1021 hPa
36 %

24 °C
Скопје - Пон, 28.04.2025 16:59
Еколошката организација Гринпис на 7 јули објави графикон кој покажува дека неколку дена претходно температурата на површината на Атлантскиот океан во Мексиканскиот залив надминала 28 степени, а на некои места достигнала и 30 степени целзиусови. Графиконот беше проследен со реченицата „Факт: Потопли мориња = поразорни урагани“, реферирајќи на ураганот Берил за кој научниците констатираа дека се карактеризира со „интензификација без преседан“ со оглед на тоа дека најголемата категорија 5 ја достигна за само два дена од своето формирање кон крајот на јуни. Научното списание Саентифик Американ наведува и дека се работи за прв случај кога ураган во Атлантскиот океан за толку краток рок достигнал толкава сила, појава што ги „зачудила“ метеоролозите. „Берил одново пишува историја и тоа на сите можни лоши начини“, рече научник од Националниот центар за урагани (NHC), институција која за атлантските урагани оваа сезона (од 1 јуни до 30 ноември) предвиде меѓу 17 и 25 бури. Тринаесет од нив би можеле да прераснат во урагани, а помеѓу 4 и 7 од нив да бидат од трета категорија или повеќе. Воедно тоа е и најмногу што NHC некогаш прогнозирала, со оглед на тоа дека годишниот просек досега беше 14 бури од кои 7 урагани, а 3 од нив со голема сила.
Берил е рекордер зашто сè уште никогаш не е забележано на тоа подрачје да се формира ураган толку рано, прв кој за толку кратко време достигнал четврта категорија, а потоа и петта, исто така е и најсилниот ураган некогаш забележан во јули, со брзина од 165 милји на час.
Покрај последиците од промените на климатските феномени Ел Нињо и Ла Ниња, како втора причина за ова нарушување научниците ги наведуваат токму исклучително високите температури во Атлантскиот океан на подрачјето на Мексиканскиот залив и Карибите. Познато е дека главен виновник за порастот на температурата на океаните е индустријата за фосилни горива како најголем загадувач, односно најголем произведувач на гасови со ефект на стаклена градина. Гринпис наведува дека компаниите кои произведуваат фосилни горива секој ден остваруваат речиси три милијарди долари профит, додека обичните луѓе ги плаќаат трошоците за штетите настанати од екстремните временски настани кои минатата година се проценети на 300 милијарди долари.
Во понеделникот ураганот Берил ослабе до прва категорија а потоа и во тропска бура, но и со толку ослабена сила успеа да убие две лица, да остави без струја 1,5 милиони луѓе и да ги поплави улиците на Матагорда, туристичко-рибарско гратче во јужен Тексас.
Токму оваа сојузна држава е местото каде се сместени поголемиот дел од американските нафтени резерви, а со тоа и поголемиот дел од нафтените компании. Во Тексас се наоѓаат 30 рафинерии за нафта и дури 300 нафтени компании, меѓу кои и оние најголемите: Шеврон, Ексон Мобил и Филипс 66. Како најголема нафтена компанија во САД, Ексон Мобил во 2022 година имаше приходи од речиси 414 милијарди долари, а втората, Шеврон 246 милијарди долари. Ексон Мобил воедно е и четвртата најголема нафтена компанија во светот, зад саудиската државна компанија и две кинески, додека Шеврон е седма. На листата десет најголеми уште се и британско-холандската Шел, француската Тотал Енерџис, британската БП и американската Маратон Петролеум и Валеро Енерџи, која исто така има седиште во Тексас. Минатата година тексашките нафтени компании го срушија историскиот рекорд кога е во прашање екстракцијата на фосилни горива. Непрофитната организација Оил Чејнџ Интернешнел (OCI) неодамна пресмета дека овие компании исто така се и на патот следната, климатски критична деценија да потрошат дури 30 проценти од вкупниот преостанат јаглероден буџет, максимална количина гасови со ефект на стаклена градина кои смее да ги произведе светот ако има намера да ја исполни основната цел на Парискиот договор, за запирање на глобалното затоплување на 1,5 степени над прединдустриското ниво.
Организацијата ги анализирала предвидените инвестиции на осумте најголеми нафтени компании и пресметала дека нивните комбинирани планови за понатамошна екстракција ќе предизвикаат пораст на глобалната температура од дури 2,4 степени над прединдустриското ниво. Според Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) таквиот пораст ќе доведе до понатамошна несигурност на храната, неповратни промени на екосистемите и пораст на фреквенцијата на топлински бранови, обилни дождови и други екстремни временски настани. Со еден збор, наведува панелот, ќе доведе до „глобална девастација“. Од друга страна, во низа неодамна објавени истражувања експлицитно се бара целосно запирање на експанзијата на фосилните проекти, односно воспоставување таканаречена No New Fossils норма, со која на глобално ниво би се запрело започнувањето нови проекти за црпење фосилни горива. Во истражувањето кое го спроведоа University College London и Меѓународниот институт за одржлив развој се наведува и дека тоа не би требало да претставува проблем од перспектива на снабдувањето зашто постоечките капацитети можат да ги задоволат глобалните потреби за енергија.
Оил Чејнџ Интернешнел ги анализирала таканаречените климатски заложби на овие компании, односно ветувања кои, како и илјадници други компании, формално се даваат за да се исполнат десетте основни критериуми на Парискиот договор и ги споредила со нивните инвестициски планови. Организацијата заклучила дека ниедна голема нафтена компанија не го усогласила своето работење со плановите за постапно напуштање на фосилните горива и запирањето на порастот на глобалната температура на 1,5 степени, при што сите компании добиле оценка „недоволен“, а три од нив (Шеврон, Коноко Филипс и Ексон Мобил) најлоша оценка, „изразено недоволен“.
Од осумте анализирани компании, меѓу кои се повеќето од набројаните плус италијанската Ени и норвешката Еквинор, шест од нив во своите планови експлицитно го навеле зголемувањето на производството како цел, додека преостанатите две веќе го прават истото на дело. Ниедна компанија нема разработени планови за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, а сите се потпираат на системот на таканаречено издвојување и складирање на јаглеродниот диоксид и други гринвошинг решенија кои служат за дистракција и одложување на укинувањето на фосилните горива. Исто така, сите компании користат лобисти за да ги саботираат климатските акции на институционално ниво.
Освен тоа, наведува OCI, ниедна компанија нема разработени критериуми за праведни транзициски планови во однос на нивните работници и заедниците во кои оперираат, а сите се вклучени во некаков облик на кршење на човековите права. Секоја од овие компании воедно се соочува со организиран отпор од страна на локалните заедници на местата каде што работат. OCI кон крајот на март објави и дека шесте најголеми западни компании тргуваат со државата Израел и на тој начин го помагаат геноцидот над Палестинците во Газа, спротивно на упатствата на Меѓународниот казнен суд во Хаг.
Станува збор за компаниите Ексон Мобил, Шеврон, Тотал, БП, Шел и Ени кои се вклучени во снабдувањето на израелската војска со дизел и бензин преку нафтоводите од Азербејџан, Русија, Казахстан, Габон и Бразил. Освен тоа, американските нафтени компании директно му доставуваат авионско гориво на Израел, а ОЦИ од почетокот на војната на почетокот на октомври минатата година па до крајот на март годинава регистрирала три танкери авионско гориво кои отпловиле од САД кон Израел. Интересно е што Бразил му продава нафта на Израел, иако неговиот стар претседател (од јануари 2023 година) Луиз Игнасио Лула да Силва инаку е декларативно голем критичар на израелските воени активности во појасот Газа.
Покрај военото профитерство благодарение на израелската деструкција на Газа, западните нафтени компании бележат и рекордни профити кои се резултат на војната во Украина. Благодарение на олабавувањето на пандемските мерки, пред сè во Кина и волатилноста на цените и преобликувањето на пазарите заради војната во Украина, наведува Ројтерс, западните компании во 2022 година имале вкупно 219 милијарди долари профит, повеќе од двојно во однос на претходната година и просечно двојно повеќе за секоја година од 2007 па наваму. На пример, таа година норвешки Еквинор објавил двојно зголемување на профитот на речиси 75 милијарди долари, а откако руски Гаспром ја запре доставата на природен гас, Еквинор стана најголем европски снабдувач со овој енергенс.
Петте најголеми западни компании истовремено ги преполовија и своите долгови, настанати со задолжувањето за време на пандемијата, а на своите инвеститори во 2022 година им исплатија рекордни дивиденди со вкупна вредност од 110 милијарди долари, исто така двапати повеќе во однос на претходните пет години. Во тој период обичните луѓе се мачеа со растечките трошоци на енергијата.
Благодарение на рекордните профити сите пет западни компании најавија зголемување на вложувањата во нови нафтени и гасни проекти и повикаа на ревизија на стратегиите за енергетска транзиција во корист на сигурноста на снабдувањето. Сите европски компании кои претходно донеле планови за забавување на инвестициите во нови фосилни проекти и вложување во обновливите, минатата година одлучија да ги „прилагодат“ своите статегии заради новите геополитички околности. Највпечатлив беше случајот со британски БП, чиј извршен директор најави целосно напуштање на планот компанијата до 2030 година да ги намали своите емисии на јаглероден диоксид. „Ни треба енергија со помалку јаглерод, но ни треба и сигурна енергија“, рече тогаш извршниот директор на компанијата Бернард Луни, чија изјава аналитичарите на пазарите ја опишаа како лекција по прагматизам и правилно поставување на приоритетите.
И покрај трошоците за војувањето ни руската нафтена индустрија не остана со празни џебови, па од почетокот на инвазијата на Украина руските компании извезле нафта и гас во вредност од 700 милијарди евра, од кои помалку од третина ги купиле членки на Европската унија. Русија Фосил Тракер бележи 196 милијарди евра вреден увоз на руска нафта и гас во ЕУ, но тоа воедно е и двапати помалку во однос на предвоените бројки. Сепак, генерално гледано, Русија не изгуби заради постапното намалување на извозот во Унијата оти нејзината позиција на најголема увозничка од почетокот на војната го зазема Кина и практично ја надомести оваа загуба.
Организацијата Оил Чејнџ Интернешнел наведува дека и покрај војната во Украина француската компанија Тотал Енерџис склучи партнерство со руски Новатек благодарение на што Русија доби пристап до технологиите и инженерските услуги за покренување два нови LNG проекти. Во организацијата заклучуваат дека сите неодамнешни податоци сведочат дека нема причина да се верува дека нафтената и гасната индустрија, и покрај сопствените ветувања, доброволно ќе го усогласат своето производство со целите на Парискиот договор и дека затоа е нужно да се врши притисок на владите да престанат да им даваат одобрувања за започнување нови фосилни проекти.
Слики: The Royal Art Lodge
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.portalnovosti.com/