1008 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Вто, 10.02.2026 13:59
Што научив во војните:
да марширам во такт со раце и нозе
како пумпи што пумпаат од празен бунар.
Да марширам во строј, а осамен да сум в среде,
да ријам во перници и сламарици
како во тело на љубена жена,
да викам „Мамо“, кога таа не може да ме чуе,
да викам „Боже“, кога во него немам верба,
па дури и да имам,
за војната ни збор не му кажувам,
како што не му се кажува на дете за ужасот на возрасните.
Што друго научив. Научив да си чувам пат за повлекување.
Кога престојувам во странство земам хотелска соба
до аеродром или до железничка станица.
Дури и на свадби
секогаш ја барам споредната врата
со знакот „Излез“ со црвени букви.
А битката започнува
како ритам од тапан за оро и завршува
со „повлекување в зори“. Забранета љубов
и битка. Обете напати завршуваат така.
Но најмногу од сѐ научив за камуфлажа,
да не стрчам, да сум непрепознатлив,
да сум дел од околината,
да сум дел од љубената.
Нека си мислат дека сум јагне или џбун,
дрво, сенка што дрвото ја фрла,
сомнеж, на сомнежот сенка,
жива ограда, мртов камен,
куќа, од куќата агол.
Да бев пророк ќе го заматев сјајот на визијата
и верата ќе ја смрачев со црна хартија,
магијата со мрежа ќе ја скриев.
А кога ќе ми дојде време, ќе си скројам камуфлажа за своја цел:
бели облаци со многу сино небо
и ѕвезди што во бескрај се нижат.
Превод: Зоран Анчевски