Празната лушпа на сеќавањето

07.07.2024 23:29
Празната лушпа на сеќавањето

(Кон романот „Заборав“ на Томислав Османли во издание на ВиГ Зеница, Скопје, 2023)

Во еден миг од својот епохален роман „Погледни го домот свој, ангеле“, големиот Британски писател Томас Вулф ќе каже: „О, отпад на изгубени, во жешките лавиринти, изгубени, меѓу светли ѕвезди на оваа уморна, несветла пепел, изгубена! Сеќавајќи се без зборови, го бараме големиот заборавен јазик, изгубената патека до рајот, камен, лист, непронајдена врата. Каде? Кога?“ Остар и вознемирувачки пасус кој на некој начин нè потсетува дека сеќавањето е дел од нашиот духовен хабитус и дека неговото губење значи излитување на животот, раскинување на идентитетскиот конструкт и оддалечување на човекот од неговиот цивилизациски постамент.

Романот на Томислав Османли „Заборав“ зборува за колективната сенилност која ја заговара цивилизацијата што се гуши во информацискиот галиматијас. Читајќи го овој прекрасен роман пишуван во специфичниот стил на Османли и во редоследот на неколку приказни кои се преплетуваат и се вовлекуваат една во друга се прашувате: Каде е нашиот пат во цивлизацискиот тек, кој е тој што треба да нè памети и колку „заборавноста“ ќе не одведе до мракот на ништоста?

Томислав Османли гради стории на ликови врамени во еден свет чиј безизлез е неизоставен. Имено, неколкуте приказни на актерот Петар Аслимовски, семејството Панкови (најмаисвната приказна во романот), Хантер Стетсон и Дејвид Роузбад, како и докторската дисертација на Мирјана Контевска на престижниот Берлински универзитет под наслов „Заборавност – социолошки аспекти на Балканот, на поширокото европско и светско милје“ нè носат во амнезијата на светот што не се распаѓа, туку се дезинтегрира оставајќи ги своите рецидиви на нешто што допрва треба да дојде, неформално и недефинирано.

Судбините на семејството Панкови, актерските трауми и дисторзијата во недоразбирањето на писателот на мемоари Хантер Стетсон со издавачот Дејвид Роузбад проследени со целата докторска дисертација на Мирјана Контевска создаваат една комплексна приказна која дементноста на дваесет и првиот век ја отелотворуваат како неопходност чиј аспект е само систем на лажен комодитет од којшто не можеме да се извлечеме и ние што читаме, како и ние што пишуваме за овој прекрасен роман.

Имено, Томислав Османли создава еден вид на книжевна фуга од варијации на амнезија предупредувајќи нè дека токму недокументираноста е она што ќе го однесе светот во црната дупка на ништоста, што ќе го искрши артизмот на човековиот лик извајан и нацртан во илјадници можни интерпретации, во милион парчиња, дека ќе го пречкрта неговото име и под него ќе напише нешто што никој нема да го разбере. Феноменолошката линија на овој роман се движи од научната интерпретација, преку наивната, домашна артикулација на заборавноста, за преку стилската и артистичната амнезија да нè доведе до суштесвеноста на цивилизациската дементност која како глобален процес ќе го потопи човековиот специмен во лажните акварели на истопените слики што полека исчезнуваат во пределите на Фејсбукот, Инстаграмот, Телеграмот, Тик Токот итн. Петар Аслимовски, актерот: „Во новата слика на огледалото од својот живот, безизразно ги гледа брчките врежани на челото, на рабовите од очите и на образите, а во одблесокот на другото огледало, она зад него, го гледа својот побелен и оќелавен тил со оние долги и длабоко врежани брчки на голото теме... Секогаш одново се прашува, од каде се создаваат тие длабоки брчки на тилот, не е белки дека, како на огледалава, и таму се рефлектираат и се зарежуваат сите гримаси што на лицето, и видливо и разбирливо, му ги формираа, освен драмите на самиот живот, можеби уште повеќе, безбројните вежби, проби и изведби на драмите од актерската игра...“

Актерскиот живот е постојано вовлекување во туѓа кожа, па така таа онтолошка маскарада во овој комплексен роман отвора уште една линија на меморија која се подава како надеж за запишувањето на човековиот род. Но каде? На кое место? Дали меморијата е додволна сигурност дека цивилизациските текови ќе се движат по вистинската насока?

Томислав Османли посегнал по сите сегменти од човековиот живот сакајќи да предупреди дека простодушноста е можеби и вистинската врата низ која науката и уметноста ќе се протнат, додуша со наведната глава, но ќе понесат нешто со себе, ќе го сокријат како надежта во Пандорината кутија и ќе го посејат во некоја друга иднина како матрица за нова цивилизација. Томислав Османли овој роман го започнува со чисто медицинска интерпретација на меморијата, а го провлекува низ интерпретацијата на автентични случаи кои веќе ги опишал во свој расказ, што зборува за една кохерентност на опусот на овој извонреден автор, додека на крајот мошне гласно повикува на „враќањето дома“, една суштествена порака од која секако дека не може да се ослободи никој од нас. „Враќањето дома“ е еклектичка артикулација на меморијата, синтагма која носи суптилност и духовна рамнотежа, но е и начин да се ослободиме од измислиците и лагите.

Токму затоа „Заборав“ е голем роман, заради широко распостелените варијации на метафоричното „бекство од себеси“, од поништувањето на она што „било“ и недостижноста на она што „ќе биде“. Овде ќе се навратам на уште еден цитат од романот на Томас Вулф кој вели: „Со Бога напред, ќе го поминам остатокот од мојот живот за да си го вратам срцето, да ја лекувам и заборавам секоја лузна што ми ја остави кога бев дете. Првиот потег што некогаш го направив, по лулката, беше да ползам по вратата, и секој потег што го направив оттогаш е обид да избегам“. Томислав Османли во својот „Заборав“ покрај другото говори и за тоа бекство кое со себе го носи долгиот пат на вечната недоумица на човекот кој колку што сака да се запамети, двојно повеќе сака да се заборави. Всушност, делириумот на оваа цивилизација е во прекројувањето на човековиот духовен хабитус низ лавиринтите на ориентацијата. Слободата има вкус на мувлосан леб и горчи кога се јаде. Онаа слобода која е толку посакувана, а на човекот му е секогаш тешко да ја отелотвори и како таква да ѝ ја најде прагматичната вредност. Во овие претпоставки се крие мудроста и артизмот на овој роман, а во впечатоците од прочитот неговата незаборавеност кај сите што сме се дружеле со него.