1015 hPa
33 %

31 °C
Скопје - Пет, 20.06.2025 17:59
Наша соговорничка е познатата американска, меѓународно призната марксистка и политиколог Џоди Дин (Jodi Dean). Таа е уредничка и авторка на голем број публикации и книги. Честа гостинка е во Загреб, а разговорот го имавме по нејзиниот настап на овогодинешниот Subversive фестивал, каде што во рамките на Субверзивниот форум одржа предавање насловено „Полошо од Трамп“.
Разговорот со Џоди Дин го води Среќко Пулиг.
Рековте дека нема да зборувате за Доналд Трамп бидејќи ситуацијата во САД е полоша од Трамп.
Кога зборуваме за Соединетите Држави, мораме да запомниме дека тие се вмешани во геноцид. Ако се преправаме дека Доналд Трамп е примарен проблем, ја игнорираме таа вклученост. Тоа е една од причините. Друга причина е што тоа нè спречува да станеме свесни за подлабоките структурни причини што доведоа до појавата на Трамп, а тие причини се поврзани со неуспесите на главните политички партии, особено во САД.
Зборувавте за републиканците и демократите, мејнстрим партии слични на многу начини, кои меѓусебно се обвинуваат за уништување на демократијата.
Секој мисли дека другиот го претставува крајот на светот во смисла крај на американското општество и американската демократија. Ова ни кажува дека имаме подлабок проблем. Имено, демократијата во САД не е разбудена, а треба да се разбуди. Но, проблемот е што политичарите не се силата што ќе ја спаси демократијата, тие попрво ќе ја уништат.
Протестите на универзитетот Колумбија
Постои ли проблемот со кражба на избори? Што воопшто денес значат изборите?
Не сакам да звучам цинично, но изборите се можност за огромни профити. За промотори, консултанти и медиуми. Се трошат огромни суми, а профитот се слева кон политичките и медиумските класи, што е економски одвратно. Во контекст на демократијата, можеме да го цитираме Ленин кој рече дека со помош на избори ги избираме оние кои ќе нè угнетуваат следните четири години. За тоа главно се работи.
Но, постои и подлабоката, симболична природа на политиката.
Ајде да размислиме за протестите што се одржаа на универзитетот Колумбија пред неколку недели. Во име на безбедноста, ректорот повика стотици полицајци. Дојдоа и апсеа и малтретираа студенти кои само се шетаа, читаа поезија и танцуваа. Колумбија тогаш беше затворена и наставата беше прекината. Полицијата го опколи кампусот како да е тврдина. Што значи ова за универзитетот? Дали е тоа недвижен имот што може да го опкружи полицијата или место каде што студентите зборуваат и се едуцираат?
Во вашето излагање ја споменавте и КОВИД пандемијата, поконкретно зборувавте за тоа како екстремната десница ја искористи за своите цели.
Така беше насекаде, но особено во САД. Тие користеа мерки за спречување на КОВИД-19 за да ги нападнат граѓанските слободи. Така носењето маски беше прогласено за напад на граѓанските права, нивно кршење, а секое ограничување на бизнисот беше прогласено за напад врз луѓето. На крајот, изненадувачки, администрацијата на Трамп стана спонзор на воведувањето вакцини. Десничарите брзо ги свртеа работите и вакцините одеднаш од лоши станаа добри.
Спомнавте три клучни моменти на модерноста. Едниот е она што вие го нарекувате неофеудализам, односно новата економија, вториот го нарекувате психотична атмосфера, а третиот е системско тонасилство. Накратко објаснете го секој од тие моменти.
Мојата теорија е дека нашите модерни времиња се карактеризираат со неофеудализам, кој настанал благодарение на тоа што капитализмот дојде во контрадикција со самиот себе. Тој создаде динамика на акумулација која не е класично капиталистичка. Навикнати сме да размислуваме за капитализмот во категориите инвестиции и осигурување. Но сега, наместо капиталистичка класа која инвестира и обезбедува, имаме класа која се акумулира со помош на деструкција. Таа зема а не создава. Оваа промена кон преземање без создавање претставува промена од капиталистичкиот начин на производство кон нешто повеќе слично на феудализмот.
Случајот со Кина и нејзиниот економски раст зборува за поинаква ситуација таму.
Примерот на Кина е многу специфичен. Луѓето имаат тенденција да мислат дека кинеската експанзија ја демонстрира виталноста на капитализмот и стоковното производство што ги придвижува многу земји, односно дека тоа е дел од ветувањето за глобализацијата како перспектива за нов просперитет. Но, ако внимателно го погледнете кинескиот случај, ќе видите дека многу економии пропаднаа поради тоа. Големиот успех на кинеската економија доведе до пораз на индустриите во голем број други, помали земји. Се обидуваат да ги спасат монокултурите и преработувачките индустрии, а реалниот производствен сектор исчезнува. Примерот на Кина е важен зашто покажува дека глобализацијата не е процес во кој сите добиваат.
Неофеудализмот не може да се сфати како враќање кон феудализмот. Го цитирате историчарот Марк Блох и неговото разбирање за феудализмот. Која е разликата меѓу денешниот неофеудализам и историскиот феудализам?
Прво што забележуваме е дека денешните кметови се пролетери. Класичните кметови беа зависни од земјата, а ние сме двојно зависни: зависни сме од надницата и посредниците. Денешните пролетеризирани кметови зависат од пазарот, но зависат и од пристапот до пазарот, од кој често се исклучени.
Што мислите кога зборувате за психотичната атмосфера во САД?
Мислам на ситуација во која има неизвесност, вознемиреност и изгубеност. Мислам дека луѓето не се сигурни што мислат другите, дека се убедени дека нешто се крие зад завесата, па ги обзема некаква параноја.
На дело е своевиден колапс на политичката сфера, на што никој не е имун. Како да се излезе од овој неофеудализам?
Сериозно мислам дека за излез од неофеудализмот потребна е политичка организација, што значи посветени движења. Повторно е неопходно нешто како комунистичка партија. Никој не може да преживее сам и никој не може сам да го промени светот. Ако неофеудалното општество не нè збрише, потребна ни е партија, а партијата бара визија. Таа визија мора да се фокусира на универзалните основни услуги. Меѓу другото, на грижата за другите и на репродуктивната работа.
Комунисти на иднината
Работничката класа за вас е главно поврзана со услужна работа. Дали нашата надеж е во услужните работници?
Да, репродуктивниот труд е девалвиран. Грижата за семејството и другите е важна, но не функционира според капиталистичката логика. Како што капиталистичката економија станува сè позависна од услужната работа, 70 до 90 проценти од економијата во земјите од капиталистичкиот центар е зависна од услужната работа и не може да се репродуцира поинаку. Велат дека капиталистичката економија сè уште функционира, но таа е сè повеќе зависна од услужните работници и не може да опстане без нив. Затоа не треба да гледаме како да се спаси капитализмот, туку како да се спасат услугите како некаква транзиција во нешто слично на комунизмот, да се спаси економијата базирана на основни потреби. А услугите се токму тоа, основни потреби, а не производство на стоки. Мора да ги трансформираме услужните работници за да не бидат повеќе кметови, односно слабо платени работници. Тие ја градат иднината. Да ја преземеме економијата, да го преземеме општеството и да ги направиме услугите нејзина основа.
Што е со нашите надежи за комунистичката партија на иднината?
Не смееме да веруваме дека не сме способни да ја менуваме и потоа да ја замениме капиталистичката држава со нешто друго. Комунистите на иднината мораат да бидат способни да учат. Неодамнешните студентски протести беа навистина солидарни. Никој не учествуваше во нив за своја корист, туку за доброто на Газа. Студентите не се борат за сопствениот идентитет, туку за општото добро и за антиимперијалистичката визија која носи живот. Мислам дека таа имагинација би можеле да ја искористиме и за нашата комунистичка партија.
Зборувате за револуционерни промени и комунистичка трансформација. Како да ги постигнеме?
Никој не може да ја предвиди иднината и кога ќе започнат радикалните движења. Никој во САД не би рекол дека за половина година речиси секој колеџ и универзитет ќе застане во одбрана на Палестина. Поентата не е да ја одредуваме иднината, туку да бидеме подготвени, а тука мислам на градење организации, градење практики на солидарност и визии за каков свет сакаме. Историскиот придонес на Маркс и Енгелс беше во поврзувањето на борбата за комунизам со борбата на работничката класа. Мислам дека можеме да го сториме истото денес. Во услужниот сектор веќе имаме работничка борба и прашање е каква визија произлегува од неа. Одговорот лежи во универзалните основни услуги бидејќи тие се економска потреба за нашата планета која се загрева. Таа визија веќе не може да биде хардкор продуктивистичка и индустријализирачка, оти планетата што се загрева тоа веќе не може да го поднесе. Но, можеме да имаме економии засновани на основни услуги.
Откако речиси триесет години предававте политичка филозофија и теорија на медиумите на приватен колеџ во Њујорк, бевте суспендирани од вашата функција поради текст. Зошто?
Бев суспендиран врз основа на текст што го објавив на блогот на издавачката куќа „Версо“, со наслов „Палестина зборува за сите“. Суспендирана сум поради употребата на зборот забрзување, оти многу луѓе се свесни за палестинското востание и веќе не ги прифаќаат блокадата, окупацијата и репресијата. Се случи некакво политичко чудо, многу инспиративно. Ме суспендираа и спроведоа истрага.
Слики: Randy Laybourne
Превод: Н. Г.
Извор за текстот: Портал Новости