Евреите

10.07.2024 13:15

Евреите се ко слики изложени во излог,
заедно збрани, високи и ниски, живи и мртви,
невести и младоженци, обрежани момчиња и мали бебиња,
Некои се пресликани од стари, пожолтени слики.
Понекогаш ќе се најде некој што излогот ќе го скрши
и сликите ќе ги спали. И потем одново
се сликаат и развиваат слики,
ги изложуваат, тажни и насмеани.

Рембрант ги насликал со турски турбани
украсени со прекрасно жежено злато.
Шагал ги насликал како лебдат во воздух,
а јас ги сликам според мајка ми и татко ми.
Евреите се вечен шумски резерват
во кој дрвјата се густи, а ни мртвите
легнати не се. Исправени се, се потпираат на живите,
па ајде разлика најди. Само што пожарот
мртвите побрзо ги голта.

А што да се каже за Бога? Тој лебди
ко мирис на прекрасна жена што еднаш
им дошла во пресрет без тие ликот да ѝ го видат,
само мирисот ѝ останал да рее, парфеми разни,
благословен да е Создателот на мириси разни.

Евреинот колипката во дворот на предците ја помни.
Таа спомени му носи
за талкањето низ пустината, а таа, пак, со сеќавања го храни
за младешката чедност и за Плочите со Десетте заповеди,
за Златното теле, за жедта и гладта,
што, за возврат, на Египет повторно го потсетуваат.

А што да се каже за Бога? Според договорот
за развод од Едемската градина и храмот Божји,
Господ само еднаш годишно,
на Нова година, децата си ги гледа.

Евреите не се историски народ,
ниту, пак, археолошки, Евреите
се геолошки народ со провалии
и стерни, со наслаги и вжарена лава.
Историјата мора да им се мери
по различна скала.

Евреите се со потемен лик, светнат од страдања и тормози,
ко камчиња се мазни на морскиот брег.
Евреите само по смртта своја се разликуваат,
ко камчиња мазни сред камење друго:
кога силна рака ќе ги џитне,
ќе отскокнат два-трипати
по површината на водата пред во неа да втонат.

Пред извесно време сретнав прекрасна жена
чиј дедо ме обреза мене,
одамна, пред таа да се роди. Ѝ реков,
не се знаеме, ни ти мене, ни јас тебе,
но од истиот сме еврејски род.
Дедо ти умрен и јас, обрезаниот, и ти, прекрасната внука
со коса од злато: Евреи сме ние.

А што да се каже за Бога? Еднаш пеевме,
„Бог ко нашиот нема“, сега пееме, „Нема Бог што е наш“,
но сепак пееме. Сѐ уште пееме.

Превод: Зоран Анчевски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото