Неискористените порази на левицата

28.06.2024 00:04
Неискористените порази на левицата

Политичките ветувања се особено активен слој на политичката култура. Ги сочинуваат бранови јавни емоции кои плански и спонтано се будат и се одбележуваат по повод важните датуми на победите и поразите. Сеќавањето на поразите и жртвите на левицата може да биде подеднакво делотворно како и триумфите на победата (работничките жртви од 1-ви мај 1886 година или смртта на Гевара на 9-ти октомври 1967 година). Денес левицата не ги одбележува своите порази како делотворни интегративни датуми кои емотивно туркаат кон нови потфати. Таа ѝ дозволи на десницата да го уредува минатото. Во структурата на јавните политички чувства левицата ги запушти сопствените порази како поучно искуство на надежта. Недоволно е организирана, а кај неорганизираните групи преовладува дисперзирана неефикасна меланхолија и конзервативна носталгија. За активното институционализирано памтење на кадарот е само организирана група. И кај левицата од 20-от век имаше меланхолија (Бенјамин, Траверсо), односно неизбалансирано чувство и дијалектички спој на утопија, месијанство, телеологија и револуција кој ги проткајуваше институционализираните датуми на поважните порази (смрт на работничките водачи и гушење востанија). Денес чувствителната структура на европската антикапиталистичка левица е променета заради отсуството на моќни работнички партии и социјалистички држави. Есента на левицата и заборавот на сопствените порази почна 1989 година со почетокот на епохалниот пораз на европскиот социјализам. Повеќе од триесет години нема влијателни обиди од тој мега пораз да се црпи инспирација за нов ангажман. Ни кај интелектуалците нема систематски обиди на крахот на црвената телеологија да се изгради нова набљудувачница втемелена на поуките од поразот. Блескавите конфликти во рамки на глобализираниот капитализам создадоа црна дупка во сеќавањата на епохалниот пораз на левицата која треба да се осмисли и пополни.

Памтењето на поразите на левицата треба да биде дел од новиот отпор на откажувањето во долгата фаза на повлекување и учење која трае уште од рушењето на Ѕидот. Не станува збор само за заборавот на важниот датум од минатото на левицата туку за активирање на овој пораз со цел да се промени сегашницата. Социјализмот од 20-от век стана медиумска забава на антикомунистите, а во регионот Тито беше приходна тиражна потрошна стока. Не повеќе од тоа. Пасивната синергија на меланхолијата и носталгијата ѝ оди во прилог на трговијата со Ленин и Гевара. Чувствата на пораз и недостаток на алтернатива се неефикасни и заради заборавот на поразите на алтернативата. Ги затрупа организираната антикомунистичка пропаганда, глобална и национална. Европскиот Ден на сеќавањето на жртвите на сталинизмот и нацизмот, 23-ти август, на нов начин ги организира масовните политички чувства. Го дополнуваат разни национални антикомунистички датуми на сеќавањето.

Да се работи на нова структура на чувствата која може ефикасно да го врамува минатото на левицата значи да се памтат и поразите на левицата. Валтер Бенјамин меѓу двете светски војни го сфаќаше поразот на левицата пред фашизмот како меланхолија и како епистемолошка парадигма, како ослободување од телеологијата, како плодно искуство на поразот и како набљудувачница на поразените. Како перспектива која му недостига на неолибералниот победник заслепен од триумфот. Структурата на јавните политички чувства е важна за секоја идеологија и полтика. Ако и не може да се обезбеди хегемонијата треба да се бори за место во неа. Чувствата ги мобилизираат масите, а теоријата, колку и да е продорна, е за интелектуалците. Мислата треба да се претвора во парола и да се врамува со заразни чувства. Револуционерните успеси беа подготвувани со трагични порази, но тие се памтеа како поттици. Онака како што во танатополитиката погребот се сфаќа како прилика за интеграција на ожалостената група. Животот тече понатаму.

Современата неорганизирана антикапиталистичка левица не ја осмисли доволно структурата на чувствата кои ефикасно би го врамиле памтењето на сопствените порази. 1989-та не беше погреб туку епохален пораз на левицата, а чувството на тој пораз значително се разликува од претходните употреби на поразите на левицата. Маркс го толкуваше крахот на двомесечната Париска комуна во 1871 година како претходник на идните победи, а работничите партии во светот на сличен начин ги памтеа поразите: гушењето на германската револуција во 1919 година, падот на републиката во Шпанија 1939 година, смртта на Гевара во 1967 година и Аљенде во 1973-та. Во поразите се бараа нови надежи. Во однос на овие датуми сеќавањето на 1989-та беше значително поинакво. Рушењето на Ѕидот, кое го поттикна вирусното рушење на социјализмот сè уште не се толкува како ефективен пораз ни како нова историска поука на антикапитализмот. Напротив, памтењето на оваа annus mirabilis значително го намали чувствителниот ефективен потенцијал на бесмртните социјални идеали што кај претходните порази не беше случај. Веројатно и зашто социјализмот во деведесеттите не беше срушен со крв туку се сруши мирно, речиси спонтано. Иако Југославија се распадна во војната од 1991 година, се памти како исчезнување на повеќенационалната држава, а не и како пораз на работничкиот интернационализам. Нема жртви од одбраната на социјализмот ни хијализам на пролеаната крв од кои би се родил фениксот на новиот црвен пламен. Напротив, новиот феникс е наметнат како обнова на капитализмот, религијата и национализмот. Па сепак, би било морализам да се толкува епохалниот крах на левицата како неславен. Европскиот социјализам од 20-от век не е tabula rasa туку сложена фаза на авторитарната модернизација и голем историски обид за социјална држава. Затоа и неговиот пораз заслужува да се памти како опомена за неоткажувањето.

Треба да се противиме на чувствата на пасивен носталгичен дефетизам кои ја заменија конкретната активна утопија. Антиутопискиот цинизам на победниците се устоличи заради недостатокот на прометејство на поразените. Рушењето на Ѕидот треба да се памти како пораз на закоравената бирократска структура на социјализмот од кој може да се учи. Имаше и поголеми опасности од овој амбис. Веројатно најголемата опасност му се закани на социјализмот есента 1941-та година кога Вермахтот беше блиску до Москва. Тогаш, во Црна Гора месијанскиот хијализам беше социјално акцентиран: „На три фронтови три маршали/ сите три против капиталот“. Тогаш ни во другите делови од Европа не исчезна верата во СССР и антифашистичкиот социјализам. Две децении претходно во моментите на поразот пред Мусолини настана слично римувано непредавање на италијанските работници Bandierra Rossa. Црвената телеологија беше антимеланхолична зашто социјализмот од 20-от век телеолошки се сфаќаше како незапирлив светски процес. Денес оваа антимеланхолија е во дефанзива. Разоружана е елегиската класна мобилизација на партизанската песна „По планината Коњух“ каде смртта на класниот „мртов другар, хусинскиот рудар“ беше заложба за неоткажување од бесмртниот социјален идеал. Детонаторската моќ на стиховите „Коњух стенка/камења се рушат“ денес е само мелодиски интересна. Стигна жолтата телеологија за крајот на историјата која цвета на гробиштата на црвената телеологија. Фукујама и антитоталитарните резолуции од Европскиот парламент синхронизирано ги наметнуваат епохалното расположение и хегемонијата на социјално рамнодушните емоции. Крајот на историјата и антитоталитаризмот ги организираат емоциите центрирани околу затемнетото невозможно. Но сите порази не се неефикасни. Денес во регионот хегемоната структура на чувствата успешно ја организираат националните порази и жртвите од кои се црпи енергијата за иднината на малите држави. Но и за нивната непрогресивна конфликтност како по образецот за употребата на смртта на Божјиот син која не остана траума туку ефикасно беше претворена во замислено воскреснување.

Во структурата на јавните политички емоции левицата денес е само индиректно видлива во дифузната и ритуална критика на капитализмот која се губи во идентитетската политика. Капитализмот претвора сè во стока, а хијализмот и меланхолијата имаат пазарна приходна вредност и затоа што левицата заборави да црпи сила од своите порази. Културата на антикапиталистичката левица долго беше ефикасна благодарение на памтењето на сопствените порази и жртви. И покрај тоа траумата од 1989 година сè уште е несовладана. Поразите можат да бидат оружје ако се сфатат како поука, подготовка и како фаза на неоткажување. Затоа на современиот антикапитализам му е потребен нов Валтер Бенјамин од 21-от век.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ive Šubic

Извор: https://respublicacasopis.net/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото