Достапната космологија на Стивен Хокинг

04.07.2024 00:27
Достапната космологија на Стивен Хокинг

Пишувајќи го бестселерот Кратка историја на времето, Стивен Хокинг ја направи науката достапна за пошироката јавност.

Роден е на 8 јануари 1942 година, точно 300 години по смртта на Галилео.

Добитник е на многубројни признанија и награди, освен Нобеловата.

На училиште бил забушант. На почетокот бил меѓу најлошите ученици во одделението, а подоцна со малку труд стигнал до просечните. Повеќе го интересирало како функционираат нештата, па бил познат по способноста да растура часовници и радио апарати. Му било потешко повторно да ги состави. И покрај сето тоа (или токму заради тоа), генијот некако бил видлив, па го заслужил прекарот Ајнштајн. Кога продолжувањето на школувањето му зависело од стипендијата покажал беспрекорни резултати на испитот по физика и бил примен на Оксфорд.

Од мали нозе бил наклонет кон математиката, но татко му го насочувал кон медицината. Но, за него биологијата била премногу нејасна и дескриптивна. Бидејќи на Оксфорд не можел да студира математика како главен предмет се определил за физиката. Во оваа област се фокусирал на големи прашања: космологијата, иако во тоа време не била препознаена како легитимна научна област.

Во првата година од студиите се соочил со незадоволство и изолација, од што го извлекло придружувањето на веслачкиот тим. Бидејќи не бил граден атлетски, го поставиле за кормилар. Веслањето била важна натпреварувачка дисциплина за Оксфорд, па членството во тимот му донело популарност. Во тоа време го сметале за авантуристички тип. Веслал шестпати неделно, а тоа го нарушило неговиот начин на учење.

Пред завршувањето на студиите станува сè понесмасен и губи рамнотежа. Неговото семејство е загрижено заради видливите симптоми и го наговара да побара лекарска помош. Во исто време ја запознава и својата идна жена Џејн. Ја привлекуваат неговата смисла за хумор и независната личност. На почетокот лекарите не го сфаќаат сериозно и му советуваат да го намали алкохолот, а по двонеделно тестирање му е дијагностицирана амиотрофична латерална склероза. Имал 21 година и лекарите предвидувале дека не му останало уште многу. По првобитниот шок некако го вратил оптимизмот и набрзо се верил со Џејн, што му дало дополнителна желба за живот.

Едно од неговите најголеми научни достигнувања е теоријата дека универзумот нема граници (1983). Објаснил дека за вселената треба да се размислува како за површината на Земјата. На површината на Земјата можеме да се движиме во кој било правец, а никогаш да не дојдеме до ќоше, раб или граница за кои би можело да се каже дека е крајот на Земјата, зашто станува збор за сфера. Разликата е во тоа што површината на Земјата е дводимензионална (Земјата е тридимензионална, но нејзината површина има само две димензии), додека универзумот е четиридимензионален.

Заради тенденцијата науката да ја направи достапна, во коавторство со својата ќерка Луси, пишувал книги за деца: Тајниот клуч на Џорџ за универзумот и Ловот на космичко богатство на Џорџ. Книгите претставуваат поедноставени научни концепти за црните дупки и потеклото на животот.

Кога на петнаесетгодишнината на НАСА го прашале за животот надвор од Земјата, одговорил:

-Примитивниот живот е вообичаен, додека интелигентниот е мошне редок. Некои би рекле дека допрва треба да се појави на Земјата.

Во шеесет и петтата година ја искусил бестежинската состојба и правел гимнастички движења, благодарение на специјализираниот авион на компанијата Zero Gravity. Во оваа авантура се впуштил поради желбата да патува низ космосот. Тоа била неговата ултимативна фантазија која не ја остварил.

Говорот овозможува комуникација на идеите, заради што човечките битија можат да работат заедно создавајќи го невозможното. Најголемите достигнувања на човештвото произлегле од разговор, а најголемите неуспеси од недостаток на разговор. Не мора да биде така. Нашите најголеми надежи би можеле да се остварат во иднина. Со технологијата која ни е на располагање можностите се безгранични. Сè што треба да направиме е да продолжиме да разговараме. - Стивен Хокинг

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

ОкоБоли главаВицФото