1040 hPa
75 %
1 °C
Скопје - Пет, 17.01.2025 08:59
(Кон 69. издание на Стерииното позорје, 26 мај – 03 јуни, 2024 година, Нови Сад, Србија).
Слоганот на овогодинешното издание на Стерииното позорје, како што вели неговата селекторка Ана Тасиќ алудира на „потрагата на протагонистите по делчињата од раздробениот идентитет во постапокалиптичното време, по кошмарот или во кошмарот, кој го живееме локално и глобално и понатаму, по опоравувањето од екс-југословенските војни, транзицијата, пандемијата.“ Одлична формулација кон која би го додале бескрајниот процес на транзиција кој не завршува, туку полека се модифицира во автократија со длабока подученост од западните влијанија кои уживаат во политичкиот комодитет на Европската унија.
Селекцијата на овогодинешното „Стериино Позорје“ има скромни седум претстави во официјалната конкуренција и три во селекцијата Кругови, што би забележале дека е за една третина помала од поранешните неколку селекции. Длабоко нурнувајќи се во идентитетските прашања, историските конфликти апликативни на денешните бегалски трагедии, во семејните дисторзии и конечно во катаклизматичните иронии на секојдневието, оваа селекција нуди разноликост на режисерски концепти, инспиративни драмски текстови и силна актерска енергија. Секако, овде е забележливо и тоа што од шесте претстави во официјалната конкуренција, дури четири се претстави работени по драмски текстови од српски автори, но во театри надвор од Србија, што индицира на актуелноста на српската драматика надвор од Србија, додека пак, од друга страна е видливо дека селекторката таа селекција ја ориентирала по некоја тематска поврзаност, совршено апликативна на надоаѓачката и предупредувачка дистопија за која таа вели дека е „поцрна од Орвеловата.“
Во официјалната селекција беа претставите: „Дождлив ден во Гурлич“, по текст на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват и во продукција на Прешерновиот театар од Крањ и Градскиот театар од Птуј; „Малите војни и кабините на Зара“, по текст на младата Вида Давидовиќ, во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Народниот театар на Република Српска од Бања Лука и Стерииното позорје; „Режимот на исцелувањето“, по текст на Тања Шљивар, во режија на Бојан Ѓорѓев, а во продукција на Хрватскиот народен театар од Вараждин, Хрватска; „Си беше еднаш во Нови Сад“, по текст и во режија на Андраш Урбан, а во продукција на Новосадскиот театар; „Кутрата Милева од Босна во нашата цивилизација во годината 1878“, по текст на Албина Подградска во режија на Анѓелка Николиќ, а во продукција на Народниот театар од Суботица, Детскиот театар од Суботица и Селскиот културен центар од Марковац; „Брод за кукли“ по текст на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Народниот театар од Битола, Северна Македонија и „Татковци и отци“, по романот на Слободан Селениќ, во адаптација на Ката Ѓармати и во режија на Вељко Миќуновиќ, а во продукција на Народниот театар од Белград.
Тематската и режисерската разноликост во контекстот на надоаѓачката дистопија во оваа селекција зборуваат за посветеноста на театарската уметност кон анализата на отуѓеноста и акутната осаменост која резултира со политичка и социјална редундантност која станува фатална. Историските аспекти („Татковци и отци“, „Кутрата Милева...“ и „Било еднаш во Нови Сад“), како и интимните недоразбирања („Дождлив ден во Гурлич“) го задушуваат текот на цивилизациските движења, додека иронијата како начин на промислување на апокалиптичните процеси („Р ежимот на исцелувањето“; „Малите војни и кабините на Зара“; Брод за кукли“), нѐ одвојуваат од она што значи „логично“, „консеквентно“ и „продуктивно“ и во материјалниот и во духовниот живот и нѐ предупредуваат дека мирисот на апокалипсата е многу блиску до нас. Стерииното позорје како релевантен фестивал веќе седум децении ги отвора најгорливите прашања во регионот, па така и овојпат, со овој репертоар се актуелизираа политичките канцери и социјалните дисторзии кои носат голема закана на овие и онака финансиски фрагилни простори.
Во секое издание на Стерииното позорје е особено интересна селекцијата „Кругови“ која е надвор од компетитивноста, но е на некој начин слика за движењата во театарот во регионот. Под слоганот „лични и политички раздори“, селекторката во оваа селекција ги ставила претставите: „Моите тажни монструми“, по текст на Мате Матишиќ, во режија на Вито Тауфер, а во продукција на Градскиот драмски театар „Гавела“ од Загреб, Хрватска; „Црвена вода“ по романот на Јурица Павичиќ, во драматизација на Ивор Мартиниќ, во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Хрватскиот народен театар од Сплит, Хрватска и претставата „Виолетово“, авторски проект на Селма Спахиќ, која е и режисерка на претставата во продукција на Камерниот театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина. Оваа селекција говори за политичките погубности и нивното влијание на личните драми на дваесет и првиот век, но зборува и за едно вековно недоразбирање кое не избледнува, напротив станува сè посилно и посилно, недоразбирање кое како амбис со себе ги повлекува и личниот идентитет, но и социјалниот статус на човекот кој сè уште бара сила да се справи со токсичноста на транзицијата. Сè на сè, и едната и другата селекција го имаат фокусот на она што значи алогичност и разединетост во време кое е диригирано и водено од технологијата на лажните факти и историски интерпретации. Она што го красеше овој фестивал во овогодинешното издание беше големата актерска креативност, сјајните ликови, егзактноста на актерите и актерките и длабочината на нивниот сензибилитет.
Сцена од претставата „Татковци и отци“ на Народниот театар од Белград
Стручното жири оваа година додели шест награди на претставата „Татковци и отци“ на Народниот театар од Белград и тоа: за претстава во целина, за многу строгата, сигнификантна и минималистичка режија на младиот режисер Вељко Миќуновиќ, за актерски креации на извонредната Вања Ејдус за ликот на Елизабета Медаковиќ, на младиот и енергичен Александар Вучковиќ за ликот на емотивниот и индоктриниран Михајло Медаковиќ, на Невена Глушица за суптилната музичка илустрација, на Ката Ѓармати, за концизната и постдрамска адаптација на комплексниот роман на Слободан Селениќ и на Лилјана мркиќ Поповиќ за сценскиот говор; додека пет награди додели на претставата „Дождлив ден во Гурлич“, интимна драма во минималитстичкото режисерско видување на Себастијан Хорват и тоа: наградата за драмски текст на Милан Рамшак Марковиќ за инспиративниот дијалог и одлично обликуваните ликови, како и за прекрасната семејна приказна, на Борут Веселко за ликовите Јокел, Уредникот и Стариот полицаец, одлично сплотени во еден ригиден карактер со поприлична доза на цинизам, на Дарија Рајхман за одличната интерпретација на улогите на Маруша и Марта, две антиподни улоги во претставата, како и двете Стериини награди за визуелниот аспект на претставата: на Игор Васиљев за сценоградија и на Белинда Радуловиќ за костимографија, два аспекти кои иако припаѓаат на реалистични решенија, со својето решение кое ја вклучува и самата публика направија тие да делуваат надреалистично. Стериините награди за најдобри млади актер и актерка од фондотр „Дара Чалениќ“ отидоа кај младата актерка од Битолскиот театар Сандра Грибовсдка Илиевска за улогите Малата сестра, Алиса, Снежана и Марика во „Брод за кукли“ на Битолскиот театар и кај младиот актер Бенце Салаи за актерската креација во „Си било еднаш во Нови Сад“.
Тркалезната маса на критиката својата награда за најдобра претстава која го носи името на критичарот Дејан Пенчиќ Полјански ја додели на претставата „Си било еднаш во Нови Сад“, додека публиката со своето гласање за најдобра ја прогласи претставата „Татковци и отци“ на Народниот театар од Белград. Единствената награда за епизодна улога ја доделува продуцентската куќа Scomediasco и таа отиде во рацете на Јудит Ласло за креацијата во претставата „Си било еднаш во Нови Сад“, а наградата за актерска бравура која ја доделува Театарот на Тимочка краина „Зоран Радмиловиќ“ од Зајечар, отиде кај актерката Вања Ејдус за улогата на Елизабета Медаковиќ во претставата „Татковци и отци“. На крајот, „Дневник“ својата награда за најдобра претстава ја додели на претставата „Си било еднаш во Нови Сад“.
Во склоп на фестивалските денови беше промовирана новата театарска литература во продукција на Стерииното позорје, како и новиот, втор број на списанието „Сцена“, а оваа година фестивлот го красеше и меѓународниот симпозиум тематски означен како „Театарот и политичката коректност.“
Она што ни порача овогодинешното „Стериино позорје“ е дека каква и да е апокалипсата, таа веројатно нема да го уништи театарот и дека таа уметност ќе остане како сведок на едно време кое неминовно мора да помине и со него да ги однесе и луѓето за по нив да дојдат другите. Пораката на театарот е за оние „другите“ кои ги очекуваме да дојдат и да покажат дека со нив ќе донесат некое друго време, други мисли и други животни определби. Предупредувањето за надоаѓачката дистопија во овие начини на промислување е сè уште суптилно, но многу значајно. Да се надеваме дека ќе го разбереме на време.
Сцена од претставата „Дождлив ден во Гурлич“, во режија на Себастијан Хорват