1020 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 24.01.2025 03:59
Лична карта, Од таму сум, Во Ерусалим, Има причини да се живее на земјава, Трага на пеперуга. Цртежи: Абделрахман Ал Музајен.
Лична карта*
Пиши:
Јас сум Арапин
Број на лична карта: 50.000
Деца: осум
По летото доаѓа деветтото.
Те лути тоа?
Пиши:
Јас сум Арапин
Со измачените другари работам во каменолом.
Имам осум деца,
Од карпите им вадам
Облека, парче леб и тетратка.
И не питачам пред твојата врата
И не паѓам на плочникот пред твојот праг.
Те лути тоа?
Пиши:
Јас сум Арапин
Име сум без титули,
Трпелив во земја каде што
Сè живо врие од гнев.
Моите корени...
Пуштени се пред раѓањето на времето,
Пред започнувањето на годините,
Пред кипарисите и маслините,
Пред надирот на тревите...
Татко ми е од родот на ралото,
Не привилегиран господин.
И дедо ми беше селанец
Без благородно потекло и род,
Ме учеше за висината на сонцето
Пред да ме научи да читам.
Мојот дом е чуварска колиба
Од гранки и пратови.
Те задоволува мојот статус?
Јас сум име без титула.
Пиши:
Јас сум Арапин
Боја на коса: саѓава
Боја на очи: кафена
Лични карактеристики:
На главата куфија врзана со игало**,
Дланката јака како карпа
Може да го повреди оној што ја закача.
Мојата адреса:
Село зафрлено и заборавено,
Со безимени улици,
А сите жители се на нивите и во каменоломот.
Те лути тоа?
Пиши:
Јас сум Арапин
Ти ги украде лозјата на моите дедовци
И земјата што ја оравме
Јас и сите мои деца.
Ни на внуците мои не им остави
Ништо освен карпиве...
И нив ќе ги земе вашата влада,
како што се зборува?
Значи,
Пиши, најгоре на првата страница:
Јас не мразам луѓе,
Никого не напаѓам,
Но ако бидам гладен
Го јадам месото на узурпаторот.
Пази се... Пази се од мојот глад
И мојот бес!
*„Лична карта“ веројатно е најпознатата и најомилената песна на Дарвиш која стана симбол на политичкиот и културниот отпор на Палестинците. Секогаш кога Дарвиш ги чита своите песни пред арапска публика, „Лична карта“ мора да се прочита неколку пати, на барање на публиката. Во песната која ги опишува чувствата на обесправените и протераните луѓе, Дарвиш им порачува на сонародниците да го запишат својот гнев и да им се спротистават на неправдите. Песната е објавена 1964 г. во збирката „Лисјето на маслината“, а напишана е неколку години порано, во раните младешки години на поетот, и базирана е врз вистински настан што му се случил. (прев.)
**Куфија е препознатливата арапска марама што ја носат мажите, обично бела или карирана, а прицврстена е со игало, црна врвца. (прев.)
Од таму сум
Од таму сум и имам спомени.
Роден сум како што луѓето се раѓаат. Имам мајка
и куќа со многу прозорци. Имам браќа, пријатели
и затворска ќелија со студен прозорец.
Имам и бран грабнат од галебите
И тревка што расте, и свој посебен поглед.
Имам месечина од највозвишен говор, и куп птици,
и едно вечно маслиново дрво.
Чекорев преку земјава пред мечовите да поминат
низ живото тело што во трпеза го претворија.
Од таму сум. Го враќам небото на мајка му кога плаче по неа,
а плачам и самиот за да ме препознае облакот на враќање.
Го научив целиот говор соодветен за судот на крвта,
за да го прекршам правилото.
Го научив целиот говор и го парчосав
за да составам еден збор: дом.
Во Ерусалим
Во Ерусалим, ми се чини внатре, меѓу старите ѕидови,
чекорам од една до друга епоха без сеќавањето
да ме води. Таму пророците ја делат
историјата на светото... се качуваат на небо
и се враќаат помалку тажни и обесхрабрени
оти љубовта и мирот се свети и во градот доаѓаат.
Чекорев по една падина и мислев на несогласувањето
за говорот на светлината во каменот, меѓу раскажувачите.
Дали од камен со скудна светлина избиваат војни?
Чекорам во сон. Ѕурам во своите сништа.
Не гледам никого зад себе. Не гледам никого пред себе...
Целава светлина е моја.
Чекорам. Лесен сум. Летам и станувам некој друг. Преобразен.
Растат зборовите како треви од устата на пророкот Исаија:
„Ако не верувате, нема да се одржите.“
Чекорам како да сум некој друг,
мојата рана е библиска бела ружа,
рацете ми се два бели гулаба над крст
летаат и ја носат земјата...
Не чекорам, летам, станувам друг, преобразен.
Ни место ни време. Кој сум јас тогаш?
Мираџот* не е крај мене... Но размислувам:
самиот тој, пророкот Мухамед, зборувал
класичен арапски... „И што тогаш?“
Па, што тогаш?
Одненадеж извикува една жена-војник: Пак ти? Зарем не те убив?
Реков: Ме уби... но јас, како и ти, заборавив да умрам.
*Мираџ е 27-та ноќ во месецот Реџеб, по муслиманскиот календар. Зборот мираџ значи скали, мердевини. Тоа е ноќта во која пророкот Мухамед бил воздигнат во небото и однесен на непознати места. (прев.)
Има причини да се живее на земјава
Има причини да се живее на земјава:
Нестабилниот април, мирисот на леб
взори, женските мислења за мажите,
Есхиловите дела, почетокот на љубовта,
Тревата на камен, мајките што стојат на нишки од ноти
за флејта, и стравот на освојувачот од сеќавање.
Има причини да се живее на земјава:
Последните денови на септември,
Дамите што и во четириесеттите цветаат како кајсии,
Часот на сонце во затворски двор, облакот што имитира
купче живи суштества, овациите на народот
спрема оние што во смрт заминуваат со насмевка
И стравот на тиранинот од песните.
Има причини да се живее на земјава:
На земјава е госпоѓата Земја
Мајката на сите почетоци,
Мајката на сите завршетоци.
Ја нарекуваа Палестина,
Наречена е Палестина
Госпоѓата моја: има причини
Зошто си моја госпоѓа,
Има причини да живеам!
Трага на пеперуга
трагата на пеперуга не се гледа
трагата на пеперуга не престанува
таа е привлечност на загадочното
ја заведува мислата и си заминува
кога го открива патот тој е
едноставност на вечното во обичното
копнеж по висина и чудесен сјај
таа е светлински феномен кој означува
водејќи нè преку зборовите
наш интимен водач
како песна е што се обидува
да говори задоволувајќи се
да навлезе во сенките
и ништо да не каже...
трагата на пеперуга не се гледа
трагата на пеперуга не престанува!
Избор и превод: П. Вулкански
Цртежи: Abdel Rahman al Mozayen
За поетот
Махмуд Дарвиш (арапски: محمود درويش) (13 март 1941 - 9 август 2008) е најпознатиот палестински поет и еден од најзначајните современи поети што пишуваат на арапски јазик. Во 2007 година беше лауреат на Струшките вечери на поезијата.
Дарвиш во своите дела ја опишува борбата на својот народ за независност. Го критикува Израел, но и палестинското раководство и внатрешните палестински судири. Пишува за животот на Палестинците во егзил, како и за израелската окупација на палестинските територии.
Автор на триестина поетски книги, а неговите песни се преведени на повеќе од 20 јазици, вклучително и на македонски. Покрај поетските збирки, објавил и десетина прозни дела, есеи и студии.
Учествувал на голем број светски поетски фестивали, држел предавања на престижни светски универзитети, а патот кон својата вистинска меѓународна поетска афирмација го започнал на Струшките вечери на поезијата, кога во 1978 година учествувал како поет на специјалната вечер посветена на современата палестинска поезија.
За сликарот
Абделрахман Ал Музајен (عبد الرحمن المزين) е светски познат уметник и поранешен генерал во „Палестинската ослободителна организација“ (PLO, сега „Палестинска управа“). Прочуени се неговите извонредни цртежи за уништувањето на градот Џенин од страна на израелската војска. Во неговите слики често е присутна фигурата на жена, Анат, античката божица на Ханаанците, која ја симболизира душата и силата на Палестина.
Ал Музајен е роден 1943 година во Кубиба, во Палестина. Во 1966 година дипломирал на Колеџот за ликовни уметности на Универзитетот Хелван, во Александрија, во Египет. Во 1975 година магистрирал на истиот универзитет, а докторирал археологија на Универзитетот во Картум во 199 година. Живее и работи во Газа.