Мудроста на дрвјата

18.07.2024 02:40
Мудроста на дрвјата

 

Стеблата се светилишта. Оној што со нив знае да зборува и да ги слуша, може да ја спознае вистината.

Херман Хесе

 

Не е сигурно кога нашите предци се појавиле на Земјата. Но сигурно е дека до тој момент на планетата веќе живееле мноштво разни растенија и животни. Самата структура на стеблото, кое продолжува со гранки, гранчиња и листови, е манифестација на филозофскиот концепт кој го карактеризира односот помеѓу универзумот и Едниот; мноштво од Единство. Скриените корени на стеблото дополнително ја прошируваат метафората на единството кое извира од скриеното потекло или изворот. Во шума човекот чувствува стравопочит покрај џиновите облечени во својата нема, постојана, трајна убавина. Стеблата, кои се постари од самиот човек, се составен дел на митовите и фолклорот во речиси сите култури како симбол на издржливост, сила, изобилство и бесмртност.

Дали сеприсутноста на овие симболи во толку култури и традиции може да сугерира поврзаност помеѓу човечките и дрвените битија која ги надминува времето и просторот? Дали постои синергиски и соработнички однос во фактот дека додека тие го трошат јаглеродниот диоксид и ослободуваат кислород, ние го правиме токму спротивното?

Живеејќи во градови од цемент, челик и стакло, ја губиме благодарноста за неизмерниот придонес на дрвјата за нашите животи во вид на засолништа, храна, лекови, гориво додека тие го урамнотежуваат екосистемот на планетата што ја нарекуваме дом. Многу порано, пред Ширин-Јоку (шумско капење) да се развие како терапија за јакнење на имунолошкиот систем во осумдесеттите години на минатиот век, придобивките од поминувањето време меѓу стеблата го потврдиле филозофите и поетите. За Волт Витман тие се како „неочекуван извор на морална мудрост“, а за Херман Хесе „најпродорни проповедници“.

Едно стебло вообичаено е дом на универзумот на животот од коренот до врвот на гранките. Сепак, оставаат впечаток на одвоеност, како неми стражари. Научниците дури сега почнуваат да откриваат дека дрвјата можат да гледаат, да учат, да комуницираат и да покажуваат социјално однесување, правејќи сојузи за негување и заштита на повредените или стеблата кои умираат.

Ако свеста се дефинира како сетилна способност, способност за набљудување и реагирање на околината, тогаш овие величествени ентитети секако ги исполнуваат условите. Ако нивото на свеста зависи од способноста за процесирање, разликување, интегрирање и комуницирање со информации, тогаш е очигледно дека свеста не е исклучиво поврзана со човечкиот род. А ако веруваме дека староста и искуството имаат улога во мудроста, тогаш стеблата чии животи траат стотици, па дури и илјадници години, имаат многу да пренесат само кога би научиле да ги слушаме.

Чувство за време

Како дрвјата, во географските ширини каде ги отфрлаат лисјата за да преживеат, го разликуваат настапувањето на топлото време од вистинското доаѓање на пролетта? На пример, научните истражувања покажуваат дека овошките чекаат одреден број последователни топли денови пред да го почнат процесот на „будење“. На пример, на буката почнуваат да ѝ растат нови лисја дури кога ќе има најмалку тринаесет часа дневна светлина. Овие вчудоневидувачки докази сугерираат дека дрвјата можат да ја „видат“ или регистрираат присутноста на светлината и користат некаков вид меморија за споредба на должината на денот и броење на топлите денови.

Размена на информации

Дрвјата меѓусебно „разговараат“ преку мирисите, предупредувајќи на опасност. Научниците во африканската савана откриле дека стеблата на акацијата со кои се хранеле жирафи почнале да испраќаат токсини во своите лисја како горко и ефективно средство за одвраќање, додека испуштале гас етилен за да ги предупредат соседните стебла. Предупредените стебла почнуваат да испраќаат токсини во лисјата, продолжувајќи да ги предупредуваат другите стебла преку ветерот. Постојат стебла кои го препознаваат секретот на инсектите кои ги напаѓаат и се борат против нив така што произведуваат соединенија кои „повикуваат“ одредени предатори да се хранат со штетните инсекти.

Комуникацијата се одвива и под земја. Корените на стеблата вообичаено се протегнуваат подалеку од крошната, вкрстувајќи се со корењата на соседните стебла. Сузан Симард во 1990 година открила дека габите се прицврстуваат за врвовите на корењата создавајќи тенки ниши или хифи кои продираат во тлото многу подалеку и подлабоко од системот на корењата, правејќи мрежа која пренесува сигнали од едно до друго стебло, разменувајќи информации за инсектите, сушата или други опасности. Во текот на еден век, една габа може да премрежи цела шума, што списанието Nature го поттикна овој феномен да го нарече „Wood Wide Web“.

Барање светлина

Во неповолни услови дрвјата се прилагодуваат за максимално да ја искористат светлината. Доколку имаат доволно простор отстрана, ќе се разгрануваат бочно, правејќи широка крошна. Но ист вид дрвја во близина на соседот ќе расте во висина, развивајќи повисоко, потенко стебло со намера да дојде до светлина на поголема висина. Некои стебла пробивајќи се до светлината со текот на времето се прилагодуваат на наведнувањето и искривувањето. Со помош на сончевата светлина хлорофилот во процесот ја прима, пренесува и трансформира светлосната енергија во хемиска, која ја складира во органска материја како храна за себеси, животните и луѓето. Бидејќи наесен сончевата светлина станува сè поретка и послаба, листопадните дрвја штедат енергија со разложување на хлорофилот односно со отфрлање на лисјата од гранките. Зелениот хлорофил избледува, а другите светли пигменти кои лежат невидливи под зелениот слој хлорофил стануваат видливи: брилијантно жолтата боја на ксантофилите, огнено портокаловата боја на каротеноидите и сјајната црвена и виолетова боја на антоцијанините.

Тука се кријат неколку чудесни лекции кои ни ги пружаат дрвјата. Прво, под велот лежат тајни кои чекаат да бидат разоткриени. Мораме да се осудиме да излеземе од зоната на комфорот за да откриеме нешто ново и убаво што чека да процвета... Потоа, да се научиме да ја бараме светлината. И најпосле, на загубата не треба да гледаме со жалење, туку како можност обновени да тргнеме одново.

Јас сум зашто ние сме

Секое стебло во шума расте на единствено место, а условите за раст како тлото, водата и хранливите материи можат многу да се разликуваат дури и на мала оддалеченост. Тоа овозможува варијации во силата и здравјето измерени со брзината на фотосинтезата на секое стебло. Меѓутоа, студентите од Институтот за истражување на животната средина во Ахен откриле дека во недопрена букова шума стеблата ги споделуваат хранливите материи со помош на микоризна мрежа испреплетена со нивните корења, така што стапката на фотосинтеза е иста за сите стебла. Тоа значи дека „посилните“ стебла кои растеле во подобри услови им давале шеќер и вода на оние кои биле помали, обезбедувајќи го нивниот опстанок, спротивно на дарвинистичкиот принцип за преживување на најсилните.

Впрочем, се чини дека на стеблата нивниот многу подолг животен век им овозможува доживување на времето на поинаков начин од релативно кратковидниот човечки поглед. Се чини дека се работи за начелото дека со губење на послабите членови на заедницата, губат сите. Преку празнините во крошните на дрвјата врелото сонце може да ја исуши влагата од тлото, ветриштата можат да го пореметат создавањето хумус богат со хранливи материи, а жестоките бури можат да предизвикаат уништување. Кај ветриштата со ураганска сила кои можат да ги виткаат стеблата на дрвјата над нивната точка на кршење, секое стебло има улога во заштитата на своите соседи. Малите разлики во единствените карактеристики на стеблата и гранките им овозможуваат на стеблата да се нишаат со различни брзини, нежно удирајќи ја својата крошна од крошната на соседното стебло намалувајќи ги нишањето и аголот на виткање. Но тоа е можно само ако стеблата стојат многу блиску едно до друго.

Колку би можело да добие човештвото кога би можело да ја спознае мудроста на следното: да гледаме подалеку од одвојувањето, да бидеме свесни дека сите сме дел од една мрежа на животот и дека, најпосле, сите губиме кога се натпреваруваме зашто животот од кој сите сме дел е еден и дека штетата на едниот ѝ штети на целината.

Тешко ни е да го сфатиме таквото единство, но клонските шуми се жив пример. Најголемото стебло на светот наречено Пандо се состои од 47 000 генетски идентични стебла на јасика или трепетлика (Populus tremuloides) распространети на 106 хектари во американската држава Јута. Стеблата на јасиката се размножуваат со изданоци од корења, наместо од семиња, кои избиваат од тлото и израснуваат во прави стебла. Она што може да изгледа како шума со поединечни стебла, всушност е еден џиновски организам, поврзан преку сложен подземен систем на корења. Иако секое стебло доживува старост од 130 години, се проценува дека дрвото Пандо е старо 80 000 години! Исто како што мораме да гледаме под површината за да сфатиме дека овие јасики се поврзани една со друга, исто така мораме да гледаме од страна на видливото ако сакаме да согледаме дека сите човечки битија се поврзани. Многу древни традиции нагласуваат дека сите доаѓаме до ист извор, дека сме дел од универзалната свест. Но додека науката не успее да фати чекор и да развие алати за објаснување на она што ни се чини како необјаснива тајна, можеме да ги послушаме советите на древните мудреци и филозофи кои нè поттикнуваат да погледнеме длабоко во природата зашто разбирањето на нејзините закони е начин да го сфатиме животот. Леонардо да Винчи велеше: „Природата е извор на сето вистинско знаење“.

Како извонредни примери, стеблата ни покажуваат како да издржиме во најтешки околности. Тие нè учат како да останеме вкоренети дури и кога се воздигнуваме кон светлината. Тие покажуваат дека флексибилноста не е способност за виткање на стеблото туку вкоренетоста, така што кога и да се свиткаме, без напор да можеме повторно да се вратиме во своето тежиште. Тие ни покажуваат како да даваме во изобилство и како да се усогласиме со ритмовите и циклусите на животот. Овие мудри учители не ни зборуваат со гласови, туку со метафори не само за тоа како да се живее туку и како да се умре и како постојано да тежнееме да бидеме најдобри што можеме. И најпосле, ако постои една општа заповед која може да ја преземе човештвото од овие величествени битија, тогаш тоа е: да се почитува и штити целиот живот зашто сите ние во суштина сме меѓусебно поврзани, меѓузависни и сме составен дел од единствената мрежа на животот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Shyama Golden

Извор: https://nova-akropola.com/