1025 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Пет, 16.01.2026 00:42

(Кон претставата „Парови“ по текст на Ана Ристоска Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, а во продукција на Драмскиот театар од Скопје. Главни улоги: Стефан Вујисиќ, Игор Стојчевски, Лазар Христов, Ирена Ристиќ, Јасмина Василева)
Еден од моите најомилени писатели е Рејмонд Карвер, автор чие понирање во интимните релации на човекот е исклучително круцијално не само за книжевноста, но и за дугите уметности. Така, многу ме израдува филмот на Роберт Алтман „Кратки резови“ кој беше базиран врз расказите на Карвер. Овој одблесок од впечаток ми помина низ главата додека ја гледав најновата премиера на Драмскиот театар „Парови“ по драмскиот текст на Ана Ристоска Трпеноска, во режија на младата режисерка Ивана Ангеловска. Оваа пиеса е пренесена низ немирната вода на младите мажи и жени кои се обидуваат да се најдат себеси во меѓусебните релации, а во исто време нивното либидо, нивните предрасуди и нивната его констелација да останат недопрени. Да виреат и да го чекаат зад аголот моментот кога ќе ја нападнат институцијата брак или каква било друга врска.
Ана напишала пиеса која е консеквентна, доследна и метафорички доволно далечна за тангенцијално да стане мал рецидив на постдрамскиот израз кој е неопходен во овој вид на драматика. Таа во својот кастинг има профили кои ликовите ги навлекле на себе за да го маскираат својот цивилизациски предизвик затоа што комплексноста на денешницата преполна со информации носи лажен комодитет кој на човековиот духовен развој делува како дрога: на почетокот слатка, а потоа смртоносна. Така, во едно од ткивата на овие ликови е нивната социјална и општествена реконвалесцентност која самите тие ја доживуваат како наметната состојба и истураат низа „неочекувани“ иницијации и реакции.
Оваа драматургија што ја одбрала Ана е особено тешка затоа што ѝ треба „трет чин“, како што вели великиот Крлежа. Писателот, Уметницата, Брачната советничка (Relationship Coach), Бизнисменот, Малечката, Докторот, Барменот, Банкарката/Менаџерка, Инжинерот/Таксистот, Очната лекарка се дел од светот кој Рејмонд Карвер го нарекува „невидлива линија“. Во својот краток расказ „Од каде што се јавувам“ вели: „Еднаш те сакав толку многу. Да, те сакав. Повеќе од сè на целиот свет. Замисли го тоа. Каква смеа е тоа сега. Можеш ли да поверуваш? Бевме толку интимни некогаш што не ми се верува сега. Сеќавањето дека сум толку интимен со некого. Бевме толку интимни што можев да се изблујам. Не можам да замислам дека некогаш сум бил толку интимен со некој друг. Не сум бил.” Низ овие намекнувања се движи и драматургијата, но и претставата „Парови“. Поставена во Гротовсковски манир, скоро на празна сцена, оваа претстава блика со актерска енергија која е компактна, смела и метаболитичка кога станува збор за публиката.
Во овој режисерски концепт можеме да забележиме една младешка несигурност, но и една иницијална умешност во работата со актерите и актерките кои ги има на различни возрасти. Она што најмногу импонира во овој кревок концепт на младата режисерка Ивана Ангеловска е нејзината храброст да се откаже од влијанието на визуелниот аспект на претставата, т.е. да го има во една минималистичка количина и да се посвети на оживотворувањето на ликовите и на приказните што тие ги продуцираат, како и на наивниот значенски аспект. Во таа насока, таа актерска гама ја исполнува сцената и отвора еден свет кој и публиката го чувствува во себе, но кој е и драматуршки многу интересен.
Во овие Шницлеровски варијации се вмрежија многу приказни, многу неверства, многу ориентации, многу скитања, многу недоследности во нивните животи, многу изневерени очекувања. Од актерските проблесоци најпрво би го издвоил младиот Лазар Христов чиј Таксист носи една животворност која воодушевува. Неговата актерска елоквентност издигнува лик кого го гледаме со целата негова биографија, со целиот негов емоционален микрокосмос и секако го препознаваме во артикулацијата на неговиот талент.
Овде се наметнуваат и Ирена Ристиќ, која својата стаменост и повремена ригидност ја подарила на својот лик по не знам кој пат, градејќи одлична улога, а ќе се навратиме и на еден од најспецифичните актери кај нас, Игор Стојчевски кој обликува лик што страда заради својата неодлучност и недореченост, одличен во своите говорни и емоционални експресии, но и актер кој многу добро знае да го заокружи својот лик. Секако, дека една од најизразните актерки во претставата е и Јасмина Василева чија суптилна духовитост е една од алките што е особено неопходна во ваквото милје на ликови, актерка која својата говорна стабилност знае добро да ја отелотвори и во иронијата што ја подарува на својот лик. Во оваа насока би го споменале и Стефан Вујисиќ чија мелахноличност и суптилна рефлексивност се пресудни за ликот кој како да лебди некаде околу нас, креација која е можеби типична за сензибилитет што го има тој, но е креација која одушевува. Секако, за сјајното водење на дејствието и за компактноста на целата претстава, допринесоа со својата енергија и Игор Ангелов, Димитрија Доксевски, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ и Нина Елзесер.
Визуеланата компнента во онаа минималистичка верзија е чистата сцена и мноштвото столови како сценографија на Константин Трпеноски, обогатена со современите костими на Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев чија складност во боите само ја поддржуваа актерската артикулираност, додека музичката илустрација, исто во една суптилна варијанта е на Ади Имери.
Ана Ристоска Трпеноска вели: „Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот.“ Таа во еден момент од својата драмска предлошка низ ликот на Барменот ќе го каже и ова: „Уморен сум и од машки и од женски. Нема љубов, сите се површни, сакаат само секс. А јас сакам некој да ме сака, како тебе, да имам фамилија.“ И конечно, тука стигнуваме до крајниот значенски лакмус на текстот и на претставата, а тоа е „љубовта“. Онаа љубов која не звучи излитено и тривијално, туку љубов која има длабока провалија во себе од која замирисуваат темните состојки на нашиот духовен корпус. „Парови“ е претстава за една достага која взаемно, во ист момент ја чувствуваат и ликовите, и актерите, а и публиката. Без остаток и со голема, но сè уште од човекот несфатена порака.
