1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Пон, 11.11.2024 23:59
Во организација на Контрапункт, во рамки на деветото издание на КРИК – фестивал на критичка култура, на 4 јули (четврток) во 19:30 часот, ќе се одржи промоција на македонскиот превод на двете книги „Дивидуа“ (2016) и „Дисeмблажа“ (2022) од Гeралд Рауниг, кои претставуваат два дела од неговиот голем и исклучително значаен теориски и епистемолошки проект наречен „Машински капитализам и молекуларна револуција“.
Двете книги се во исклучително продлабочен, прецизен и комплексен превод на Жарко Трајаноски, а се објавени во едицијата „Пунктум“, која Контрапункт ја покрена во 2020, со цел да ја стимулира современата критичка теорија, филозофија и теорија на уметност и култура, преку преводи, но и преку промоција на домашни автори.
Во „Дивидуа“, Рауниг нè води низ испреплетената историја на индивидуалноста, општеството и заедницата, укажувајќи на можниот крај на централноста на „индивидуите“ и „индивидуалноста“ („поединците“ и „поединечноста“) како темелници на нашите доживеани современи искуства, а наместо тоа тој ги акцентира моделите на бидување заедно и на заедништво. Додека авторот ги препознава реакционерните аспекти на „дивидуата“ и „дивидуалноста“ бидејќи тие се спојуваат/конјугираат со поими како што се дисперзија, егзистенција и сличност, тој, исто така, нуди продуктивна и позитивна перспектива за нас и нашата општествено-политичка ситуираност, за тоа што значи да се биде дивидуален денес.
Во „Дисeмблажа“ продолжува со развивање на некои од тие идеи и имајќи веќе воспоставено нов теориски јазик околу дивидуалноста, во вториот дел од „Машинскиот капитализам и молекуларната револуција“, Рауниг продолжува да експериментира со идеите, но и со формите на отпор и самоорганизирање, користејќи специфичен и уникатен јазик кој почива на синергијата помеѓу филозофската проза и теориското пишување. Тој, ги продлабочува изворите за инспирација, за да ги распали отпорите против современиот капитализам и експлоататорското заробување на нашите енергии, а настраната мисла и традиционалните места на заедништво ги спојува заедно во одбрана на праксите на бројни востанија и дисемблажи, кои ги трансформираат нашите идеи за заедницата и сè што таа може да биде.
На исклучителната можност за средба и разговор со Гералд Рауниг, теоретичарот и филозоф своите ставови ќе ги презентира преку дијалог со бугарскиот филозоф и теоретичар Станимир Панајотов. Низ модерираниот разговор ќе се разгледа значењето и влијанието на клучните критични прашања на нашето време: Каква трансформација опишува машинскиот капитал? Што претставува концептот на дисемблажата, и која е политичката тежина на „асемблажата“? Дали дивидуата е „подобар“ облик на „себството“? Дали „дисемблажата“ е во спротивност на другоста? и Дали естетиката е невозможна форма на политика денес?
Книгите се издадена со поддршка на Гете институт – Скопје.
Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во eipcp (European Institute for Progressive Cultural Policies/Европски институт за прогресивни културни политики) како еден од уредниците на мултилингвалната издавачка платформа и како професор по филозофија на Zürcher Hochschule der Künste.
Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански, холандски, турски, а сега, во издание на Контрапункт во едицијата Пунктум, која е дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, и на македонски. Меѓу позначајните книги преведени на англиски во скорешно време се: Art and Revolution. Transversal Activism in the Long Twentieth Century, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2007; Art and Contemporary Critical Practice. Reinventing Institutional Critique, London: mayflybooks 2009 (Ed., with Gene Ray); A Thousand Machines , превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2010; Critique of Creativity, London: mayflybooks 2011 (Ed., with Gene Ray and Ulf Wuggenig); Factories of Knowledge, Industries of Creativity , превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2013; DIVIDUUM. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol.1, превод на Aileen Derieg, New York/Los Angeles: Semiotext(e)/MIT Press 2016; Dissemblage. Machinic Capitalism and Molecular Revolution, Vol. 2, Minor Compositions 2022. Во најава е Making Multiplicity, Polity Press 2024. Последните години значаен дел од времето Рауниг работи и живее во Малага, Андалузија, каде што ги истражува и работи со автономните колективи и алтернативните форми на самоорганизација.
Станимир Панајотов е истражувач на Катедрата за теорија на книжевност, на Институтот за литература, при Бугарската академија на науките. Докторирал на компаративни родови студии на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта, а исто така е и постдокторски соработник на Катедрата за логика, етика и естетика на Универзитетот во Софија, работејќи на неговиот проект Немополитика (2023-2026). Претходно, тој бил доцент по филозофија и културни студии (Тјумен, 2021-2023), постдокторски соработник во Центарот за напредни студии во Софија (Бугарија, 2020-2021), а предавал на различни курсеви по хуманистички науки во Будимпешта, Ерусалим и Софија. Тој работи на раскрсниците/интерсекционално на континенталната и феминистичката филозофија, нефилозофијата и доцноантичката филозофија и има објавувано во Minnesota Review, Aspasia, Heathen Harvest, и Metal Music Studies.
КРИК - Фестивалот за критичка култура, финансиски е поддржан од Гете Институт, Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија. Но гледиштата и мислењата што се изразени во неа се сепак само на авторот(ите) и не нужно ги одразуваат оние на Европската Унија или на Европската агенција за образование и (EACEA). Ниту Европската Унија ниту доделувачот на грантот не можат да се сметаат за одговорни за нив. Како и Agenzia Italiana per la Cooperazione allo Sviluppo (AICS), Tirana во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.