Нацијата и слободниот политички субјект

10.07.2024 23:51
Нацијата и слободниот политички субјект

Прашањето за кое треба да се дискутира многу повеќе и многу поинтензивно гласи: Дали ни е потребна националната држава? Тоа е чисто европско прашање, кое мора да се разреши во самата Европа. Националната држава се гледа како решение за ослободување на народите кои не можеле да се развијат во рамки на големи системи - монархии, односно империи. Во тие системи, народите кои не му припаѓале на привилегираното општество биле ограничени, па дури и тогаш кога привилегиите кулминирале. Во војската и бирократијата немало шанси некој од припадниците на малцинските народи да се искачи над одредено, однапред утврдено ниво. За поединецот да стане, на пример генерал или министер, морал да се избори за својата земја, за национална држава. Дури тогаш поединецот можел да напредува до самиот врв; така, барем теоретски, сите можеле слободно да се движат по вертикалата.

Така националните држави одиграле прекрасна улога во еманципацијата на малцинските народи. Се покажало дека се еднакви со оние кои секогаш биле над нив, и тоа според раѓањето, значи - однапред. Таа неправда ја разрешила националната држава. Меѓутоа, проблемите почнуваат во моментот кога веќе нема империи од кои треба да се оттргне, кога нема непријатели заради кои е создадена.

Така, националната држава требало да одигра епизодна но важна улога во историјата на народите. Таа епизода се развлекла во вечност.

На националната држава, за да биде здрава и витална, ѝ треба голем непријател, некој кој држи сè под контрола и ги одредува правилата врз основа на привилегиите стекнати со раѓањето. За националните држави да живеат со полни гради им е потребен непријател, а кога го нема, треба да се измисли. Зашто без непријатели не можат да функционираат. Таквата борба им е всадена во ДНК. Така настанале, имале конкретна задача. Без специфичен непријател, улогата на националните држави практично станува бесмислена.

Тоа меѓу првите го сфатила Хана Арент. До таков заклучок дошла по заобиколен пат, така што размислувала за бегалците. На крајот го напишала текстот „Пропаста на националната држава и крајот на човековите права“. Арент наведува дека бегалците се совршен пример за примена на човековите права; некој што изгубил сè и морал да побегне од домот - е идеален за примена на целиот пакет човекови права. Арент пишува:

-Концептот на човековите права заснован на претпоставеното постоење на човечкото битие како такво пропаднал тогаш кога оние што го заговарале првпат се соочиле со луѓе кои ја изгубиле секоја друга специфична особина и одредница, освен голиот факт дека се човечки битија.

Националната држава не ги заштитила човековите права на оние на кои, откако изгубиле сè друго, им останале само правата.

Арент го забележала само тоа и продолжила понатаму. Како и во многу други случаи, немала време да разработи сè што сфатила. Тоа им го оставила на будните мислители. Тезата останала недопрена сè додека не ја разработил Џорџо Агамбен во книгата „Homo sacer“. Агамбен објаснува зошто основните човекови права не важат за бегалците. Одговорот е едноставен, зашто во концептот на човековите права е вградено она што е основа на националната држава. Како што вели Агамбен, „... голиот, природен живот, односно чинот на раѓање, овде се јавува како извор и носител на права“. Значи, треба само да се родите за да бидете носител на суверенитет, без заслуги, без труд... Правата важат само за оние кои се родиле во вистинско време на вистинско место. Практично не морале да направат ништо со своите животи за да им припадне цел пакет права без приговор. Бегалците радикално го нарушуваат складот помеѓу националната држава и темелите на кои е изграден концептот на човековите права. Затоа националните држави не можат да им овозможат на бегалците да ги уживаат овие права. Националната држава и човековите права, како што се дефинирани во меѓународните документи, кои никој не ги оспорува, самото раѓање го ставаат пред достигнувњата.

-Нацијата, која етимолошки води потекло од глаголот nescere (да се роди), така го затвора кругот започнат со човечкото раѓање - поентира Агамбен.

Голиот, природен живот, а не квалификуваниот живот кој го промовирале старите Грци, станал директен носител на суверенитетот.

-Нема да можеме да ги сфатиме развојот, „националната“ и биополитичката вокација на модерните држави од 19-от и 20-от век, ако сè уште го пренебрегнуваме фактот дека во нивната основа не е човекот како свесен и слободен политички субјект, туку, и пред сè, неговиот гол живот, раѓањето кое, преминувајќи од поданик до државјанин, како такво е обдарено со принципот на сувереноста - пишува Агамбен.

Да се вратиме на почетокот, на создавањето на националните држави. Со оглед на тоа дека раѓањето било мерка за сите нешта, тоа одредувало дали ќе бидете благородник, дали ќе биде доминантен јазикот на кој зборуваат вашите родители, дали ќе добиете иста плата за иста работа... или ќе живуркате на другата страна со сите рестрикции и ограничувања - националните држави биле логично решение за излегување од таквиот цврсто затворен круг. Меѓутоа, откако ја извршиле оваа функција, со други зборови, кога се создале, веднаш ја изгубиле смислата. Во истиот момент се претворени во она што го покренало нивното создавање. Во она против што се бореле заговорниците на создавањето на националните држави - дека со раѓањето се добиваат права кои не можат да се одземат, додека во спротивно, ако не сте родени во дадените рамки, не можете да ги стекнете тие права, па не можете ни да станете носител на суверенитетот.

Практично, ништо не се променило. Привилегираното благородништво е заменето со привилегирана нација. Залудно сме се бореле, кога раѓањето сè уште е единствен критериум за сите. Грчкиот идеал - свесен и слободен политички субјект - е заборавен во средниот век.

Во националната држава всушност не е можно да се дојде до „слободен политички субјект“, зашто оние кои ги добиваат сите права со самото раѓање не се мотивирани да се борат, нивната слобода е тесно омеѓена, а суштината на постоењето потонала во негацијата на другиот, првенствено соседот кој исто така ги има сите права стекнати со раѓањето. Во таква констелација „слободните политички субјекти“ можат само да се отселат и да си ја пробаат среќата онаму каде националната држава не е алфа и омега (од Грците очигледно ни останаа само буквите).

Националната држава е само товар, филтер кој не пропушта фини честички. Секако, прашањето е, а што друго наместо националната држава? Проблемот е во тоа што премногу сме нурнати во неа; премногу ја има, таа е насекаде околу нас. Можеби како таква не може да се укине, не може да исчезне, но може да се трансформира. За почеток, би можеле да почнеме да работиме на создавање човек кој пред сè е „свесен и слободен политички субјект“. А тоа не се добива со раѓање.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: James Jean

Извор: https://lavalab.rs/

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото