1029 hPa
80 %

-4 °C
Скопје - Сре, 12.02.2025 02:59
Младинскиот културен центар во Скопје го најави 23-тото издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс”, кое ќе се одржи од 11 до 17 јули.
Свеченото отворање на фестивалот на 11 јули, со почеток во 20:30 часот ќе го одбележи проекцијата на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, „Rosforth” и „Rumraket”, а по филмот ќе има концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”.
Во паркот зад МКЦ, повторно ќе биде реоживеана магијата која остана да лебди како ѕвездена прашина над македонското музичко небо. По концертот, ќе следува диџеј сетот на Fitz from Earth или диџеј Strogo Pop до раните утрински часови.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023, претставува шармантен увид во дарежливата и културна размена која премостува граници, меѓу македонскиот музички свет и данскиот бенд Ефтеркланг. Идејата на ова комично и себеспознавачко патешествие е со цел составување на мега ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Бендот е сочинет од 22 музичари, од кои покрај днскиот состав Efterklang членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, како и истакнатите музичари Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на РС Македонија, Данскиот уметнички совет и програмата „Culture Moves Europe“ на Европската Унија.
Oд МКЦ известуваат дека билетите за отворањето на фестивалот на 11 јули се целосно распродадени.