Муслинот Дака

16.07.2024 09:07
Муслинот Дака

Жена облечена во Дака муслин, слика на Франческо Реналди

Пред скоро двесте години, муслинот Дака бил највредната ткаенина на планетата, деликатен и луксузен текстил што што го фасцинирал светот. Со потекло од Дака, сега главен град на Бангладеш, оваа ткаенина не наликува на ниту еден муслин познат денес.

Се произведувал преку детален процес од шеснаесет чекори со користење на редок памук кој растел исклучиво по бреговите на светата река Мегна. Овој сложен метод на производство, во комбинација со уникатноста на памукот, направил од муслинот Дака една од највредните ткаенини на своето време.

Кон крајот на осумнаесеттиот век, муслинот Дака станал центар на модната револуција во Европа, предизвикувајќи голема возбуда. Ткаенината била толку фина и транспарентна што довела до меѓународен скандал, при што аристократијата била обвинета дека се појавува речиси гола во јавноста.

Жозефин Бонапарта, првата сопруга на Наполеон, го обожавала муслимот Дака и поседувала неколку фустани инспирирани од класичната ера

Тоа било драстично отстапување од високо структурираните и обемни фустани од Џорџијанскиот период. Муслинот бил толку лесен и деликатен што добил поетски имиња како „бафт-хава”, што значи „исткаен воздух”, и се вели дека должина од околу сто метри може да се провлече низ прстен или дека парче од околу дваесет метри може да се собере во кутија за бурмут.

Традиционално, муслинот Дака се користел за правење сари и џами, облека налик на туника што ја носеле мажите. Меѓутоа, оваа ткаенина ја трансформираше модата во Европа. Транспарентноста и мекоста на ткаенината биле идеални за новите „хамиски наметки”, кои биле прави, деликатни фустани кои ги замениле прекумерно декоративните и рестриктивни џорџијански стилови.

Сатиричните графичари од 19 век уживаа да ги истакнуваат опасностите на фустаните од муслин

Овие наметки претходно се сметале за долна облека,па и покрај тоа што подоцна биле стилизирани, сепак поради претходната намена додавале ризичен елемент во гардеробата на аристократијата. Сатиричните слики од тоа време, како оние на Исак Круикшанк, ги прикажувале жените во овие откриени фустани, истакнувајќи ја нивната скандалозна природа.

И покрај контроверзите, муслинот Дака бил неверојатно популарен меѓу оние кои можеле да си го дозволат. Тоа била најскапата ткаенина во тие времиња, која ја обожавале личности како Марија Антоанета, Жозефина Бонапарта и Џејн Остин.

Меѓутоа, со истата брзина со која станал познат, муслинот Дака исчезнал. До почетокот на дваесеттиот век, тој повеќе не се произведувал, а знаењето за неговиот комплексен процес на производство било изгубено. Специфичниот тип на памук кој се користел за изработка на муслинот Дака, Gossypium arboreum var. neglecta, исто така исчезнал, правејќи ја рекреацијата на муслинот навидум невозможна.

Двојка облечена во муслин. Слика: „Шах Шуја со сакана“ од Говардан (1632)

Извор: Women In World History

ОкоБоли главаВицФото