Асанж е слободен, а ние?

01.07.2024 00:30
Асанж е слободен, а ние?

Со години се борев заедно со Џулијан Асанж и за него. Кога слушнав дека најпосле е слободен, мојата прва помисла беше дека се враќа во свет кој изгледа - и е - многу полош од оној што го остави зад себе. Пандемиите, војните и распространетиот еколошки крах нè принудуваат да си го поставиме големото прашање: Во која точно смисла ние, кои вдишуваме свеж воздух надвор од затвор, сè уште сме слободни?

Дури и нашите дела на фикцијата се сè полоши. Новиот детски филм Inside Out 2 ја следи 13 годишната Рајли на почетокот на пубертетот. Нејзините персонифицирани емоции - Радост, Тага, Страв, Бес, Гадење - направиле нов дел во нејзиниот мозок наречен „Чувство за себеси“. Тогаш доаѓаат четири нови емоции - Страв, Завист, Срам, Здодевност - и доаѓа до конфликт. Радоста мисли дека Рајли би требало само да се грижи како убаво да си помине во кампот, додека Стравот сака Рајли да добие место во тимот и да запознае нови другари. Најпосле, првата и втората генерација емоции учат да работат заедно за да го заштитат постојано променливото Чувство за себеси, оставајќи ги гледачите со тотално лажна претстава за човечката душа.

Во реалниот свет овие внатрешни психички тензии често ескалираат до лудило. Многу подобар филм би ги прикажал емоциите на некое палестинско момче во рушевините во Газа, а не на девојче од богатото предградие на Лос Анџелес. Наместо да работат заедно на формирање стабилно сопствено јас, неговите конфликтни емоции би го турнале кон психички крах и самоубиствени акти на насилство. Да се сетиме на сјајниот опис на Честертон од Правоверие:

„Војникот опкружен со непријатели, ако сака да се пробие, мора да ја комбинира силната желба за живот со негрижата за умирањето. Не смее само грчевито да се држи до животот, зашто тогаш ќе биде кукавица и ќе побегне. Не смее само да ја чека смртта, зашто тогаш ќе биде самоубиец и нема да побегне. Мора да живее во духот на лудачката рамнодушност кон животот; мора да копнее по животот како по вода, а сепак да ја пие смртта како вино.“

Неодамнешниот документарец на украинскиот режисер Олег Сенцов, Реално, совршено ја прикажуваа оваа комбинација на спротивностите. Откако неколку години беше политички затвореник во Русија, Сенцов замина да се бори во украинската војска. Филмот се состои од 90 минути Go Pro снимки во моменти додека не бил свесен дека камерата му е вклучена. Претставен како немонтиран, филмот прикажува чудна мешавина на ужас и досада која го дефинира животот на линијата на фронтот.

Такви дуалности се провлекуваат низ целиот филм. Баналната бруталност на реалното е испрекината со волшебни моменти на она што најдобро би можело да се опише како бесмислена смисла. Сенцов се присетува на моментот непосредно пред да почне снимањето во Реално: „Имаше еден војник кого го викаа Џони, ветеран од војната во Авганистан. Одеше да евакуира ранети, но беше погоден. Успеа да го воспостави последниот радио повик и само рече: 'Се јавува Џони. Јас сум мртов.'“ Тоа е момент на автентичен метафизички апсурд.

Многу филмски критичари веруваат дека Реално ја прикажува војната каква што навистина е. Ако намерата на авторот била таква, неговиот филм би бил само уште една пацифистичка химна на бесмислената апсурдност на војната. Иако Сенцов ја согледува бруталната бесмисленост на ситуцијата, тој во основа верува дека борбата за праведното мора да продолжи. Откако ќе ја искорне сета романтика од херојството на бојното поле, Реално покажува што значи вистинска храброст: прифаќање на бедата на воената борба, а не нејзино прикривање со патетични фантазии.

Тоа е пораката која ни е потребна сега. Во случајот на Украина, пацифизмот е искористен за оправдување на руската воена агресија. Оние кои ѝ се противат на западната поддршка на Украина порачуваат: „Не смеете да му пружате отпор на окупаторот, зашто тогаш ќе станете исти како него.“ Во Светата земја пораката е слична, но известувањето на мејстрим медиумите се разликува суштински. Очигледен е напорот да се манипулира со нашата перцепција на она што се случува, за да се ограничи емоционалното влијание. Додека Израелците беа убиени во „масакрот“, Палестинците се „најдени мртви“. Ваквите облици на „мека“ цензура го проткајуваат јавниот дискурс.

Дали знаевте дека голема група израелски еврејски интелектуалци неодамна ги повика сите членки на ЕУ, Обединетото Кралство и другите земји да ја признаат државноста на Палестина? Западните медиуми едвај известија за ваквиот храбар чин. Главните настани кои би можеле да го вознемират сензибилитетот на западната јавност или не се споменуваат или за нив се известува само во кратките вести на дното од страницата.

Колку луѓе забележаа дека на 20 јуни 2024 година Израел усвои практична анексија на Западниот брег, при што израелските одбранбени сили ги пренесоа тамошните овластувања на „државните службеници кои им се наклонети на доселениците“? Палестинците добро ќе ја разберат иронијата на овој потег. Додека воената окупација подразбира извесна дистанца од Израел, оваа нова диспензација значи дека тие се интегрираат во израелскиот граѓански поредок - додуша, оној во кој доминираат шовинистите кои сакаат да ги исклучат.

Овие примери покажуваат зошто ни се потребни хероите како Асанж. Го направи она што требаше да го направи и за тоа плати висока цена. Дојде време и други да го продолжат она што го започна Асанж. Притоа не мислам само на работа туку и на повик. Асанж не реш да го направи Викиликс и да разоткрива државни тајни за да внесе малку разонода во својот живот. Го направи тоа зашто не можеше поинаку. Затоа насетувам дека е среќен човек и покрај сите маки што ги доживеа.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Simon Regis

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото