1015 hPa
63 %

14 °C
Скопје - Нед, 20.04.2025 07:59
„Ти беше овде“
Пред некој ден една моја пријателка ми раскажа една тажна приказна за нејзиниот сосед. Тој започнал комуникација со непознат човек преку онлајн апликација за запознавање. Неговиот пријател живеел на стотици милји далечина, во Северна Каролина. Двајцата мажи си разменувале пораки, си праќале слики и набргу воделе долги разговори, прво преку пораки па по телефон. Откриле дека имаат заеднички интереси, дека се емоционално и интелектуално компатибилни, дека им е убаво заедно и дека физички се привлекуваат, по тоа што можело да се види на интернет. Нивните професионални интереси исто така се совпаѓале. Соседот на мојата пријателка е сметководител и неговиот нов пријател од југот бил асистент професор по економија на мал факултет. По неколку месеци, тие делувале среќно заљубени, а соседот на мојата пријателка беше уверен дека „тоа е тоа“ во негови зборови. Кога дошло време за одмор, се подготвил да лета на југ на неколку дена за да ја запознае својата љубов на интернет. Дента на патувањето зборувале два-три пати. Изненадено останал без одговор. Пријателот не дошол ни на аеродром да го пречека. По толку чекање и повеќекратно ѕвонење, соседот на мојата пријателка си заминал и отишол на адресата којашто му била дадена. Никој не отворил кога тој заѕвонил и секакви мисли му поминувале низ глава. Тука некои делови од приказната недостасуваат, но пријателката ми кажа дека нејзиниот сосед дознал токму тој ден дека како што патувал кон југ, неговиот интернет пријател починал од срцев удар додека зборувал со својот лекар на телефон. Соседот на мојата пријателка дознал за ова или преку соседот на човекот, или од полицијата, па се упатил кон локалната мртовечница. Му дозволиле да го види својот интернет пријател. Тука се сретнал лице в лице со мртовецот, и за прв пат го погледнал оној за кој бил убеден дека му е животен сопатник.
Лидија Дејвис (Lydia Davis, 1947) е современа американска писателка. На книжевната сцена се појавила кон половината на седумдесеттите години кога, во малата издавачка куќа која ја основала со својот прв сопруг, писателот Пол Остер, ја објавила збирката раскази „Тринаесетата жена и други раскази“. Досега објавила десетина збирки раскази. Нејзината проза ја карактеризираат прецизноста, сведеноста, хуморот, мешавината на филозофија и поезија. Мошне е ценета и како преведувачка од француски јазик.
Превод:
Бојана Герасимова
Валерија Митковска
Меланија Периќ
Слика: Moonassi