Историјата, меморијата, нацијата

15.07.2024 00:33
Историјата, меморијата, нацијата

Понекогаш се чини дека борбата за „правилно“ толкување на минатото во одредени периоди или земји е поогорчена, поемотивна и потенцијално подалекусежна од реалните физички конфликти. Можеби тоа произлегува од познатата изрека на Орвел дека „оној што ја контролира сегашноста го контролира и минатото, а оној што го контролира минатото - ја контролира и иднината“.

Авторитарната контрола на јавниот говор може да има и злокобен контекст, особено кога се работи за реинтерпретација на историјата. Нападот на Украина практично беше најавен со познатиот текст на Путин од јуни 2021 година со наслов „За историското единство на Русите и Украинците“. Путин укажуваше на традиционалната врска помеѓу двата народи - кои според него во суштина се нераздвојни без оглед на (зло)делата на болшевиците, Полјаците итн. Во меѓувреме, Русија повеќе од две години се обидува да го докаже таквото словенско единство со срамнување на украинските села и градови со земја.

Нацијата, според етничката и географската близина и културно-јазичните врски, истовремено е еден вид „имагинарна заедница“ (Бенедикт Андерсон) во која нејзините членови ја градат меѓусебната поврзаност со приказни за заеднички (имагинарно) проживеаното минато. Црњански многу попоетично ја објасни оваа идеја: „Таквиот национ, заедничките несреќи во него го поврзуваат и секој подецинец, кога лежи ја има истата солза во окото. А кога се буди, се буди од истиот сон“. Некои народи памтат подолго од другите, српската народна песна го памти времето пред Косово - но колку е тоа во однос на Библијата или „Илијада“?

Колку и да е важно сеќавањето, пишуваше Ернест Ренан, можеби за конституирањето на нацијата уште поважно е колективното заборавање. За да се формира француската нација требало да се заборават војните до истребување кои во текот на 12-от век ги спроведувале витезите од северот на Франција во Лангдок или исто толку насилните верски конфликти од времето на Вартоломејската ноќ (16-от век). Но ако суровото покорување на Прованса можеби е колективно заборавено, грабежот на христијански Цариград од страна на крстоносците не е простен - без оглед што папата со задоцнување од осум векови им се извини за тоа на Грците и православните.

Минатото никогаш не е премногу длабоко закопано и тоа повторно брзо испливува на површина - дури и кога се работи за банални ситуации. Во времето на економската криза и преговорите за рестриктивните услови за нови кредити со Германија (пред повеќе од десетина години), Грците се присетија на големиот глад предизвикан од нацистичката окупација на Атина. По заканата на Финска дека ќе ја блокира помошта за Португалија, португалските медиуми укажуваа на неблагодарноста на Финците, чија независност ја поддржа Португалија - додуша еден век порано.

Прашањето за сеќавањето и заборавањето, злосторствата и простувањата никаде не е поактуелно отколку на Балканот денес. Како што Черчил наводно рекол „балканските народи создаваат повеќе историја отколку што успеваат да консумираат“, односно дека ја процесираат и рационализираат. Темите на неодамнешните или малку постарите масакри и систематските уништувања се присутни во пропагандата. Сликите од бомбардирања, интерпретациите на Јасеновац, Сребреница, Блајбург, комеморациите на поновите и постарите војни, етничките чистења и масакрите станаа дел од тековната политика како начин за мобилизирање на масите и обнова на менувањето на колективниот идентитет, со цел јакнење на легитимитетот на владејачките структури. За жал, тековната политика на Балканот не ги остава на мира ни живите ни мртвите. Минатото никако да помине. Се чини дека за историјата со сè поголем жар се дискутира доколку таа се претвора во форма на митолошки претстави, односно се злоупотребува за политички цели. Така, на пример, како што одминува времето, бомбардирањето на Србија од страна на НАТО некако станува сè поблиско. Реченицата на Зоран Џинџиќ дека „сè уште не сме го срушиле мостот кој нè поврзува со катастрофалното минато“ сè уште е актуелна во Србија, која е под пропагандната сенка на неорадикалите.

„Светот е преполн со спомени“, вели Иван Галеб во делото на Владан Десница, „светот е преоптоварен со минатото... И премногу се памти... Треба да се ослободиме од минатото, треба да го закопаме... Иднината им припаѓа на оние кои немаат минато“. Како и во случајот со поединците, се чини дека барем делумното заборавање може да биде лековито и за националните заедници - особено кога се работи за големи колективни фрустрации.

Умереноста и селективноста во сеќавањето, како и урамнотеженоста во толкувањето на минатото би требало да претставуваат основи на менталното здравје - индивидуалното и колективното. Зашто, како што напиша мудриот Марко Аврелиј во еден воен логор во близина на Сирмиум пред околу два милениуми: „Сè е минливо, сеќавањето но и предметот на сеќавањето. Уште малку и ќе заборавиш на сè. Уште малку и сè ќе те заборави тебе.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Robert Campbell MacKenzie

Извор: https://www.nin.rs/

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото