Карл Швесиг: „Дегенерираниот“ уметник

09.07.2024 01:18
Карл Швесиг: „Дегенерираниот“ уметник

Автопортрет (1930)

Карл Швесиг е роден на 19 јуни 1898 година во Гелзенкирхен во семејство од работничка класа. Како дете развил рахитис кој му го запрел растот, а бил висок само четири и пол стапки. Неговиот низок раст и лошата здравствена состојба го спасиле од смртта во Првата светска војна: не бил испратен на првата линија, а во 1918 година, по три години воена служба во канцеларија, можел да ги започне студиите на Академијата за Ликовна уметност во Дизелдорф. Карл ја напуштил Академијата по две години без да ги заврши студиите и се приклучил на популарната група авангардни уметници: „Das Junge Rheinland“ обединувала млади, политички посветени уметници и интелектуалци и му овозможила да ги изложи своите дела за прв пат.

Политичка уметност

Додека бил дел од групата „Das Junge Rheinland“, Карл не сликал само експресивни авангардни слики. Заедно со другите уметници од групата издавале и списание за политичка сатира. Станал дел од Комунистичката партија на Германија и во 1930 година бил коосновач на локалниот огранок на „Asso“ во Дизелдорф, организација на комунистички уметници.

Улица во Марсеј (1931)

Малтретиран и понижуван

Во 1933 година, нацистичките власти ја распуштиле „Das Junge Rheinland“, означувајќи ја групата како „мајка на дегенерираната уметност“. На многу членови им било забрането да ја вршат својата професија. Некои се договориле со новата влада и станале признати уметници. Сепак, Карл продолжил да дистрибуира памфлети, им помагал на другите жртви на прогонство нудејќи им засолниште и брзо се нашол под притисок поради неговиот политички став кој го искажувал отворено. За прв пат бил уапсен во јули 1933 година и бил во притвор неколку месеци. Бил малтретиран од страна на СА во „Шлегелкелер“, затвор за мачење во Дизелдорф, бидејќи сакале да ги дознаат имињата на неговите соборци во отпорот - и да го понижат како „интелектуалец“.

Егзил во Белгија

Затворските документи на Карл во Архивот Аролсен покажуваат дека тој официјално бил затворен во судски затвор од август 1933 година под обвинение за „велепредавство“. Во февруари 1934 година, бил осуден од Канцеларијата на јавниот обвинител за „подготовување велепредавство“ и бил затворен до 18 ноември 1934 година. Потоа успеал да побегне во Белгија каде ја завршил серијата “Schlegelkeller-Zyklus” која содржи 48 скици и текстови на кои се прикажани неговите искуства како жртва на нацистичката тортура.

Делата од “Schlegelkeller-Zyklus” биле изложени во Брисел и Амстердам во 1936 година, а во Москва во 1937 година.

За време на егзилот на Карл му било одземено германското државјанство. Овој документ за денатурализација се чува и во Архивата Аролсен. Во 1937 година националсоцијалистите конфискувале и уништиле 17 негови дела од германските музеи - исто како и стотици други слики кои биле класифицирани како „дегенерирана уметност“ од нацистичката културна пропаганда.

Работничка таверна (1923)

Враќање во Германија

Во 1940 година, по инвазијата на Белгија од страна на германските трупи, Карл повторно бил уапсен и депортиран во Франција. Неговото име се појавува на списокот со луѓе кои живееле во Белгија во мај 1940 година, кои потоа биле испратени во француските затвори. Карл веројатно бил постојано затворен до 1945 година, а во тој период бил и вратен во Германија од страна на СС. Во Архивата Аролсен има само докази за негово повремено затворање во Франција, летото 1943 година. Преживеал, се вратил во Дизелдорф, се оженил и имал три деца. Починал на 19 јуни 1955 година, на неговиот 57-ми роденден.

 

„Бидејќи се сметаа за опасни за државата, како трофеи одвлечкаа три поголеми слики (...) од моето ателје до Шлегелкелер. Затворениците и припадниците на СА беа собрани пред сликите и принудени да гледаат што ќе се случи со авторот на сликите“.

Карл Швесиг, „Schlegelbericht“ (Schlegel Account) (1935/36)


Од серијалот “Schlegelkeller-Zyklus” (1936)

 

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://arolsen-archives.org/