Мултисетилниот танц на Мана Хашимото

10.07.2024 09:43
Мултисензорниот танц на Мана Хашимото

„Танцувањето значи предавање на телото и душата на незнајни можности. Слушам, мирисам, чувствуам, живеам, танцувам”, вели Мана Хашимото. 

Мана Хашимото е кореографка и танчерка од Њујорк. Нејзината четиринаесетгодишна кариера ја одвела од родниот град Токио на сцените ширум светот. Таа веќе била искусна танчерка во времето кога почнала да го губи видот.

Хашимото се сеќава на последната боја што ја видела: пастелно сина. Тоа била една од многуте бои на перницата во нејзиниот стан, осветлена од улична светилка. Во еден момент, боите почнале да исчезнуваат, една по една.

„Еден ден исчезна и сината. Она што го гледав вчера, следниот ден веќе го немаше. Кога сè исчезна, издишав со олеснување: веќе немаше што да изгубам”.

Иако во танцот сѐ е визуелно и огледалата се насекаде, бидејќи танчерот мора да биде свесен како изгледа на сцена, Мана не размислувала за друга кариера, туку за истражување на другите сетила за танц.

„Ниту во еден момент не ми падна на памет идејата дека повеќе нема да можам да танцувам. Кога видот ми беше целосно оштетен, сѐ уште ги носев чевлите за танцување во мојот ранец каде и да одев, надевајќи се дека ќе најдам место за танцување. Видот не е задолжителен, животната сила е.”

Кога блиска пријателка ја поканила на час по класичен балет, таа со задоволство прифатила. Токму на тој час сфатила дека, ако го допре телото на друг танчер/ка и ги следи неговите/нејзините движења, лесно може да совлада нови танцови вештини.

„Пред мене се отвори врата и повторно зачекорив во светот на танцот. Ми се отвори уште еден свет: светот на мултисетилните искуства”.

„Додека експериментирав и одново го учев танцот преку допир, сфатив дека набљудувањето со прстите ми дава подиректни информации од оние што ги добивав со моите физички очи”.

„Можев да ја почувствувам динамиката на движењето низ долниот дел на 'рбетниот столб на танчерите, можев да го почувствувам протокот на енергија и да ги доживеам сликите што се формираа во нивните умови”.

„Тоа беше богат и моќен начин да се доживее човечкото тело и движење. Се запрашав, во тој нов свет, кои се скриените можности за танцување. Што ќе се случи ако ги затвориме очите, ги отвориме срцата и се препуштиме на танцот?”

Оттогаш, таа се посветува на спојување на сетилното искуство на слепите луѓе и танцовите искуства и движења. Нејзината кореографија го истражува искуството на слепа жена која користи многу сетила во својот уметнички израз.

Прилично брзо по губењето на видот Хашимото покренува работилници насловени Танц без вид, на кои движењето се истражува преку сетилата за допир и мирис. Луѓето кои гледаат на работилниците носат превез на очите, за да ги прошират своите креативни хоризонти. Оттогаш до денес, на нејзините работилници учествувале илјадници луѓе од целиот свет.

Мана континуирано создава танцови перформанси кои поврзуваат луѓе со различни способности. Лицата со попреченост имаат клучна улога во создавањето на мултикултурализмот, иако честопати се недоволно присутни на современата танцова сцена.

„Танцот сам по себе е чудо. Кореографијата и соло настапот се начин да се бараат одговори на големите прашања: Од каде доаѓам? Каде одам? Зошто сум овде?”, завршува Хашимото.

Извор: https://portaloinvalidnosti.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото