Странски државјани чекаат евакуација од Македонија

03.03.2011 00:06
para-2.jpg

Група странски државјани од неколку европски, азиски и африкански земји денес во Скопје одржа прес конференција на која побараа од властите на своите матични земји да им помогнат во евакуацијата од Македонија. Според нив, овој апел следува веднаш по најавите за предвремени избори во земјава, кои, според нив, претставуваат сериозна закана за нивното ментално здравје и сигурноста на членовите на нивните семејства.

-Ги молиме властите на нашите земји да преземат што поскоро соодветни активности за наша евакуација затоа што кампањата за изборите може да почне во секој миг, а тогаш веќе ќе биде предоцна - додадоа тие.

Неколку од странските државјани кои доаѓаат од арапските земји кои неодамна беа зафатени од бранот протести и смени на власта беа прашани дали зад нивните барања за евакуација можеби стои желбата да се вратат во своите земји и да помогнат во изградбата на демократијата или пак имаат намера да учествуваат во ослободувањето од останатите апсолутистички владетели во своите земји.

-Се работи за чиста шпекулација – одговорија тие – наша единствена желба е да ја напуштиме Македонија додека предизборниот и изборниот хаос не започнал. Ништо повеќе и ништо помалку од тоа. Разберете нè, и ние сме луѓе од крв и месо - заклучија тие.

Експертите кои ги консултуравме се согласија дека барањата на странските државјани се оправдани и дека мал број од нив се психофизички спремни да ја издржат ригорозноста на предизборието, кампањите и гласањето во Македонија.

-Се работи за еден поинаков ментален склоп на овие луѓе, за поинаков културно-политички бекграунд – ни изјави професорот Здравко Наумовски. – Земјите во кои тие израснале немаат ваков политички амбиент како кај нас, ваква динамична и тензична политичка сцена. Со еден збор, тие не се доволно мазохисти за да издржат и поднесат неколку месеци, колку што трае предизборниот и постизборниот процес.

Додека се очекува реакција од повиканите земји, неколку хуманитарни и невладини организации предупредија на сериозните последици ако продолжи неизвесноста околу нивната евакуација.

Содржините во рамките на рубриката „Пара вести“ се измислени и фиктивни сатирични содржини кои не треба да се земаат како извор на информации. Секаква сличност или блискост со вистински лица и настани е случајна.

ОкоБоли главаВицФото