1029 hPa
80 %

-3 °C
Скопје - Вто, 11.02.2025 22:59
Поранешната репрезентативка Жозефин Хенинг која беше четирикратна победничка во Лигата на шампионите и четирикратна германска шампионка, го напушта теренот во корист на уметноста. Како резидентна уметница во Музејот на фудбалот во Дортмунд, таа сега дизајнира партиципативни уметнички и креативни работилници за Европското првенство.
Музејот ги спојува уметноста и фудбалот во еден вид пријателски натпревар во изложбата со наслов „Во движење - уметност и фудбал”. Поставката прикажува слики од европската уметност од 20 век, како и малку познати или ретко видени уметнички дела кои се фокусираат на фудбалот .
Ова фантастично просторно искуство вклучува 41 проектор, 45 звучници, 110 рефлектори и огромни проекциски површини кои покриваат 1000 квадратни метри.
„Фудбалски терорист”, Банкси
Дали, Полке, Банкси, Лагерфелд и фудбал
Модната ѕвезда Карл Лагерфелд, кој почина во 2019 година, на изложбата е претставен со карикатура на фудбалскиот функционер Ули Хенес, кој беше осуден за затајување данок. Прикажан е како фудбалер со стомак од тенџере со кожени панталони и окови.
Иако надреалистичкиот уметник Салвадор Дали обично не е поврзуван со спортот, тој исто така е претставен на изложбата, бидејќи некогаш го насликал својот пријател писателот Жом Миравитлес како мускулест фудбалер.
Асоцијацијата на англискиот збор „shooting” (кој означува и пукање и шутирање), е претставена во дeлото на Банкси, кое прикажува „фудбалски терорист” со калашников кој му виси на рамо додека наместо топка, шутира бомба.
Сите слики на изложбата се проектирани во големи формати, а секоја земја учесничка на УЕФА Еуро 2024 е претставена со најмалку еден уметник.
Но, зошто уметноста е фасцинирана од фудбалот?
„Фудбалот беше израз на модерноста во 20 век. Уметниците беа фасцинирани од начинот на кој фудбалот ги допираше и влијаеше на животите на луѓето. Денес тој е вообичаен дел од животот, но тогаш претставуваше ново достигнување”, објаснува директорот на музејот Мануел Нојкирнер.
Паралелниот развој на уметноста и фудбалот
Изложбата алудира на тоа дека уметноста и фудбалот се два феномени кои имаат повеќе заедничко отколку што мислиме. Атлетизам на теренот, движење, брзина, драма - уметниците откриваат широк спектар на теми во фудбалот.
Авангардното уметничко движење на футуризмот на почетокот на 20 век со својата поетика е блиско до динамизмот на фудбалската игра, како во делата на сликарот и скулптор Умберто Бочиони (Динамизмот на фудбалерот, 1913; Единствени форми на континуитет во вселената, 1913) кои доловуваат масовна кореографија на телата во вселената, како израз на движење и флуидност.
Фудбалот им ветува на ентузијастите бура од емоции, 90-минутен наплив на адреналин, и дополнително време кога е потребно. Но, оваа поставка ги прикажува светлите и темните страни на фудбалот.
Сепак, како и во реалноста, жените се недоволно застапени на оваа изложба. И во уметноста фудбалот има тенденција да биде машка игра. Инспириран од непријатноста на таквата поставеност, германскиот фудбалски музеј има планови да ја редизајнира постојаната изложба на начин на кој женскиот фудбал би заземал централно место. Џозефин Хенинг е оптимистка во однос на иднината и би сакала да види поголеми остварувања кога станува збор за женскиот фудбал и долгорочните изгледи што произлегуваат од тоа.
Патем, уметност од малку поинаков вид може да се најде во ризницата на Германскиот фудбалски музеј. Оригиналните трофеи освоени од германскиот тим во последните децении - три трофеи на Европското првенство и четири Светски првенства можат да се видат токму таму.
Изложбата во Музејот на фудбалот во Дортмунд ќе биде отворена до 25 јануари 2025 година.
По успехот со германската женска Бундес лига, Жозефин Хенинг сега слика наместо да дрибла
Извор: https://www.dw.com