Книжевен разговор - (За) приказни(те) што треба да се раскажат

04.07.2024 10:29
Книжевен разговор - (За) приказни(те) што треба да се раскажат

Денес, 4 јули (четврток), со почеток во 19 часот, ќе се одржи третата книжевна средба во пријатната сенка пред кафе-книжарницата „Илика“.

Овој пат гости на книжевната средба ќе бидат авторите Стефан Алијевиќ и Петар Андоновски, а разговорот ќе го води поетесата Ивана Јовановска. Преку збирката раскази „Вечерен автобус“ на Стефан Алијевиќ и последниот роман на Петар Андоновски „Не кажувам“ разговорот ќе се води во насока на истражување на ангажираните и гласни дела во современата македонска книжевност. Трагајќи по заедничките точки во прозата на двата автора, но и воопшто по карактеристиките на бунтовната/квир и феминистичка литература и нејзиното значење на сцената.

По разговорот, во „Илика“ присутните ќе имаат можност и лично да се запознаат и да поразговараат со авторите, да си ги набават нивните книги, и, секако, да ја разгледаат селекцијата на книги со сродна тематика.

Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност и англиски јазик и книжевност. Во 2020 бил финалист на конкурсот „Новите!“ за најдобар дебитантски ракопис. Тој е еден од добитниците на наградата „Штефица Цвек“ во 2023 година за регионална ангажирана книжевност. „Вечерен автобус“ е негова прва збирка раскази.

Петар Андоновски (1987, Куманово) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Тој е автор на поетската збирка „Менталeн простор“ и романите: „Очи со боја на чевли“, „Teлото во кое треба да се живее“, „Страв од варвари“, „Лето во кое те нема“, „Не кажувам“. Оваа година тој е во потесната селекција за наградата „Штефица Цвек“, а меѓу наградите и признанијата за неговите романи се вбројуваат: наградата „Роман на годината“ за „Телото во кое треба да се живее“, Eвропската награда за литература за романот „Страв од варвари“, Pen translates Award за романот „Лето во кое те нема“.

ОкоБоли главаВицФото