Синдикатите против екстремната десница

02.07.2024 00:21
Синдикатите против екстремната десница

Како што напредуваат преговорите за формирање раководство во институциите на ЕУ, европското синдикално движење групирано во Европската синдикална конфедерација (ЕТУЦ) повикува на одбивање соработка со кој било дел од радикалната десница. Синдикатите потсетуваат дека екстремната десница тврди дека ги поддржува работниците, но реално ги напаѓа нивните синдикати и нивните демократски права, уништувајќи ги човековите права, а особено правата на жените.

Во своето соопштение синдикатите јасно порачуваат дека синдикатите се „дијаметрално спротивни“ на целите на радикалната десница зашто синдикатите ги обединуваат сите работници, а екстремната десница ги издвојува најслабите и од нив прави жртвени јагниња, додека се преправа дека ѝ се важни интересите на работниците. Во својата Повелба за вредностите, Европската синдикална конфедерација се обврзува да работи на „промовирање на слободата на изразување и учеството на жените и мажите во демократскиот живот во општеството, на работното место и во националното, европското и глобалното управување.“ Оваа повелба ја усвоија европските синдикати кои застапуваат вкупно 45 милиони работници, а во неа се отфрлаат и режимите кои ги поткопуваат демократијата, слободата на медиумите и темелните права и слободи на луѓето.

Главната секретарка на ЕТУЦ, Естер Линч, изјави: „На нашите работни места, во просториите во кои се донесуваат одлуки и на улиците, прогресивните сили мораат да соработуваат за да не дозволат влез на радикалната десница, што е должност на сите. Синдикатите се дијаметрално спротивни на целите на радикалната десница. Таа секогаш ќе бара лесно решение и ќе ги претвора послабите во жртвени јагниња. Таа е криптонит за демократијата и мора активно да се изолира. Однесувањето на екстремната десница на европско и национално ниво покажува дека таа ги напаѓа луѓето зашто се жени, заради оние што ги сакаат или заради бојата на нивната кожа. Тие нема да успеат да го измамат работниот народ. Ние знаеме дека не ја црпиме својата колективна сила така што ѝ дозволуваме на омразата да нè раздвои, туку обединувајќи се за да би можеле да ги повикуваме на одговорност оние кои имаат моќ“.

Линч потсети дека давањето право на глас на работниците на работното место е „камен темелник на секое демократско општество и противотров за радикално десниот и антиработничкиот популизам“. ЕТУЦ во последно време интензивно предупредува на процесите кои ја нарушуваат демократијата на работното место заради ризикот од подем на екстремната десница. Работничките права во Европа последнава година пропаднаа побрзо од кој било друг дел од светот, заради нападите на колективното преговарање. За општото влошување во целиот регион придонесе криминализацијата на штрајковите и стигматизацијата на штрајкувачите во Белгија и Франција, како и забраната на штрајковите во Албанија, Унгарија, Молдавија, Црна Гора и Обединетото Кралство. Во повеќето европски држави се крши правото на штрајк и колективно преговарање, а меѓу „пославните“ примери се одбивањето на компанијата Тесла да учествува во колективните преговори и обидот на финската влада да го ограничи траењето на штрајкот на еден ден.

Од друга страна, токму постоењето на демократијата на работното место, во вид на колективни преговори, функционални работнички совети и синдикати, ја намалува и склоноста на гласачите на партиите од екстремната десница, а ја зголемува склоноста кон левите партии. Оваа врска ја потврдуваат повеќе истражувања, а за едно од нив подетално пишувавме неодамна. Чувството на немоќ, напуштеност и егзистенцијална несигурност низ кое поминуваат многу луѓе секој ден на своето работно место е совршена почва за псевдообјаснувањата што ги нуди екстремната десница. Од друга страна, истражувањата покажуваат дека работниците кои преку работничките совети на своето работно место имаат директно искуство на партиципација, солидарност и уважување, имаат и значително попозитивни ставови за демократијата и помалку се склони кон ставовите на екстремната десница.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Plop & KanKr

Извор: https://www.bilten.org/