Јас сум сиромашен пророк

08.07.2024 13:15

Сиромашен сум пророк. Како сиромашно момче
што има само две боички: животот го сликам во војна
и во љубов, во џагор и во мир.

Великите пророци ги фрлија своите пророштва
како дополу испушени цигари на нервозен пушач.
А јас ги збирам и од нив си виткам бедни пророштва.

Во полни кули за вода, водата е тивка,
во празни цевки, не-водата гргори и ’ржи.

Зборовите впиваат „љубов, пот и солзи“,
па фрлени се во канти за отпад. Отпадни зборови,
како хартиени шамивчиња. Отпадни луѓе,
ова е вашата вечност.

Зборовите требаше да се празни,
тесни и груби, како канали за вода.
Очај и надеж, радост и тага, спокој и бес
требаше по нив раздвоено да пловат
во нов круг.

Сиромашен сум пророк. Живеам во надежта од други,
небаре во светол зрачок што не ми бил суден.
Сенка фрлам врз појавата своја.
Телово препрека е за глетката позната и красна,
меѓу гаталецот и гатаното стојам.

Пророк сум без ќар. На ручек си одам дома,
јадам, одморам, а ноќе и спијам.
Имам годишен одмор, може и слободна година да си земам,
социјално сум осигуран, пензија ме чека.

Животот го започнав од ништо.
Кога нагоре сега се кревам со отруена душа,
кога врвот од моите визии го стигам,
гледам: се движам меѓу обични луѓе
со дечиња, со работа, со семејни грижи
и катадневни маки. Тоа се визиите мои.
Јас сум сиромашен пророк.

Превод: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото