1017 hPa
71 %

9 °C
Скопје - Пет, 14.02.2025 11:59
Самоуверените елити се производ на успешни режими. Денешните елити од двете страни на Атлантикот се сè само не самоуверени. Веќе една година гледаат што се случува и со неверување ги тријат очите.
Во САД центристите се згрозени од неблагодарноста на масите за економските успеси на претседателот Бајден и нивното свртување кон Трамп. Подемот на различни форми трампизам во Европа - на сметка на либералните икони како што се францускиот претседател Емануел Макрон и германските Зелени - предизвикува сличен вид очај.
Ширум Западот неуспехот на драконските санкции да ја уништат руската економија, како и отпорноста на кинеските високотехнолошки компании спрема ударите на жестоките санкции, поттикнува мешавина од нихилизам и шовинизам. Колективната фрустрација на западните центристи, кои до неодамна веруваа дека нивната хегемонија не може да биде доведена во прашање, е резултат на три широко распространети митови.
Првиот мит е идејата дека центарот на политичкиот спектар по дефиниција е најголем противник на крајната десница. Вториот мит е идејата за репрезентативен примерок, некојси митски „просечен гласач“ кој одлучува за исходот на изборите. Третиот е верувањето дека санкциите и трговските царини можат да ги запрат Кина и Русија поради нивната зависност од западната технологија, капитал и платежни системи.
Покрај тоа што се неосновани, овие митови предизвикуваат фатални заблуди. Нивното откривање е неопходен но недоволен чекор на патот кон разбирање на сегашноста.
Да тргнеме од митот за непомирливиот конфликт меѓу центарот и екстремната десница и да се запрашаме: дали Макрон ќе успееше да се појави од никаде и да стане претседател на Франција ако Марин Ле Пен и нејзиниот Национален фронт (како што тогаш се нарекуваше партијата) не беше силен противник? Очигледно не. И дали некој како Марин Ле Пен би станал сериозна политичка сила ако немаше човек како Макрон, односно некој што ќе спроведува политики кои ги фаворизираат најбогатите (со намалување на даноците и печатење пари), а во исто време барем половина од населението плаќа огромен данок поради мерките за штедење? Повторно, не.
Иако нема сомнеж дека Макрон и Ле Пен се презираат (слично како демократите и Трамп во САД), нивната политичка моќ произлегува од оваа симбиотска врска. Политиката на државен социјализам за избраните и стегање ремени за сите останати, спроведена од политичкиот центар, придонесува за зајакнување на неофашистичката десница, додека јакнењето на екстремната десница ја потврдува клучната теза на политичкиот центар дека нејзините сили се последниот бедем пред налетот на неофашистите.
Сега разгледајте го митот за неблагодарниот просечен гласач кој непромислено го игнорира снажното постпандемиско закрепнување на западните економии. Сите оние кои се изненадени од политичкиот колапс на Макрон или кои ги обвинуваат масите во Америка дека ја потценуваат силната економија што им ја донесе Бајден, се главно луѓе кои живеат во свет на макроекономски показатели и статистички податоци по глава на жител. Според нивното верување, резултатите од изборите треба да зависат единствено од движењето на децималната вредност на БДП и процентот на намалување на стапката на невработеност.
Предизборната мантра на Бил Клинтон за изборите во 1992 година беше: „Работата е во економијата, будалче“. Тоа е мантра што уште се користи. Но, сега се поставува прашањето, за чија економија се работи? Кога ќе ги прашате луѓето кои едвај врзуваат крај со крај зошто се лути иако БДП расте, тие велат: „Можеби вашиот расте, мојот не. Кога ќе им кажете дека инфлацијата е под контрола, тие одговараат: „Цените можеби стагнираат, но тие се веќе превисоки за нас!“ Искрено зборувајќи, не е неочекувано што во светот по 2008 година животните шанси на огромното мнозинство се во надолна траекторија, и покрај светлите макроекономски показатели.
Преценувајќи го досегот на хегемонијата над сопственото население, западните центристички елити исто така ја преценија моќта што ја имаат над надворешните непријатели, особено над Русија и Кина. Во двата случаи резултатите од користењето на таа несомнено огромна моќ беа токму спротивни од она што беше цел.
Во случајот со Русија невидените западни санкции наметнати поради инвазијата на Украина се покажаа како божји дар за претседателот Владимир Путин. Неговата најслаба точка беше неговата ограничена моќ над руските олигарси кои ја намалија нивната изложеност на ризик со префрлање на голем дел од пленот на Запад. Санкциите му дозволија на Путин да ги принуди да изберат меѓу Русија и Западот. Покрај тоа, како поттик, тој доби можност да им понуди да преземат нови профитабилни бизниси (како Мекдоналдс или ИКЕА) од кои западните корпорации се откажаа.
Исто така, воениот режим на руската економија, отсечен од западните синџири на снабдување, иницираше процес на масовна реиндустријализација. Така, повеќе од неутрализирани се сериозните проблеми на недостиг на увезени полупроизводи и поврзаните скокови на цените.
Отпорноста на Кина дојде како уште поголем шок за креаторите на политиката во Вашингтон, кои беа уверени дека Бајденовиот Закон за чипови и наука - кој ќе им забрани на сите (не само на Американците) да продаваат напредни полупроводнички компоненти на кинески клиенти - ќе ги ослабне кинеските технолошки компании и ќе им помогне на САД да победуваат во втората студена војна. Но, Huawei разви врвен софтвер кој вади поголема процесорска снага од послаби микрочипови, додека кинеските производители на чипови сè побрзо го достигнуваат заостанувањето во развојот на хардверот. Во меѓувреме, поплава од евтини и технолошки супериорни електрични возила и опрема за производство на зелена енергија ги фати неспремни американските и европските власти.
Веројатно најголемиот удар за самодовербата на западните елити дојде по воведувањето санкции, кога се обидоа да го убедат населението дека производството ќе се врати дома. Дури тогаш сфатија дека 30 години неинвестирање во производство и во инфраструктура го направија Западот немоќен. Каде и да погледнеме - без разлика дали во Соединетите Држави, Велика Британија или Европската унија - гледаме земји на кои им недостигаат стручни знаења за да создадат нешто ново, знаења што некогаш ги имале; од британските железници и американската програма за нуклеарни подморници до зелената енергија, јавното здравје и многу повеќе.
Контрастот со она што се случува во Русија и Кина е извор на голем притисок врз креаторите на политики на Запад, кои корпоративните лобисти и тинк-тенкови успеаја да ги убедат, со децениска работа, дека можат да се лишат од сè што е неопходно за една држава да може да го направи она што треба да се направи. Останува да видиме дали оваа горчлива пилула ќе ги убеди да ги отфрлат трите митови кои толку долго ги држат во заблуда.
Карикатури: Пираро
Извор за текстот: Project Syndicate, 26.06.2024.
Превод: Н. Г.