1029 hPa
74 %

-1 °C
Скопје - Вто, 11.02.2025 21:59
Чарлс Канингем Бојкот
Се слуша речиси секојдневно ширум светот, се поврзува со протести, опструкции и колективно противење на некој производ, поединец или држава.
Го користат групи за да го попречат развојот на општествените, економските или политичките мерки кои ги сметаат за неправедни.
Термин со универзален карактер - бојкот.
Овој израз првпат се појавува во англискиот речник, како boycott, од каде е изведен и изразот на шпански el boicot.
Но неговото потекло, всушност, се поврзува со едно име - Чарлс Канингем Бојкот.
Кон крајот на 19-от век овој ветеран на британската војска управувал со поседи на североистокот од Ирска, кога за закупната цена влегол во конфликт со луѓето кои му го обработувале земјиштето.
Протестот не бил насилен но оставил последици.
Чарлс Канингем Бојкот бил економски и општествено изолиран, без работна сила, заради што му пропаѓале посевите.
За случајот во 1880-та година многу известувале британските медиуми, употребувајќи го неговото презиме за да ја опишат тактиката на закупците.
Набрзо изразот бојкот се нашол во неколку различни речници.
Џон Криктон
„Капетанот“ Бојкот
Чарлс Канингем Бојкот е роден 1832 година во Норфок, Англија.
Го интересирала војската и во 1848-та година се запишал на Кралската воена академија, но една година подоцна го исфрлиле заради неположен класен испит.
Меѓутоа, неговото семејство му купува офицерско место во полкот, што во тој период било вообичаена практика.
Неговиот интерес за воениот живот со текот на времето избледнал, па три години подоцна ја напуштил војската со намера да биде земјоделец.
Се преселил на островот Ахил во близина на округот Мејо, на североистокот од Ирска, каде останал 17 години.
Таму затекнал плодна почва и успешно се занимавал со земјоделство во непријателско и предизвикувачко опкружување.
Сепак, сакал да се пресели на копно, поблиску до „цивилизацијата“ и да заземе подобри земјишта за земјоделство.
Токму тоа и го направил.
Џон Криктон, војводата од Ерне, поседувал повеќе од 15 000 хектари во Ирска и во 1872-та година барал некој кој би управувал со неговото земјиште во округот Мејо.
Управникот според договорот би добил и 250 хектари за обработка, викендичка со штала и куќичка за чамци.
Војводата сакал Англичаните да бидат на управувачки места и да водат сметка за закупот на неговите поседи.
Според биографите, Бојкот верувал дека владејачите и земјопоседниците имаат „божествено право“.
Се однесувал себично, не обраќајќи внимание на мислењата и советите на другите.
Заради цврстото владеење и непријатната личност не бил популарен меѓу фармерите закупци.
Без проблеми ги исфрлувал сите што доцнеле со плаќањето закуп, а изрекувал и парични казни за најмалите пропусти, како доцнењето на работа или пуштањето животни да лутаат по неговата земја.
Казните често ги надминувале нивните плати.
Конфликтот со Аграрната лига
Кон крајот на 1870-та година Ирска ја погодила лоша земјоделска сезона.
Посевите пропаѓале и се заканувала глад, што особено ги погодувало фармерите закупци, кои тешко се бореле со плаќањето на киријата.
Синот на еден од нив од округот Мејо, во 1879-та година ја формирал Националната аграрна лига за да се избори за намалување на рентите.
Лигата била блиска со ирското движење за независност, но нејзината крајна цел била на земјоделците да им се овозможи да ја поседуваат земјата што ја обработуваат.
Закупците на земјата на војводата од Ерне барале киријата да се намали за четвртина, но војводата одобрил да се намали за 10 проценти.
Чарлс Стјуарт Парнел
Му дозволил и на Бојкот да ги наплати сите заостанати долгови, а да ги исели оние што должат.
Биле иселени три семејства заради што Аграрната лига одлучила да реагира.
Чарлс Стјуарт Парнел, лидерот на лигата и праеник, ги повикал следбениците „да го избегнуваат и презираат секогаш и секаде оној што ќе исфрли друго човечко битие и да го изолираат од остатокот на земјата како да е лепрозен.“
Чарлс Бојкот бил изолиран.
Никој не сакал да ги купи и продава неговите производи.
Не можел да ја обработува земјата ниту да соработува со мештаните.
Ни поштарот веќе не носел пратки.
Бидејќи производите му пропаѓале, неколку земјопоседници се сожалиле, собрале пари и огранизирале спасувачка екипа од 50 луѓе да му помогнат на Бојкот во жетвата.
Повеќе од 900 војници ги штителе земјоделците од можното насилство на мештаните.
Имајќи ја предвид нивната бројна состојба, движењето и работењето, целата операција чинела околу 10 000 фунти во тоа време, за да се спасат посевите вредни 30 пати помалку.
Новиот збор
Аферата Бојкот станала голема вест во Ирска, Англија и другите земји од англиското говорно подрачје.
Ширум Ирска имало сè повеќе извештаи за бојкоти, а мерката драматично ги охрабрила селаните.
Не е познато кога изразот бојкот официјално се нашол во речник.
Во Оксфордскиот речник на англискиот јазик влегол во 1888-та година.
Дотогаш немало збор кој адекватно би ја опишал акцијата за изолирање, заплашување и создавање стереотип и мит околу нешто или некого.
Зборот бојкот почнал да се користи и во другите јазици и да се употребува за опишување сите видови акции од овој тип, но главно се поврзува со политиката.
Чарлс Канингем Бојкот, дискредитираниот „капетан“ се вратил во Англија неколку месеци подоцна.
Умрел 1897-та година, но неговото име продолжува да живее.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.bbc.com/