1016 hPa
50 %

23 °C
Скопје - Вто, 20.05.2025 19:29
По повод затворањето на прославата на 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје, во рамки на фестивалот „Скопско лето”, на 28 јуни(петок), со почеток во 21 часот, низ центарот на градот ќе се одржи неповторлив уличен спектакл „Сонот на Ербер”.
Театарскиот перформанс е во изведба на француската уметничката трупа „Кидам”(La Compagnie des Quidams) која има од 100 до 150 настапи годишно и тоа низ целиот свет, од Костарика до Јужна Африка, преку Јапонија па се до Австралија.
Место на поаѓање е Музеј на град Скопје. По Музејот, дефилето продолжува по улица Македонија и Камениот мост до плоштадот Карпошово востание, каде што е финалето на претставата.
На настанот ќе можат да се видат огромни величествени светлечки џинови, трапави и воздушни, како дојдени од друга планета, кои ќе го освојат Скопје. Низ волшебна музика, петте обемни фигури, високи 4 метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото...Како мало намингување на месечината. Како во сон! Сон којшто би требало сите да го отсонуваме, и деца и возрасни!
На крајот од уличниот спектакл следува изненадување: видео-мапинг на Емил Петро насловен „Франција во светлина”, на фасадата на Дом „Ибни Пајко”.
Прославата на 50-годишнината е поддржана од пријателите на Францускиот институт во Скопје: Ист Гејт Мол, Зегин, Тиквеш, Пежо-Еуроимпекс, Публицис, Скопје Сити Мол, Интерарт и Биотек.