1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 07:59
Лажна е дилемата „Груевски или Црвенковски“. Лажно е тврдењето дека „сите се исти“. Лажна е тригодишната плачлива комендија „Името не го даваме“, во која Груевски и груевистите се патриоти, а сите други - предавници. Лажни се приказните за бескомпромисноста во Букурешт. Лажна е изјавата на Груевски, лажно е писмото на неговиот министер Милошоски. Првата е лага за домашна употреба, втората е лага за надворешна употреба. Заедничка им е намената: обете се дел од планот да се освои уште еден мандат, милум и силум. Лажните приказни за букурешката бескомпромисност му донесоа на Груевски тригодишна неограничена власт, а на Македонија и’ донесоа тригодишна изолација, сиромаштија, стагнација, корупција и сатрапија. Лажливоста на Груевски и груевистите нема дно, како што нема дно ниту нивната грабливост.
Три години трае „преродбеничкиот“ лов на предавници, платеници, продадени души, соросоиди, изроди и што ти уште не. Три години нè навредуваат, клеветат, колнат и нè пцујат, небаре навредите, клеветите клетвите и пцостите можат засекогаш да го камуфлираат злосторството, кое ќе остане запаметено како ограбувањето на Македонија. Три години јавните добра се преточуваат во приватни џебови. Три години осиромашува Македонија, три години се збогатуваат груевистите. Слој по слој, граѓаните на Македонија лелекаат и пиштат дека гладот им тропа на врата. Режимот на Груевски ниту ги гледа, ниту ги слуша, им ги празни џебовите, па им потфрла рефус, што би рекле еснафите. Зјапнале намножените празни локали во центарот на Скопје. Ниту некој продава, ниту некој купува. Скапува тутунот во Прилепско и во Радовишко, пливнало Тиквешко во неоткупеното грозје, малкуте крави гледаат телевизија во шталите во Битолско, се множат тарабите на плоштадот скопски, а груевистите се распиштолиле во еднопартиското собрание, „калапат“ закони според свој ќеф и ќар. Патем, надвор од Собранието, ги тепаат „легалистите“ од ЛДП. За ум, за да знаат дека улогата на опозицијата во „прероденото“ Собрание не е да прашува, туку да аминува.
„Занеми, Македонијо“, порачуваат груевистите со зборови и дела. А делата им се бездушни. Таква бездушност Македонија не беше видела пред да биде заробена од јамката груевистичка. „Замолкни, Македонијо“, порачуваат груевистите, „нека замолкнат А1, „Шпиц“, „Време“ и „Коха е ре“, партиската и непартиската опозиција, умот и разумот нека застанат!“. За да може да продолжи лудилото на власта портокалова. Има уште место во преполнетиот затвор во Шутка, порачува Груевски, а истражниот судија исполнува. Со еден туфек, по два зајаци. Семејството и слободата. Здравјето и образот. Правото и правдата. Жените и децата. Животот. Со секоја неправда, со секој уништен живот, груевистите и нивните послушници сè повеќе се оддалечуваат од човечноста. Демократијата и владеењето на правото ги згазија уште на изборите во 2008 година, а ги погребаа на 25 ноември 2010 година. „Каде ќе им одат душите на бездушниците“, прашуваат и граѓаните кои не можат да си простат што гласале за нив. Македонија сè уште не занемела, сè уште не изматуфила. Бројката на поддржувачите на А1 наближува до 600.000. Потписи, гласови и лица кои не се плашат да се спротивстават на режимот кој се опари од трите години „патриотизам“ и кој ќе прифати сè за да може да продолжи да ја „преродува“ Македонија сè додека не ја соголи. Така, африкански соголена, ќе ја остави да чека пред портите европски.
Нема да ја заборави Македонија „преродбата“ по која ќе треба одново да се роди. Дали ќе ги заборави „преродбениците“ и нивните послушници кои ја клекнаа на колена? Дали ќе си го земе назад она што и’ го украдоа? Дали ќе го прости она што не се проштева? Дали Македонија еднаш засекогаш ќе стави крај на арчењето на иднината која сè уште не почнала, а минатото и сегашноста и’ се веќе потрошени? И дали еднаш засекогаш ќе ги стави на маргините кооперантите, колаборантите и квислинзите, мативодите намножени околу режимот кој ги плаќа нивните услуги со народни пари?
Доста беше. Идат избори кои груевистите наумиле да ги украдат по секоја цена. Со изнудена превласт во медиумите. Со пумпање на избирачкиот список со илјадници „мртви души“ и со илјадници нови вработени во администрацијата кои ќе седат дома, ќе примаат плата, но ќе гласаат за „преродбата“. Со зголемувања на платите кои ќе траат колку ланскиот снег. Со лопати, фантомски градилишта, „донации“ со народни пари, со поткуп платен од буџетот. „Дарежливост“, која, комбинирана со стравот, треба уште еднаш да ги зашемети граѓаните толку што ќе прифатат дека и на овие избори Груевски оди „ѓоа бебе“, а Црвенковски оди со багажот на „транзициски политичар“. На Црвенковски да му паметат, а на Груевски да му заборават. Се со што ја „усреќи“ Македонија откако и’ ја шитна најголемата лага во историјата. Се шитна за спасител мачителот.
Доста беше. Лажна е дилемата „Груевски или Црвенковски“. Вистинската дилема е „Груевски или Македонија“. Разрешувањето на дилемата гласи „Груевски го даваме, Македонија не ја даваме!“.
„Шпиц“, 02.03.11.
слики: Christer Karlstad
Браво г-ин Милчин. Јасно,
Испратено на 02 март 2011 од ЛогичарБраво г-ин Милчин.
Јасно, концизно, од срце, патриотски.
Прекардашија груевистите, не се трпи разаулавената банда лоповска.
Се надевам Господ ќе му даде разум на народот македонски, да ја препознае вистинската дилема и дека ќе го направи вистинскиот избор. Дека ќе се избави од Лукавого.
Доста чесните и вредни Македонци ги јава оваа разбојничка банда на лажговци, арамии и џган од сорта најдолна.
Да живее Македонија!
МИлчин и ти си лажен
Испратено на 02 март 2011 од БраневизамМИлчин и ти си лажен
Снажен текст, секоја чест и
Испратено на 02 март 2011 од Ханибал ЛекторСнажен текст, секоја чест и од мене!
Милчин е и мошне интересен стилист. Интересни ми се неговите архаични зборови и изрази: комендија, милум и силум, па им потфрла рефус, со еден туфек по два зајаци, сè уште не изматуфила, мативодите...
Интересно ја разбива и вообичаената синтакса: пред портите европски, заробена од јамката груевистичка...
Ретко писмен, вреден и чесен човек! Ради тоа на членовите на Фамилијата им е коска во грло.
Честитки и до Окно што ги пренесува колумните на Милчин.
Милчин како верен слуга
Испратено на 02 март 2011 од pesticidМилчин како верен слуга секогаш го поистоветува БЦ со Македонија. СРАМОТА!
Г-дине Милчин, И во што сте
Испратено на 02 март 2011 од БороГ-дине Милчин,
И во што сте Вие сеа поарен од Латас?
Мислите дека сите сме недоветни па потпаѓаме под влијанија на таквите како Вас, Латас, Мирка, Биљана, Борјан, Миленко и сличните?
Разрешувањето на дилемата гласи „Груевски, Црвенковски, Петковски, Љубчо, Љубе, Заев и сите погореспомнати и неспомнати, со акцент на Владимир Милчин и Сорос ГИ ДАВАМЕ, Македонија не ја даваме!“
@ Боро Да го рамните Милчин
Испратено на 02 март 2011 од Логичар@ Боро
Да го рамните Милчин со Мирка и Латас не е само навреда.
Тоа е смртен грев.
Или сте таен подржувач на Фамилијата?
Господ нека ви се смилува и да ве спаси од пропаст во адот во кој итате.
Груевски го даваме Македонија не ја даваме!
смртен грев? ви сосе милчин
Испратено на 02 март 2011 од pesticidсмртен грев? ви сосе милчин целосно сте одлепиле. БЦ = Македонија, Милчин = библиски лик? Не БЦ+Милчин = офуцани политичари арамолепци.
Сте забележале ли, Окнаши,
Испратено на 02 март 2011 од АналитичарСте забележале ли, Окнаши, колку се шарени и разнородни текстовите против груевизмот (да речеме, на Героски, Тричковски, Трајаноски, Милчин, Ризаов, Гелевски итн.); а колку се затупувачки исти и безлични текстовите на поддржувачите на изродбата?! (Димовски, на пример, е матрицата за таа сива сива фразерска и демагошка унисоност.)
Но, се прашувам можно ли е луѓето токму заради тоа (сивоста, ограниченоста, сведеноста на две-три пропагандни пораки) појасно да ги примаат пораките на изродбата отколку слободарските и полифони пораки на мноштвото различни ИНДИВИДУИ?! Да, сосема се согласувам со дилемата на Милчин, Груевски или Македонија, но би понудил и нова: слобода или ропство? Притоа, немојте воопшто да ја потценувате моќта на ропството! Да бидеш сив, невидлив, послушен, поданик, се чини воопшто не е толку лошо варијанта во ориенталните култури, кон кои Македонија делумно припаѓа.
@ Логичар :) Неверојатно лошо
Испратено на 02 март 2011 од Боро@ Логичар :)
Неверојатно лошо одбран ник „Логичар“ за некој што како смртен грев дефинира различно мислење...
Очигледно мојот коментар, посебно делот „Мислите дека сите сме недоветни па потпаѓаме под влијанија...“ не се однесува на такви како Вас, бидејќи очигледно, со дефиницијата за смртен грев, се декларирате како некој што неверојатно лесно потпаѓа под влијание, не е важно дали е тоа Милчин или некој друг.
За мене сите тие се исти, една поширока „фамилија“ и сите треба да си заминат заедно, но се додека има такви кој се стресуваат на критичката мисла изразена кон некој нивни идол (како што очигледно за Вас е авторот на текстов) тешко дека нешто ќе се смени.
Логичар - инквизитор хахахаха класичен оксиморон
Вашата намера е јасна. Со
Испратено на 02 март 2011 од ЛогичарВашата намера е јасна.
Со твредењето „Мислите дека сите сме недоветни па потпаѓаме под влијанија...“ сакате да му импутирате на г-ин Милчин дека врши пропаганда.
Велите ’..сите погореспомнати и неспомнати, со акцент на Владимир Милчин и Сорос ГИ ДАВАМЕ, Македонија не ја даваме!“.’
В. Милчин не е на власт па да биде предмет на ре(избор). Сите се исти, е омилена замка на груевистите за разочараните и неопределени граѓани/гласачи. По последните анкети 54% се неопределени. Вие како партиски војник целите да ги обесхрабрите нив од приоѓање на опозициониот фронт. Кој овде врши пропаганда, Милчин или вие?
Дали е смртен грев или различно мислење? Вашето ’различно мислење’ е вусшност задржување на истото мислење (она на груевистите, кое до сега е на сила). Да го навредувате еден истакнат интелектуалец, познат режисер, кој е ангажиран на враќањето на достоинството и нормалноста во Македонија, наместо моменталново беснеење на уличарите во најмала рака е чинење зло.
Јас го ценам неговиот сегашен ангажман, наместо да си биде настрана и да си ужива во директорската позиција во Сорос фондацијата без да му е гајле. Ама тој има совест и добро е што е со своите сограѓани во ова тешко време.
Последицата од таквите дејствија како вашето во збир значи зголемување на злото. Оваа власт катадневно генерира тешки трагедии кај многу понижени и обесправени граѓани (се нагледавме солзи кај земјоделците, кај роднините на починатите по болниците кои попусто талкале по помош кај и така обесправените лекари, на наведнатите глави на професорите, кај стечајците кои полицијата ги турка во калта крај автопатиштата; се нагледавме лажни митингаши, содома и гомора!) Ако вас ве радува продолжувањето на овие состојби, каде ви е душата освен во согрешение и конфликт, и со здравиот разум и со човечките, ама и со божјите закони?!
Лажната теза за наивни дека сите се исти, а (во ваша интерпретација) Милчин е наједнаков е една подмолна измама.
Дали јас го идолатризирам Милчин?
Не. Само сметам дека нема да му е на одмет малку подршка. Зошто на нас што ни е збоктисано од груевистите да ни биде забрането да се здружиме и солидаризираме?
А во исто време да не ни здодеваат (на секого по 10) добро платени, арогантни, за привилегиите загрижени, бојовници на ’преродбата’?
За тоа кој е (окси)морон нека судат читателите.
За Вас како и за груевистите
Испратено на 02 март 2011 од БороЗа Вас како и за груевистите сeкој што не мисли како папата е “партиски војник“ на спотивната, која и да е тоа, страна???
Да, јас сум морон што се обидувам на еден верник (кој се потпишува како логичар) да му го докажам непостоењето на бог.
И згрешив, што ми требаше она „окси“ :) оти само на морон не му е јасно што прави Милчин 15 години.. ако тоа не е пропаганда, тогаш Вие сте Логичар.
И сега, кој е партиски војник... и чив?
Стојам зад проценката дека
Испратено на 02 март 2011 од ЛогичарСтојам зад проценката дека сте загрижен партиски војник. Тоа просто еманира од вашите зборови. Тоа е една школа на (не)мислење, која тешко може да се погоди ненамерно.
Дури и по некој случај сепак тоа да не е така, како што тврдите, тогаш не сте сфатиле дека ситуацијата е дојдена до таму да повеќе немаме луксуз да бидеме неопределени, незаинтересирани и блазирани.
За жал, констатацијата е веќе општо место, дпмневците ни го одзедоа граѓанското право да бидеме спокојни, на избори да бираме свои службеници (а не тирани) и да не се плашиме кого ќе заокружиме. Дури елемантарното право на фер избори е под голем знак прашање.
и алтер егото на коља е тапа
Испратено на 02 март 2011 од pesticidи алтер егото на коља е тапа исто како и неговото его.
Коља - Валтер:)
Испратено на 03 март 2011 од Валтер го брани СараевоКоља - Валтер:)
Може да не ги сакате ниту
Испратено на 02 март 2011 од ГоранМоже да не ги сакате ниту СОРОС, ниту Милчин, ама тие никако не се одговорни за состојбите во државата. Одговорен е Груевски. Освен тоа, Милчин иако бил партиски определен и активен, никогаш не бил нем поддржувач на СДСМ, што не можам да го кажам за луѓето во ДПМНЕ денес. СДСМ беше многу недемократска партија и внатрешно и надворешно во 90тите, за разлика од тогашното ВМРО ДПМНЕ на Георгиевски, но затоа пак денес е обратно.
Навистина се надевам дека
Испратено на 02 март 2011 од СкопјеНавистина се надевам дека дилемата „Грујо или Бранко“ е лажна и оти папата ќе се повлече и ќе остави место на луѓе како Милчин, Исмаил, Фрчкоски и Бучковски, како и некои од новите помлади луѓе. Па, по следните избори и поразот на ДПМНЕ и Груевски ќе биде сменет заедно со братучедите, па и во ДПМНЕ ќе дојдат други луѓе, па белким нешто понормално и подемократско општество ќе имаме.
:-))
Испратено на 02 март 2011 од 15ти Септември:-))
колумни на милчин, фрчко,
Испратено на 02 март 2011 од pesticidколумни на милчин, фрчко, ѓунер исмаил, БЦ сака да биде премиер по 12 пат...1994 или 2011?
Баба Мулон, дај учи не сега
Испратено на 02 март 2011 од УМС на ЗелениковоБаба Мулон, дај учи не сега која стратегија да ја употребиме. Ја гледам 3 можни:
1. Да излеземе цело село, масовно на избори и да гласаме за Бранко кој откако ќе победи на изборите, ќе ја спаси мајка Македонија, а ако се смилува и нас.
2. Да ги бојкотираме изборите, зошто знаеме дека Гвујо ќе ги украде, за подоцна да кренеме арапска револуција, ама наша.
3. Да одиме на избори и да гласаме за Бранко спасителот Македонски и Козмички, па ако изгубиме од било кои причини (регуларно или Гвујо да ги украде изборите), пак ќе дигаме револуции.
Ајде, пишувај побрзо, да ја спасиме мајка Македонија.
Сите од УМС на Зелениково
Испратено на 03 март 2011 од ФилософСите од УМС на Зелениково најдете коњ Зеленко и да му се фатите за опашката. Последниот што ќе се фати фрлете го во Вардар. Ако ислива турете го да ви биде кмет. И јавете ну на Грујо да ви прати трици, со субвенции!
човекоид
Испратено на 03 март 2011 од pesticidчовекоид
Na site tekstovi vo Okno,
Испратено на 02 март 2011 од kabalistNa site tekstovi vo Okno, napravi edno search-and-replace na Gruevski so Crvenkovski, i Crvenkovski so Gruevski, i kje dojdesh do vistinata.
Добар текст, со логична
Испратено на 03 март 2011 од ГеТоАрДобар текст, со логична структура, што е природна реткост во напливот на колумнисти, анал-итичари и пропагандисти.
Сепак, дури и да се вистински 600,000 потписи собрани од Газда Тузот, кој гарантира дека тие ќе излезат на улица за да променат нешто?
Бедна е демократијата каде ликови како Рамковски се синоним за медиумска слобода, уште победна е опозицијата која се крсти на такви ликови!
Stara komunjara koj glumi
Испратено на 04 март 2011 од GebelsStara komunjara koj glumi demokrata = definicija za Vladimir Milcin
Aman vekje koga ke se svestat tipovite kako Milcin deka narodot ne testo koe mozat politicki da go oblikuvaat onaka kako nim im odgovara.
Ne ve esapi nikoj osven se razbira onie koi se grebat za nekoj nevladin denar od vasata fondacija.