Топла топка талка низ толпа (седум песни)

05.07.2024 11:22
Топла топка талка низ толпа (седум песни)

 
Петрихор

Се сеќавам кога овде низ магла проаѓаа кочии –
ретко брзаа, густо доцнеа.
Беа на време.


Калдрмата отсликуваше тивок отсјај
врз нечија тмурна, портокалова радост.
Немаше невреме.


Дождот и ветрот врзуваа мирис
Попримамлив и од самиот оброк.
Сите беа сити.


Патуваа, секој со своите погледи и мисли,
понекогаш беа отсутни.
Бездруго, тука беа сите.


Тогашноста и сега се провлекува,
останува вечно непоместена.
Оттаму истекува во бесшумни води.


Секој нивен бран, звучен или не,
носи талог и ја влече и неа.
Сè со себе несвесно води.


Ѝ јавува сновидение од црвени говорници,
карирани чаршафи и студени ѕидани оџаци.
Под нив со себе се среќавам.


Но, ниту некогаш сум бил таму
ниту, пак, некогаш сум бил тогаш,
а и покрај тоа, на сево ова добро се сеќавам.

 
Надмини

Еден мршојад го раздели
сводот наполу,
а ластовиците, бескрилни,
останаа долу.

(Умствените граници се оцртуваат на земјата)

Fazioli Grand Piano


После песочна бура

Напуштена пустина,
Аморфна фатаморгана над безводно море.


н хјуѕ78оилк.ка


Мора да мори кога ноќно време гризе ветер;
Аурата морници на моќно бреме испарува во етер.
Чекори со кротки чекори, се бори со бури,
Како дух околу две огледала, зелени и мудри.
Астрална сила – пожолтена црно-бела слика,
Толку топла топка талка низ толпа животи ко еден;
А кого ако го спасиш, ќе преде низ низа од девет.

Ако, бурата после сè,
Затишје ќе донесе;
Расфрлениот песок ќе слегне мазно,
А пак како шепот ќе шета шепа од крзно:



Стихијни стихови


Да се делува своеволно
делува недоволно –
никој до сега
никаде не досега;
секоја одбрана
е веќе одбрана
помеѓу два облака
во оловна облека;
немаат облик, а
прават облога
над земјата вжештена
со посебна вештина,
и гледаат од висината
дека е вистинита


единствено вистината
е ослободена од вината.


Fazioli Grand Piano


?

(И најкроткиот ѕвер, окован во ланци,
кога-тогаш ќе ги покаже своите песјаци)


Што ако сечија совест прави исто?
Ќе бдее ли повторно врз туѓата вина?
И што ако сонцето овде не би зашло?
Ќе изгрее ли одново на другата половина?


Околу спротивните хемисфери:
Дали е мислата зафатена?
Треба ли редовно да се вади
додека нова да се роди?
Кога е крајниот рок
За тој квантен скок?


Разумот свесно мисли –
„Ги знам тие мисли,
не оставаат трага.“
А сепак трага
и прашува –


Дали сакаш што правиш?
Дали воопшто знаеш?
Дали цигарата на пола ја газиш?
Дали се каеш?


h и q

Високо виси,
па ѓаволски паѓа во
недоумици.


Акумулира,
води од орбитали
кон секавици.


Steinway Model D Grand Piano


Логос без идеја

Во црн од истопија
цела историја;
Од елитни глупости,
стерилни, а нечисти,
биполарните идеи
стануваат шизофрени.
Духот тоне во умор –
не смее да се смее,
а светот без хумор
е несвет и мрее.
И шири тумор
и паѓа во понор
каде веќе потона
сè освен Сотона,
кој сега се смешка
на таа сметка,
иако, веројатно,
никогаш и не сакал,
а морал – по искушението се познава.
Векови во недостиг од пролет, ери само зима,
пејзаж без идила,
туку мртва природа
и општество,
и работа,
и дејство,
и состојба,
и правда,
и права
поделена на отсечки


мерени со неточна,
за’рѓана терезија
која враќа сто пати
на исти крстопати,
и чии кантари одамна се потопија.


Не оди, стопи ја.


Selmer Saxophone


За поетот

Поетската збирка насловена „Под остар агол” е првата издадена книга на Виктор Танасковски. Конципирана е како целина поделена на три циклуси, од кои првиот е составен од 11 песни на македонски јазик, вториот од уште 11, меѓутоа песни со искршени облици и визуелни трикови од доменот на поезија конкрета, додека третиот циклус е составен исклучиво од песни на англиски јазик.
Виктор Танасковски е роден на 9 јуни 1992 година во Скопје. Во 2016 дипломира гитара на Катедрата за џез музика на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип. Во 2022 магистрира на Факултетот за музичка уметност во Белград, насока Применети музички истражувања, а моментално е студент на докторски студии на Универзитетот за уметности во Белград, отсек Вишемедијска уметност (програма која ги обединува книжевноста, танцот, перформансот, музичката, ликовната, драмската и филмската уметност).
Активно настапува, компонира и снима музика со своите авторски состави „Алембик” (Alembic), „Минстрелс галери” („Minstrel’s Gallery“) и „Импруф“ („Improof“).
Во 2022, заедно со Ива Дамјановски го почнуваат музичкиот поткаст „Демобилизација”, во чијшто фокус е новата македонска алтернативна музика.
Организатор е на повеќе уметнички настани, меѓу кои најзначајни се „Акустичните доручеци”, како и скопскиот мултимедијален фестивал „Синестетика”. Освен со компонирање и изведување, Танасковски се занимава и со сликарство и со поезија, кои често ги имплементира во својата музика.

За фотографиите

Чарлс Брукс (Charles Brooks) е американски фотограф и челист кој 20 години настапувал со оркестри ширум светот. Тоа музичко искуство го поттикнало да се заинтересира за внатрешниот изглед и функционирањето на музичките инструменти. „Никогаш навистина не знаев што се случува внатре. Тоа беше царство резервирано за мајсторите за инструменти. Повремено, кога некој инструмент се поправа, добивате редок поглед внатре, што секогаш беше возбудливо искуство.“ Овој интерес на Брукс придонел да настане фото серијалот „Архитектура во музиката“ (Architecture in Music), каде што ги гледаме скриените анатомии на разни музички инструменти.

Фотографии: Чарлс Брукс

Извор за песните: Виктор Танасковски, „Под остар агол” (2023)

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Пандалф Вулкански
Книжевност / Психологија

ОкоБоли главаВицФото