Геополитика 2х2

08.07.2024 11:50
Геополитика 2х2

Неодамна еден кинески автор (судејќи според идеограмите во текстот) предложи нов модел за разбирање на меѓународните односи. (Благодарен сум на пријателот кој ми го испрати текстот вчера.) Авторот забележува (како и многу други, би рекол) дека се формирани четири (2×2) многу интересни коалиции врз основа на ставовите за војните што се водат денес. Има луѓе кои ги поддржуваат Палестина и Украина, оние кои ги поддржуваат Израел и Украина, оние кои се за Русија и Палестина и на крајот оние кои ги поддржуваат Русија и Израел. Дури и на случајниот набљудувач ќе му биде интересно што ниту еден од четирите квадранти не останува празен и дека за секој има логика да ја брани одбраната позиција. Кинескиот автор дури предложи имиња за секој од овие кампови, имиња кои во некои случаи би ги сменил за полесно разбирање.

Го брани меѓународното право; ги поддржува Украина и Палестина; квадрант (1,1)

Го брани мултиполарниот свет; ги поддржува Русија и Палестина; квадрант (1,2)

Го брани слободниот свет; ги поддржува Украина и Израел; квадрант (2.1)

Го брани социјалниот дарвинизам; ги поддржува Русија и Израел; квадрант (2,2)

Подолу ќе се обидам да ја објаснам, се надевам непристрасно, логиката на секој од четирите табори. Тоа ќе го направам од гледна точка на оние кои се залагаат за дадениот став.

Да почнеме со квадрант (1,1), со бранителите на меѓународното право или антивоената коалиција, како што ги нарекува авторот. Тоа се луѓе кои ги гледаат Русија и Израел како агресивни сили кои ги прекршуваат меѓународните правила на однесување и меѓународните граници. Русија изврши инвазија и анексија на делови од Украина, која е членка на Обединетите нации од 1991 година во тогашните важечки граници. Исто така, Израел одби да остане во границите од 1948 година, па веќе во 1967 година окупираше земја што правно не му припаѓа, а сега сака да ја заврши работата со протерување или убивање на жителите на Газа. Затоа бранителите на меѓународното право се против земјите кои го прекршуваат и затоа ги поддржуваат Украина и Палестина.

Бранителите на слободниот свет (или „кучињата на американската империја“, како што ги нарекува авторот, враќајќи се на маоистичката терминологија) се во квадрантот (2,1). Сметаат дека бранителите на меѓународното право се премногу наивни. Меѓународниот поредок често зависи исклучиво од мнозинството гласови во Обединетите нации, а таму гласаат и земји кои се недемократски и авторитарни. Можеме да се повикаме на меѓународното право кога е корисно, но, со оглед на неговата природа, глупаво е да се прифати како основен принцип што треба да се следи во секое време. Има нешто поважно. Тоа е „либералниот глобален поредок“ или, како што Гедеон Рахман посоодветно го опиша истото неодамна во една статија во „Фајненшл тајмс“, „одбрана на слободниот свет“. Понекогаш мора да се игнорираат меѓународните правила, како во случајот со Израел денес, каде што борбата се води меѓу демократија и терористичка организација, или во конфликтот меѓу нова демократија, како што е Украина, и терористичка држава, како што е Русија. Бранителите на слободниот свет признаваат дека се за униполарен свет под водство на САД. Но, тоа е само зашто САД се најмоќната земја која ги почитува принципите на човековите права и демократијата. Тоа се принципите, тврдат поборниците на слободниот свет, кои на крајот ќе бидат прифатени како глобални правила на однесување, а униполарниот или хегемонистичкиот свет ќе престане да постои, бидејќи сите ќе бидеме рамноправни членови во новиот глобален демократски поредок. Поддршката на денешниот хегемон е само алатка која треба да води во утрешниот свет на слобода и еднаквост.

Бранителите на мултиполарниот свет (квадрант 1,2), или како што ги нарекува авторот: „луѓе кои ја разбираат суштината на меѓународната политика“, ги сметаат борците за слободен свет за наивни или за неискрени. Тие мора да бидат такви, тврдат бранителите на мултиполарноста, бидејќи хегемонот секогаш ќе ги прикажува сопствените интереси како да произлегуваат од некои универзални принципи, а, всушност, само се стреми кон несомнена доминација. Европските колонијални сили ги освоија африканските и азиските народи за да ја земат нивната цивилизација; римскиот свет можел да се брани тврдејќи дека членовите на освоените народи добиле пристап до граѓанските права и трговските патишта. Позицијата на луѓето во квадрантот (2,1) бранителите на мултиполарниот свет ја толкуваат како слабо маскиран обид за стекнување апсолутна моќ. Тие сметаат дека Русија и Палестина се спротивставуваат на ова со поткопување на униполарниот свет: Русија покажувајќи дека во мултиполарен свет секоја моќна држава може да си дозволи да ги прекрши правилата, и Палестина со слично одбивање да го прифати фактот дека само Соединетите Држави се надлежни да одлучуваат што е најдобро за неа.

Социјалните дарвинисти (квадрант 2.2) тврдат дека сите горенаведени позиции се безнадежно наивни. Тие сметаат дека силните држави никогаш не ги почитуваат меѓународните правила и за тоа наведуваат голем број историски примери. Светот мора да се помири со фактот дека „правото е на страната на силните“ и дека „силните прават што сакаат, а слабите трпат тоа што мораат“. Русија и Израел ги демонстрираат тие стари вистини. Тие ги напаѓаат послабите соседи, им ги рушат куќите, ги прогонуваат, ги убиваат, не им го признаваат правото на постоење и го прават сето она што моќните им го правеле на послабите низ историјата. Мораме да трпиме, велат тие, бидејќи таква е човечката природа. Таа отсекогаш била таква. Тоа може да биде добра работа, бидејќи кога ќе владеат силните, тие ќе го направат светот подобро место. Социјалниот дарвинизам нема да исчезне зашто ние тоа го сакаме.

Би било интересно, иако многу тешко, да се процени процентот на светското население што припаѓа на секој од четирите квадранти. Се разбира, постојат фактори како религијата или историските непријателства кои можат да ги турнат луѓето во една или друга насока, но верувам дека тие секако би се обиделе да ја рационализираат својата позиција повикувајќи се на некои повисоки принципи.

Можеме да се обидеме да ги поделиме државите во квадранти, но ми се чини дека тоа би било погрешно, бидејќи државите, од неколку причини, не мора да ги застапуваат ставовите на населението. Да наведеме само неколку примери. Разумно е да се претпостави дека има луѓе во Иран или Венецуела кои не можат да ги поднесат сопствените режими и затоа го избираат слободниот свет, бидејќи тие ги гледаат САД како добронамерен хегемон кој ќе им помогне да се ослободат од нивните влади. Од друга страна, поддржувачите на „Непокорената Франција“ можат да се залагаат за мултиполарен свет, оти им се чини дека Франција е принудена да ги спроведува политиките за кои се одлучува во Вашингтон или Брисел. Слично на тоа, некои луѓе во Јужна Америка поддржуваат мултиполарен свет оти не им се допаѓа хегемонистичкиот однос на Соединетите Држави спрема нивниот континент. Русите кои страсно го мразат Путин ќе го изберат квадрантот (2,1). Старите борци за Третиот свет можат да го изберат квадрантот (1,2) за да ги обноват старите борби во кои улогата на Советскиот Сојуз сега ќе ја преземе Русија. Можни се различни, понекогаш непредвидливи комбинации. Затоа нашиот свет е многу сложен.

Слики: Alec Doherty

Извор за текстот: Global inequality and more 3.0, 27.06.2024.

Превод: Н. Г.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото