1016 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пон, 17.02.2025 03:59
Под масивната конструкција на скопската „Нова Железничка”, остаток од визионерските планови на Кензо Танге за модерно Скопје по земјотресот во 1963 година, се крие еден необичен музеј на отворено.
Наместо планираната „Градска порта”, овој простор денес е дом на стотици графити кои ги красат бетонските столбови, секој со своја приказна, стил и порака. Тоа е приказна за трансформацијата на еден запуштен простор во живо сведоштво за креативноста и духот на градот, каде бетонот зборува. Изборот од 100 фотографии на овие графити може да го видите тука, во текстот е пренесен еден дел од нив.
Едно жешко скопско пладне во јули се скрив под сенката на горостасот наречен „Нова Железничка”. Иронијата на тоа име ме удри во моментот кога се најдов под огромната бетонска структура – колку долго нешто може да биде „ново”?
Не се најдов таму случајно, имав мисија: да ги документирам графитите кои го красат овој запуштен простор. После тоа се знае, објава на арно.мк, во групата графити.мк, ако испадне добро можеби и во новиот (несуден?) број на „Гррфт магазин” – светото тројство на ова патешествие на кое никој не ме покани, а можеби и многумина се прашуваат, каде одам и што воопшто сакам?
Како што често се случува со ваквите авантури, набрзо сфатив дека ова ќе биде многу повеќе од обично фотографирање. Веднаш открив дека ја заборавив картичката за фотоапаратот и бев заглавен со стариот телефон кој и така не вади кој знае какви фотки, а во дебелата сенка на железничката – уште полошо!
Но, тоа е што е – roll with the punches, како што велат Американците. Додека стоев пред масивните столбови што ја држат железничката станица и го планирав патешествието, помислив на Кензо Танге и неговата визија за Скопје. Овој јапонски архитект ја замислил железничката станица како дел од „Градската порта” – мега структура што требало да го редефинира градскиот пејзаж по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Колку сме далеку од тој сон, помислив, гледајќи ги испуканите бетонски површини, запуштениот пејзаж и ‘рѓосаните метални делови. Сепак, тука се графитите, да го развеселат малку овој тажен простор на неостварени сништа.
Почнав да ги истражувам столбовите еден по еден, а ги има многу! Секој од нив како временска капсула, чувајќи слоеви од историјата на скопската улична уметност. Тука се потписите и делата на легендарните цртачи: Драш, Флим, SRK, ОКС, Нејмлес, Руки, Вутар, Дарма, ЕБСФ, Хром, Dreadpen… Секое име како сведожба за различните ери од развојот на нашата графити сцена.
Еден графит особено ми го привлече вниманието – голем, комплексен дизајн што се протегаше на еден бетонски ѕид. Препознатлив стил и потпис на Драш, еден од пионерите на скопската графити сцена. Неговите дела секогаш ме фасцинирале со одличната типографија и фантастични карактери. Додека го фотографирав, се прашував колку часови му требале да го создаде ова дело и под какви услови работел, дали и Ина Нејмлес учествувала (потпишана е?) или Драш ја потпишал како посвета, и кој е Благоја?
Продолжив понатаму, опркружен со нечистотија, отпадоци и непријатна миризба од влага. Во близина баа и графитите од Based од 2022 и EBSF (потпишани на латиница) од 2015 година. Авторот Rash воопшто не ми беше познат од моите разговори со Pack и Вутар… хм, ќе треба да ги препрашам… но, одиме понатаму.
На неколку столбови имаше интересни карактери кои ги идентификував како авторство на цртачот и графичкиот дизајнер Флим. Нормално, не бев сигурен.
Тука беше и цртачот потпишан како Јане со графити од 2012-14 година кој не сум го сретнал на други места. Можеби е еден од оние цртачи кои пребегале в’ туѓина, како што сподели Драш во едно од неговите интервјуа.
Само што сакав да тргнам понатаму, кога пред мене се создадоа двајца полицајци кои сомнително ме гледаа. „Што правите тука?“ праша едниот остро, но сепак со доза претпазливост, зашто ми се обрати со „вие”. За момент се почувствував како тинејџер фатен во цртање графити.
„Ги документирам графитите”, одговорив, обидувајќи се да звучам што е можно попрофесионално. „Ќе ви ги покажам сликите”, сакав да ги уверам, но на мое изненадување, изразот на нивните лица омекна и рекоа дека нема потреба. „А, да”, рече другиот полицаец, „има интересни графити тука. Го видовте ли оној таму?” и ми покажа кон графитот на Драш. Се насмевнав и кажав дека е добар и веќе го фотографирав.
Следните неколку минути поминаа во зачудувачки пријатен разговор за уличната уметност во Скопје. Ме прашаа дали го знам големиот графит на кејот на Вардар и споделив со нив дека тој графит е долг 350 метри и како таков најголем во Македонија, а тие изгледаа искрено заинтересирани.
Се поздравивме и продолжив со мојата мисија, сега со поголем ентузијазам. Требаше да ги поминам сите столбови под Железничката. Секој нов графит што го откривав беше како да отворам страница од книга за историјата на Скопје.
Додека одев од столб до столб, неизбежно почнав да се присетувам на моите тинејџерски денови. Се сетив на моите неделни „аџилаци” од Дебар Маало до „Поп-Шоп” во Т.Ц. Скопјанка, кога овој простор беше празно платно. Тогаш, во раните 90-ти, доаѓав тука во потрага по нови касети на Mudhoney, Melvins или Fugazi.
Се запрашав како ли изгледале првите графити тука. Дали биле едноставни тагови, или веќе амбициозни уметнички дела? Графитите од ОКС и Драш, кои ги открив изгледаа како да се од некоја поранешна фаза додека истите ја учеле уметноста на цртањето. Барем така ми се чини. Дури и потписите беа на латиница, што не е често во нивната екипа. Можеби треба да го прашам Драш, да му направам интервју како на Хром, Вутар или Раск. Такви мисли ми се врткаа во главата додека систематски ги поминував столбовите прво од едната, па од другата страна.
Меѓу графитите, наидов на неколку со пораки, какви што сѐ помалку има во Скопје. „Feelin’ Chosen” – напишано со големи, смели букви. Дали е ова изјава на самодоверба или можеби горчлива иронија? Малку подолу, прочитав „Сите ме знаат, а никого не препознавам”, речиси поетска рефлексија на модерното отуѓување во урбаните средини или израз на егото на авторот? А потоа, нешто што ме изненади, графит со текст: „Zee Bomb го запали мостот Беласица”. Се прашував дали полицајците го виделе ова и што би помислиле?
Се присетив на муабетот со нив и сфатив колку многу се променила перцепцијата за графитите во Македонија. Од нелегална активност осудувана како вандализам, до признаена уметничка форма која се промовира во рамки на проектот „Скопје, престолнина на културата 2028”. Оваа трансформација зборува многу за промените во нашето општество – како постепено учиме да ја цениме урбаната култура и да им даваме простор на младите гласови.
Во тој момент, зад мене се појави сомнителен пар – маж и жена кои очигледно беа под влијание на некаква супстанца. Се оддалечив од нив, продолжувајќи го моето истражување во друг дел од просторот.
Наидов на неколку интересни стенсили, слика на Гоце Делчев, со цитат „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите”, мистериозниот симбол, кој мојот соработник од Графит.мк, Го Це Тунт, веќе го има документирано, човечето од Einstürzende Neubauten, мојот омилен бенд од детството, неколку одлични портрети на луѓе, черепи кои пушат, дури и племенски симболи и јапонски канџи натписи, и еден цртеж, како излезен од списанието „Маргина”.
Како што се доближував до реката Вардар, пред мене се открија најзначајните потписи од графити сцената. На едно место беше графит на ЕБСФ, колективот што ја спои графити уметноста со хип-хоп културата.
Над него потпис на Хром, еден од најважните графити уметници во градот, кој има поврзано повеќе генерации и одиграл клучна улога во развојот на сцената со тоа што им овозможил место каде да купуваат квалитетни материјали за нивните графити, неговиот графити шоп. До него Руки (Чуки), една од ретките девојки од сцената, покрај Ина Нејмлес, кои имаат специфичен и препознатлив стил, а под нив поновите генерации како ПСЖ. Беше фасцинантно да се види како различните стилови и техники се развивале низ годините.
Се разбира, тука беше и Вутар, кој по интервјуто што го направивме со него ми изгледаше веќе познат и близок.
Поминав повеќе време од планираното во овој простор, потполно занесен во истражувањето и веќе морав да заминам поради работни обврски (замисли – не живеам од фотографирање и пишување за графити!), но знаев дека носам со себе богатство од визуелни сведоштва за една често занемарена страна на нашиот град.
На пат кон дома, размислував за значењето на овој простор. Иако запуштен и заборавен од многумина, тој е всушност жив музеј на нашата урбана култура. И не само графитите, туку и историјата на градот, врската помеѓу Центар и Аеродром од една страна, кои Железничката станица така остро ги сече, што не дозволува ни маглата да помине од едната на другата страна на градот. Кисела Вода и некогашниот саем, сегашниот Ист Гејт, две различни приказни од старата и нова историја на Скопје.
Се прашував што би било кога овој простор би се претворил во вистински музеј на отворено. Замислував водичи кои ги водат посетителите од столб до столб, објаснувајќи ги различните стилови и техники, раскажувајќи за уметниците и нивните инспирации и како се развивала сцената низ годините. Можеби еден ден, кога Скопје навистина ќе стане престолнина на културата, овие графити ќе бидат ценети како важен дел од нашето културно наследство. Но, можеби и не би требало да биде така. Графитите се дел од неформалната култура и многумина веруваат дека треба да останат такви.
Вечерта, додека ги прегледував фотографиите на мојот компјутер, одбрав 100 фотографии и ги подготвив за споделување. Ако некој биде инспириран да го посети просторов лично, да ги види овие дела со свои очи и да ја почувствува енергијата на местото – супер!
Дали мојата „мисија” прерасна во нешто многу повеќе од обично документирање – не знам. Сведок на културната историја на мојот град, запишана не со пенкало, туку со спреј на бетонски столб.
Аудио запис од текстот може да слушнете тука.
Извор: https://arno.mk