЛИНК) ориентација често произлегува од потребата да се одбраните од низа перципирани закани: страв од изумирање на нашиот вид, страв да се стане хомосексуален, страв од прифаќање на својата женска или машка страна и зголемена видливост (и моќ) на хомосексуалната заедница. Друг страв е дека лицата со хетеросексуална ориентација со своето однесување ги кршат општествените норми, ги загрозуваат верските, етичките и моралните вредности. Стравот лесно може да се претвори во одбивност, омраза и насилство, а потоа заканата да се перципира на два доминантни начини: директен напад, на пример во форма на вербално или физичко насилство и изолација.

Ваквите ставови се поизразени особено во кризни времиња (економски, финансиски, социјални итн.), кога е полесно да се дојде до конзервативна реакција во политиката, што се рефлектира на вредностите на општеството. Едноставно кажано, кога се плашиме имаме тенденција да се држиме до извесноста која ја имаме и која се вкоренува во нашето чувство за идентитет. Од таа причина сексуалниот идентитет кој е поинаков од нашиот може да се сфати како дестабилизирачки и да стане закана против која треба да се бориме и која треба да ја поразиме. И затоа повеќе нè плашу „странецот“, „различниот“.


Во основата на ваквата одбивност кај многу луѓе е идејата дека хетеросексуалноста е единствената прифатлива сексуална ориентација, единствен начин да се искуси сексуалноста и дека сексуалните и брачните односи се соодветни само помеѓу лицата со различен пол. Не е случајно што овој концепт, кој го носи називот хетеронормативност, често се поврзува со хетеросексизмот и хомофобијата.



Накратко, сите заслужуваме чувство на припадност и да не нè осудуваат заради тоа кои сме. Парадата на гордоста им овозможува на лицата од ЛГБТИК+ заедницата да се чувствуваат слободно и гордо заедно. Тоа не е ништо поразлично од фудбалските навивачи кои се собираат облечени во своите дресови.

Парадата на гордоста не влијае на животот на хетеросексуалците. Наведената сексуална ориентација не го прави различниот полоша личност. Луѓето на парадата на гордоста не бараат ништо од вас освен почит. Сакаат само мирно да живеат како и сите останати.


Според последното истражување на Европската агенција за основни права (ФРА), во Хрватска 78 проценти од истополовите партнери избегнуваат да се држат за рака, а 37 проценти од нив избегнуваат одредени локации заради страв од напад. Само 28 проценти од ЛГБТИК+ популацијата во Хрватска се мошне отворени за сопствената сексуална ориентација или идентитет, додека тој процент во Европската унија е 51 процент. Деветнаесет проценти се чувствувале дискриминирано на работното место во изминатата година, а 13 проценти биле жртви на напад. Дури 54 проценти биле вознемирувани последнава година, а вртоглави 70 проценти признале дека во текот на школувањето биле изложени на малтретирање заради сопствената сексуална ориентација или идентитет. Дваесет и четири проценти од испитаниците во Хрватска ја доживеале таканаречената практика на „преобратување“ со која се обиделе да ги принудат да ја променат сопствената сексуална ориентација или родовиот идентитет. Седум проценти од испитаниците се чувствувале дискриминирано во здравството заради својата сексуална ориентација, а дури 17 проценти размислувале за самоубиство последнава година.



Фотографиите на Ванчо Џамбаски се од првата Парада на гордоста во Скопје во 2019 г.

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: https://www.nacional.hr/

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Квир / Теорија
Општество / Активизам / Квир
Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото