1019 hPa
82 %

12 °C
Скопје - Вто, 25.03.2025 05:59
Помеѓу Рита и моите очи
Има пушка
И секој што ја познава Рита
Клекнува да си игра
Со божественоста во медените очи
Ја бакнав Рита
Кога беше млада
И си спомнувам како ми се доближи
И како мојата рака ги прекри најубавите плетенки
И си спомнувам на Рита
Како што врабецот си спомнува на својот поток
Ах, Рита
Помеѓу нас има милиони врапци и слики
И безброј разделби
Во кои пукаат со пушка
Името на Рита беше гозба за моите усни
Телото на Рита беше свадба во мојата крв
И цели две години бев загубен по Рита
И цели две години таа ми спиеше на рака
И си дававме ветувања
Над најубавата шолја за чај
И горевме со вино на нашите усни
И повторно се раѓавме
Ах, Рита!
Што можеше пред оваа пушка да ми ги одврати очите од твоите
Освен дремеж или два над твоите медени облаци?
Еднаш порано
Ох, тишино на квечерината
Едно утро мојата месечина се отсели во далечно место
Кон тие медени очи
А градот ги избриша сите пејачи
И Рита
Помеѓу Рита и моите очи –
Пушка
Превод: Зоран Анчевски