1026 hPa
80 %
-4 °C
Скопје - Сре, 14.01.2026 01:05
Должноста си ја извршивме.
Излеговме со децата
да собираме печурки в шума
што сами ја засадивме кога бевме деца.
Ги научивме имињата на билките
што мирисаат
на попусто пролеана крв.
Поставивме голема љубов во мали тела,
а самите останавме ем крупни, ем ситни
во очите на оној што со двоглед нѐ гледа,
ем божески, ем луди.
Во војната меѓу синовите на светлината и синовите на мракот
ја сакавме добрата, утешителна темнина,
а светлината што боли ја мразевме.
Должноста си ја извршивме,
децата си ги сакавме
повеќе од татковината,
сите бунари на земјата ги ископавме,
па сега во просторот и во небесата копаме,
бунар по бунар, без почеток и крај.
Должноста си ја извршивме,
зборовите ќе помните ги сменивме со „ќе заборавиме“,
ко што се менува возен ред
кога автобусот треба да врви по друг пат,
како што ги менуваат натписите
Роса и Дождец и Оној што носи дожд во синагогата
кога ќе се смени годишната доба.
Должноста си ја извршивме,
животите ги наредивме во цветни алеи и сенки
и по прави патишта, за прошетка пријатни,
како во градината на душевната болница.
Очајот ни се одомаќи и ни дава мир,
сал надежи ни останаа,
диви надежи, нивниот писок
ја тресе ноќта и го кине денот.
Должноста си ја извршивме.
Бевме ко луѓе кои влегуваат в кино
и минуваат покрај луѓе што оттаму излегуваат, вџашени
или бледи, тивко расплакани или гласно засмеани,
па влегуваат без да ги погледнат, без
кон нив да се свртат, во светлината во темнината во светлината.
Нашата должност си ја извршивме.
Превод: Зоран Анчевски