На која страна од новата железна завеса?

28.06.2024 14:11
На која страна од новата железна завеса?

Кога претседателот на Европскиот совет неодамна изјави дека Европската Унија мора да продолжи да прима нови членки или ќе се соочи со „нова железна завеса“ и дека „проширувањето е од витално значење за иднината на Унијата“, тоа беше сигнал за оптимизам за земјите од Западен Балкан.

Ова не е првпат високи функционери од Брисел како Шарл Мишел да повторуваат дека „вратата е отворена“. Тоа трае цели две децении од самитот во Солун, но новиот оптимизам е втемелен во геополитичката ситуација: Европа за првпат по Втората светска војна се соочува со сериозен вооружен конфликт.

Европејците никако не би сакале војната на истокот да се прелее на остатокот од континентот, решени да ги спречат евентуалните освојувачки амбиции на Москва и веруваат дека приемот на нови членки обезбедува единство. Процесот на интеграција се забрзува, преовладуваат политичките причини како некогаш во случајот со Бугарија и Романија, но тоа не значи дека нема да се почитуваат основните критериуми за членство.

Русија со агресијата врз Украина го размрда Брисел и внесе нова енергија во идејата за проширување, па европските функционери сега ја актуелизираат идејата за проширување, но мора да водат сметка и за расположението на јавноста во своите земји.

Истражувањата покажаа дека пред јунските избори за Европскиот парламент, проширувањето не најде место на списокот на топ десет теми меѓу гласачите. Наклонетост, со исклучок на Унгарија и Франција, постои само за Украина, која доби кандидатски статус во рекордно кус рок, но приемот на Киев ќе го наруши редот воспоставен пред две децении во чекалницата.

Можната интеграција на Украина – земја чиј БДП по глава на жител е трипати помал од најсиромашната членка на Унијата, Бугарија – предизвикува стравување дека ќе ги дестабилизира буџетските структури на ЕУ. Според некои процени, пристапувањето на Украина би можело да ги чини даночните обврзници меѓу 110 и 136 милијарди евра во период од седум години.

Австрија, Данска, Франција и Германија предничат во ставот дека проширувањето не треба да се случи во блиска иднина, додека приемот на нови членки има најголема поддршка во Полска и Романија. Како што стојат работите, најблиску до целта е Црна Гора, а по неа е Албанија. Северна Македонија сè уште е перфидно блокирана од Бугарија, а прашање е колкав ентузијазам во проширувањето ќе внесат националистите од ВМРО-ДПМНЕ. Босна и Херцеговина во март конечно ги отвори пристапните преговори, но многу е далеку. Косово, Грузија и Молдавија се уште подалеку. Турција ретко кој ја споменува.

Србија е приказна сама за себе и продолжува да ја дели Европа: 37 отсто од гласачите се против, 35 се „за“, но најголемата пречка е српската власт. Со својата надворешна политика на источни преференции и авторитарност на домашната сцена, земјата систематски се оддалечува од Европа, до степен што може да се каже дека преговорите се во состојба на хибернација.

Наместо да се приближи до стандардите на ЕУ во најважните критериуми во однос на владеењето на правото и демократијата, Србија по една деценија преговори уназадува. Ниту едно поглавје/кластер не е отворено цели две и пол години. Составот на новиот кабинет – кој вклучува министри од списокот на американски санкции и антизападни десничарски патриоти – не навестува дека трендот ќе се промени.

Европското движење во Србија не случајно ја повика Владата со зборови и дела недвосмислено да потврди дека нејзината главна надворешнополитичка цел е влез на Србија во ЕУ. Нив баш им е гајле. Српската власт не покажува намера да изгради правна држава со силни и независни институции, пред сѐ во правосудството. Реформите постојат само како разгледница кога се бараат инвестиции на Запад.

Сега сè дополнително се искомплицира. Шефовите на дипломатиите на ЕУ во Луксембург поставија ѕид пред Белград: или во согласност со Охридскиот договор, ќе престанат да го попречуваат членството на Косово во меѓународните организации, или нема ништо од европските аспирации. Клучните делови од Охридскиот договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово се вклучени во поглавјето 35 од документот за преговори меѓу Србија и ЕУ.

Белград се определи за курс на колизија па и понатаму на секаков начин се обидува да го спречи влезот на Косово во Советот на Европа и бара Приштина прво да ја исполни претходно дадената согласност „да обезбеди соодветно ниво на самоуправа на етничката српска заедница во Косово“. Иако околу Заедницата на српските општини ја има целосната поддршка од Западот, Александар Вучиќ ризикува да ја изгуби така што, спротивно на договорот од Охрид, се бори да не се признае пасошот со националните симболи на Косово.

Вучиќ има своја сметка. Со амбиција да биде велемајстор на балансирањето, лидерот на Србија калкулира дека сите негативни поени, како невоведувањето санкции против Русија и попречувањето на нормализацијата со Косово (со сесрдна поддршка на Албин Курти) ќе ги израмни со извоз на муниција во Украина. Не директно, туку преку САД, Шпанија или Чешка, но смета дека продадената муниција вредна околу 800 милиони евра е залог на солидарност со Западот.

Дали се тоа „длабоките и суштински промени“ во надворешната политика што ги најави Вучиќ? Дали е тоа доволно во време кога е јасно дека нема збор за поенергично свртување кон ЕУ (со исклучок на авторитарната и проруска Унгарија)?

Она што е ново во пристапот на ЕУ кон Западен Балкан и што ни новите институции нема да го менуваат е дека брзината на прием пред сѐ ќе зависи од земјите што веќе имаат кандидатски статус или ги отвориле пристапните преговори. Планот за раст, европски пакет од тригодишна финансиска помош за регионот од шест милијарди евра, директно го условува пристапот до фондовите со реформи.

Дали е тоа добра или лоша вест?

Одложувањето на проширувањето во недоглед секако не е во интерес на ЕУ и на Западен Балкан, но се чини дека им одговара на политичките саботери кои од демократските реформи бегаат како ѓавол од крст. Одговорноста несомнено е зголемена затоа што сега останува на властите од регионот, пред сѐ во Белград и Скопје, да изберат дали железна завеса меѓу Западот и политичките и идеолошките сојузници на Кремљ, за која зборува Шарл Мишел, ќе ги постави на западната или источната страна.

Карикатури: Душан Петричиќ

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото