1020 hPa
82 %

13 °C
Скопје - Вто, 25.03.2025 06:59
Сафет Демири доби непријатно изненадување кога се обиде да ја обнови регистрацијата за деловни возила во август 2019 година. „Воопшто не си пријавен овде“, му рекле надлежните во општина Медвеѓа.
„Занемев“, се сеќава Демири во интервју за Дојче веле.
Како бизнисмен тој живее меѓу родната Медвеѓа, каде што има туристички објект и телекомуникациска компанија, и Виена, каде што води градежна компанија.
Но, од тоа лето пред пет години, Демири веќе не е регистриран во гратчето каде што неговите предци живеат повеќе од два века. И против негова волја.
Според Демири, општинскиот функционер само ги кренал рамениците на прашањето како сега да го води бизнисот во Медвеѓа. Демири тогаш ги регистрирал службените автомобили на име на неговиот татко.
До денес неговата адреса не е вратена. Не помогна ни тужбата пред Управниот суд во Ниш. Во решението е наведено дека неговото живеалиште е во странство и дека бришењето на адресата во Медвеѓа било во согласност со законот.
„Неофицијално ми рекоа дека е наредба одозгора“, вели овој 46-годишен човек.
Демири не е единствениот - тој ја дели судбината на илјадници луѓе од таканаречената Прешевска долина во Србија, претежно населена со Албанци. Се’ повеќе од нив се жалат дека едноставно се избришани.
Целта е да се намали албанското малцинство?
Причината е етничката припадност, смета истражувачката Фљора Ферати-Заксенмајер од Универзитетот во Гетинген. Таа и самата доаѓа од регионот и на почетокот на минатата година напиша анализа објавена од Институтот Макс Планк.
Таа случајно го открила феноменот во 2016 година кога била во регионот. „Секој втор Албанец со кој разговарав ми кажа дека институциите го бришат од регистарот на населението“, вели Ферати за ДВ.
Истражувањата, вели таа, покажаа дека тоа се прави систематски. Официјално во Србија тоа се нарекува „пасивизација“ на адресата. Доколку се утврди дека лицето не живее таму каде што е регистрирано, тогаш се брише.
Но, вели Ферати, тоа се случува и ненадејно - ги погодува и луѓето кои се на одмор или на пат. Најчесто луѓето не успеваат да ја вратат адресата. Ова има сериозни последици за пристапот до јавни услуги, за нов пасош или здравствено осигурување.
Во студијата на Ферати се наведува дека целта е да се намали албанското население на југот на Србија. „Додека во Прешевската долина се погодени десет проценти од населението, во другите српски региони речиси нема никаква адресна пасивација, а ако има, тоа влијае на помалку од еден процент на жителите на тие општини.
Посебно е проблематично за Албанците кои живеат и работат во Косово од војната во 1999 година, вели Енвер Хазири, кој раководи со канцеларијата на Косово за луѓе од Прешевската долина.
Многу такви Албанци беа протерани по завршувањето на војната. Тие беа примени во Косово - но не официјално регистрирани. Многумина од нив, избришани од српските досиеја, сега се практично без никаква држава и се на маргините на општеството.
„Иако се морално добредојдени, тие не се ниту признати како бегалци, ниту им се дава косовски државјанство“, вели Хазири. Само властите на Албин Курти направија нешто овие луѓе да добијат барем дозволи за престој.
Фљора Ферати-Заксенмаер од Универзитетот во Гетинген ја истражувала положбата на Албанците на југот од Србија
Камбери: Само една форма на дискриминација
Хелсиншкиот комитет за човекови права пасивирањето на адресите го нарече вид на „административно етничко чистење“.
Во тој дел на Србија живеат околу 60.000 Албанци - во Прешево, Бујановац и Медвеѓа.
И покрај тоа што тие се мнозинство во овие општини и што Србија ги потпишала сите конвенции за заштита на малцинствата на Советот на Европа, Албанците се систематски маргинализирани, вели Шаип Камбери, единствениот албански претставник во српскиот парламент.
Тој потсетува дека Белград се обврзал да го зголеми присуството на албанското малцинство во јавниот сектор и институциите.
„Пасивизацијата е само една форма на дискриминација“, вели Камбери. „Не сме интегрирани во јавниот живот, често се спречуваат потенцијалните странски инвеститори да инвестираат кај нас. Животот во тој регион исто така е отежнат од растечката милитаризација на територијата.“ Како доказ овој претставник покажува карта со 48 воени бази кон границата со Косово. Повеќето од нив се во Прешевска долина.
Енвер Хазири се залага за интересите на Албанците од Србија кои живеат на Косово
Загриженост во Берлин
Камбери неодамна беше во Берлин за да ја заинтересира германската влада и парламентарците за оваа тема. Пратениците со кои се сретнал се загрижени.
Пратеникот на Демохристијанската партија Кнут Абрахам на прашање на ДВ рече: „Барам од амбасадите на ЕУ во Белград да посветат посебно внимание на оваа ситуација и да водат дијалог со претставниците на малцинствата“.
И пратеникот на либералите Томаш Хакер смета дека состојбата на албанското малцинство во Србија заслужува поголемо меѓународно внимание. „Во моментов фокусот е ставен на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Така, за жал, тие паѓаат во стапицата на други, исто толку важни теми. За Хакер, пасивизацијата на адресите делува како притаено обесправување.
Министерството за надворешни работи во Берлин апелира до сите страни да „обезбедат транспарентен и фер третман во согласност со нивните обврски“.
Српските власти не негираат дека се пасивираат адресите, но ја исклучуваат можноста дека станува збор за дискриминација на Албанците. Кон крајот на минатата година тогашниот министер за државна администрација Александар Мартиновиќ за медиумите изјави дека одјавувањето на лицата од адреси се врши согласно законот.
Српската Влада не одговори на барањето на ДВ до објавувањето на овој текст.
Сафет Демири од почетокот на приказната, како и многу други Албанци, поднел жалба до Уставниот суд во Белград. Очекуваат дека и таму нема да помине добро и дека ќе мораат да се жалат и пред Европскиот суд за човекови права. Тие мислат дека таму ќе имаат подобри шанси. Но, прашање е дали тоа би ја променило и политиката на Србија кон албанското малцинство.
Пратеникот Шаип Камбери ги застапува интересите на албанското малцинство во Собранието во Белград
Извор за текстот: Дојче веле (Србија)