Гордоста оди пред пропаста

03.07.2024 10:48
Гордоста оди пред пропаста

Колку е тешко да се објасни чувството на гордост, а колку е лесно зборот да се употребува во секојдневниот говор. Луѓето, а кога велам луѓето мислам на мнозинството обични, сосем нормални луѓе, без проблем го употребуваат поимот и како именка – како гордост, и како придавка – горд, или како прилог – демек гордо, користејќи ја очигледно јазичната интуиција во изнаоѓањето на неговата правилна употреба. И, може да се рече дека никогаш не грешат. Но сепак, ако прашате некого да ви го објасни вистинското значење на зборот, ќе наидете најчесто на немоќ, проследена со недоверба и навреденост.

Оваа контроверзност што се појавува во употребата на варијациите на поимот гордост – леснотијата на употребата и тешкотиите при објаснувањето – произлегуваат непосредно од суштината на самиот поим. Прво, со поимот се објаснува интимно човечко чувство што по дефиниција му се опира на рационалното објаснување, и второ, поимот има две главни значења, кои се вредносно и морално сосем спротивни едно на друго! И да биде уште повесело, луѓето без проблем го употребуваат истиот збор, со обете негови обратни значења, без да грешат во примената и без да бидат погрешно сфатени од своите соговорници. Ќе се прашате, како е тоа можно?

Првин за чувството: да бидеш горд е чувство на среќа и задоволство од самиот себеси или од нешто што си постигнал, при што тоа чувство може да биде предизвикано како од сопствените, така и од постигањата или личноста на некој близок, на семејството или некој негов член, а може да се протегне и на градот или нацијата. Тоа чувство на задоволство, некаква самодоволна среќа, практично може да биде предизвикано од кого било кого или од што било со кое човек е емотивно или мисловно поврзан. Всушност, станува збор за структурален дел од идентитетот на секој човек, онака како што неговата интуиција ги вреднува нештата околу него, создавајќи го мизансценот, сценографијата и географијата на сопствениот идентитетски космос.

Од друга страна, гордоста исто толку често се употребува и во своето обратно и сосем негативно значење. Таа тука го означува иритантното чувство кај некои луѓе на супериорност над другите, кое – како според природен закон – е сосем неосновано и незаслужено. Да се биде така горд во христијанската етика е еден од поголемите гревови, кои се ставаат во истата категорија со арогантноста, надменоста, охолоста, горделивоста и вообразеноста. Така, во Светото писмо, во Изреките, 16:18, пишува дека „гордоста оди пред пропаста“, и следствено, дека „вообразеноста оди пред падот“.

Сепак, како интимно чувство што зрачи од самите темелни структури на идентитетот, гордоста е поврзана со најблиските и најсаканите нешта, првин со родителите и семејството, а потоа со идолите и идеалите, што ги бојат сеќавањата со чувство на среќа, блаженост или носталгија. Се сеќавам живо дека моите први интимни чувствени дамари на гордост беа поврзани со мајка ми и татко ми, исто како што и првите чувства на срам предизвикани од туѓи постапки беше срамот кога родителите ќе заиграа на некоја романтична музика или ќе се бакнеа пред сите нас, а тоа – на сосем таинствен и необјаснив начин – беше „срамотно“ и спротивно на викторијанските морални начела кои се формирале на богзнае каков начин во мојот збунет детски мозок.

Подоцна, во младешките години, во добата на дооформувањето на личноста, на сите слоеви од сложената идентификациска градба, го бев прескокнал маалското, градското и племенското ниво, и се бев „закачил“ на југословенската идентификациска мапа. Југословенската антифашистичка и социјалистичка епопеја, Маршалот Тито и неговите партизани – генерацијата на моите родители, фузионирани во колона на херои создатели – станаа вредностите на кои бев темелно, бескомпромисно и безмалку генетски горд. Ова чувство на гордост, на лежерна и спонтана супериорност, ја носев со таква природна леснотија секаде со мене, што – паметам живо – кога шетав ко младинец по европските земји, тоа претставуваше збунувачки елемент со многумината Европејци со кои патем ќе стапев во контакт. Никој не можеше да познае од каде доаѓам, од која националност сум, од кој таинствен ѓол имам излезено. И, ова е најинтересното: многу често им задавав на соговорниците задача да погодуваат, а овие – речиси без исклучок – нагаѓаа дека сум од земја кон која тие имаа чувство на помала вредност. Италијанците ме правеа Германец, Германците Американец, Португалците Британец и што сѐ не.

И, кога ќе им кажев дека сум од Македонија, ќе ги заокружеа очите од чудење – зашто не им беше позната таа земја, но кога ќе ги додадев магичните зборови „Југославија“ и „Тито“, реакцијата беше проследена со задолжителното – ааааа!, и по чуденката повторно ми се обраќаа со почитување, пријателство, а некои дури и со восхит. Мојата лежерна супериорност (што патем не беше востановена во ништо објективно или материјално освен во моето убедување во вредноста и вистинитоста на историската победа над фашизмот на Маршалот Тито и неговите партизани – моите родители), ги збунуваше рационалните Европејци кои мислеа дека таквата природна и спонтана супериорна поза може логично да проистекне или од големо лично богатство или од висок бруто национален доход на татковината или барем од моќна национална армија со безброј проектили со нуклеарни глави. А беше тоа само мојата длабока верба во моралната и историската супериорност на федерацијата во која се родив, што потоа несвесно но очигледно читливо се манифестираше во мојот поглед одозгора практично кон сите западни Европејци кои ги сметав – сите од ред – за губитници во Втората светска војна, војната што го форматираше светот во втората половина од 20. век.

Во приказната за гордоста постои и уште една димензија, што е повторно цврсто асоцирана со чувството на срам. Не знам колку е таа ситуација денес присутна како појава, но пред три четвртини или половина век во секое мало место, во секое маало, практично во секој школски клас, постоеше по некоја будалетинка – дали со намалени умствени можности или само со специфичен „бељаџиски“ карактер – која правеше очигледни и неретко одвратни глупости само за да предизвика бурна смеа од целата околина. Смеата честопати – лажам: секогаш – беше злонамерна, подбивна, потценувачка, та дури садистичка, но будалетинката ја „читаше“ како одобрување, а себеси се гледаше како ѕвезда на настанот. Е, во тие ситуации, на лицето на будалетинката или глупакот му излегуваше автентичен и болно нагласен израз на гордост од сопствениот перформанс. Бонхофер оваа гордост му ја припишува инхерентно на глупакот, зашто тој „за разлика од злиот човек е сосем и до крај задоволен со себеси“, та за срањата што ги прави чувствува автентична гордост.

И така стасавме до денешната Македоња Наша. Земја од која – според предизборниот опозициски наратив – требаше да се срамиме, која наводно беше потонала во корупција и криминал, беда и несреќа, идентитетско беспаќе и духовна мизерија, а со која – кога вемерето ќе дошло на власт – во миг ќе сме станале повторно апсолутно и безрезервно горди. За жал, сè уште не успеав да забележам некоја промена поради која повторно би се почувствувал горд, но за такво нешто е објективно прерано. Но затоа, инфантилизмот на претседателката со кој таа при полагањето заклетва „гордо“ одби да го каже уставното име на државата за чијшто шеф е избрана и во чијшто Устав се колне, заедно со нејзиниот изгаснат и збунет израз – како бабичка што заталкала на бурен настан што не го разбира, ми предизвикаа тивко чувство на срам и жал, еден вид интимна вина и засраменост какво што чувствувам кога ќе се сетам дека некогаш сум бил во толпата деца кои му се смееја на глупакот што изигруваше селска будалетинка. Исти тажни врелци ми го плават духот и кога ќе чујам дека гордата варијанта на „срамното“ Северна Македонија било Нашата Земја. И тоа си е тоа: додека го сфатиме она што целово време е очигледно, наместо гордост за Македоња Наша ќе чувствуваме само жал, срам и вина.

Слики: Anselm Kiefer - Jericho

Извор за текстот: Слободен печат