Првата дигитализирана атлетска патека

09.07.2024 00:22
Првата дигитализирана атлетска патека

Стартапот „Фелдспар”, со седиште во Лондон, најави дека ќе ја создаде првата целосно дигитализирана атлетска патека во светот, опремена со бројни сензори, модерни технологии и изработена од материјали кои на спортистите ќе им овозможат подобри перформанси. Нивната идеја е после 60 години од воведувањето на универзалната површина за трчање, тартанот, да ја донесат првата голема иновација на атлетските трчачки настани.

„Дигитален тартан“

Патеката на „Фелдспар“ ќе биде изработена од посовремени материјали, што на спортистите ќе им овозможи подобро искористување на вложената енергија, односно поефикасна конверзија на енергијата на тркачот од вертикално во хоризонтално движење, со што ќе им се овозможи да постигнат поголеми брзини. Но, освен предностите за самите спортисти, подлогата ќе биде опремена и со низа напредни сензори, кои ќе го снимаат секој чекор на неа.

Податоците добиени на овој начин ќе можат да бидат анализирани и презентирани на гледачите во реално време, па искуството од гледање атлетика ќе биде збогатено со нови детали - на пример, податоци за брзината на секој тркач во реално време, должината на чекорот , вложена енергија и слично.

Со поголемата атрактивност на спортските настани, која несомнено би се постигнала со користење на дигиталната атлетска патека, нејзините креатори велат дека истата технологија ќе овозможи и подобро планирање и изведување на тренинзите. Имено, атлетичарите и тренерите би имале пристап до бројни податоци за анализа, па би можеле да ги приспособат своите активности и со тоа дополнително да ги подобрат перформансите на спортистите и да ја намалат можноста за повреди.

„Оваа иновација ќе овозможи поголеми брзини на трчање во споредба со оние кои моментално се можни, поместувајќи ги границите на човечките способности“, објави британската стартап компанија.

Тие во моментов соработуваат со голем број инженери, индустриски дизајнери и научници за податоци за да развијат напреден прототип на дигитализираната патека.

Испитувањата на технологијата во реални услови ќе започнат оваа година, а производството на финалната верзија на производот би требало да се одвива веќе следната година. Почетниот капитал, велат од компанијата, е веќе обезбеден.

Извор: https://www.bug.hr

ОкоБоли главаВицФото