1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 17:59
Клаудија Шајнбаум Пардо, позната и како „la Doctora“ (докторката) поради своите импресивни академски достигнувања, е физичарка со докторат по енергетско инженерство која доброволно учествувала во подготовката на извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC).
Неодамна, жителите на Мексико ја изгласаа како прва претседателка во историјата на земјата. Како претставничка на левичарската партија Морена, таа освои околу 60 отсто од гласовите на досега најголемите избори во Мексико, известува Си-Ен-Ен.
Иако научниците од IPCC во минатото беа именувани за министри за животна средина, не е познат случај некој од нив да служел како национален лидер, што треба да се промени кога Шејнбаум ќе ја преземе функцијата претседателка кон крајот на оваа година.
Новата претседателка која е на 61-годишна возраст, ќе го наследи актуелниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, нејзиниот долгогодишен ментор и сопартиец чии програми за социјална заштита извлекоа многу Мексиканци од сиромаштија. Претседателскиот мандат во Мексико трае шест години, конкретно во случајот на Шајнбаум до 2030 година.
Клаудија Шајнбаум Пардо влезе во политичките води уште во 2000 година, кога Обрадор, тогашниот градоначалник на Мексико Сити, ѝ ја додели титулата секретарка за заштита на животната средина во главниот град Мексико.
Таа ја напушти позицијата шест години подоцна и се посвети на научната работа во областа на енергетиката, придружувајќи им се на водечките светски експерти за климата собрани во IPCC. Таа беше дел од тимот што ја доби Нобеловата награда за мир во 2007 година, која IPCC ја сподели со некогашниот американски претседател Ал Гор.
Во 2015 година, Шајнбаум стана првата жена на чело на населбата Тлалпан во Мексико Сити, каде што остана до 2017 година. Следната година, таа беше избрана за градоначалничка на Мексико Сити - и првата жена што тоа го постигна. Во јуни минатата година таа се повлече со цел да започне процес за претседателска кандидатура.
Победата на Клаудија Шајнбаум Пардо се случи во услови на жестоки, смртоносни горештини што го опустошуваат Мексико со недели наназад.
За време на изборната трка, идната претседателка вети големи исчекори во борбата против климатските промени: најави план за инвестирање на речиси 14 милијарди долари во проекти за развој на обновливи извори на енергија до крајот на деценијата.
Програмата со која се планира зголемување на капацитетот на ветерот и сонцето, како и модернизација на пет хидроцентрали, претставува сериозно отстапување од политиката на актуелниот претседател, за кого енергетската транзиција не беше приоритет, туку интересите на државната нафтената компанија Пемекс.
Извор: https://www.climatechangenews.com