1035 hPa
80 %
0 °C
Скопје - Саб, 18.01.2025 06:59
Кон средината на јуни, египетската војска и полиција уапси повеќе од 250 навивачи на каироскиот фудбалски клуб Ал Ахли во Александрија поради подигање на палестинското знаме на стадионот и скандирања во знак на солидарност со Газа. Меѓу приведените има и неколку тинејџери на возраст од 13 до 15 години. Дел од навивачите беа ослободени еден ден подоцна, некои останаа во затвор.
Активистите сега ја повикуваат Африканската фудбалска конфедерација да побара египетските власти веднаш да ги отфрлат обвиненијата против навивачите и да стават крај на масовните апсења на мирните демонстранти.
Прогонувањето на навивачите е најново во серијата акции со кои египетските власти ги потиснуваат сите форми на пропалестински активизам. Од октомври минатата година, стотици египетски граѓани и граѓанки беа уапсени на пропалестински протести или во прилика на изразување на други форми на солидарност со Палестина.
Во април, еден навивач на Ал Ахли беше уапсен откако крена палестинско знаме на натпреварот помеѓу Ал Ахли и Раџа Казабланка. Истиот месец, насилно беше растеран собирот на дваесетина феминистки кои во Каиро организираа акција за поддршка на палестинските и суданските воени жртви.
Властите во Каиро во мај забранија употреба на транспаренти и скандирање пораки „кои не се поврзани со спорт ” за време на фудбалските натпревари. Неколку дена по таа забрана, Ал Ахли играше во финалето на Африканската лига на шампиони против клубот Есперанс (ЕС Тунис) од Тунис. На натпреварот во Тунис, навивачите на ЕС Тунис создадоа импресивна, гигантска и внимателно елаборирана кореографија на стадионот насловена „Произведено во Газа”, за која им честитаа и навивачите на Ал Ахли.
На вториот финален натпревар во Каиро, навивачите на Ал Ахли го свртеа грбот на теренот за време на настапот на египетскиот пејач и актер Мухамед Рамадан. Тие го искористија свеченото отворање на церемонијата за да ја имитираат позата на Хандала, иконичниот цртан лик создаден од палестинскиот уметник Наџи Ал-Али, скандирајќи:
„Со нашата душа и нашата крв ќе се жртвуваме за тебе, Палестино!”
Клубот Ал Ахли, кој има голема база на навивачи и во Газа, уште еднаш ја освои афричката титула, но тоа беше помалку важно.
Најновите видео снимки од натпреварот во домашната лига, која резултираше со масовни апсења, ги прикажуваат навивачите на Ал Ахли како ги напуштаат трибините само пет минути по почетокот на натпреварот, извикувајќи: „Заборавете на натпреварот, Палестина е поважна!”.
Репресијата врз навивачите и другите активисти се чини дека е во спротивност со изјавите на египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси кој „се противи на ционистичкиот режим” и „повикува на признавање на палестинската држава”.
Меѓутоа, кога нешто се прави за Палестина одоздола, надвор од доменот на дипломатскиот притисок, на Сиси воопшто не му е сеедно. Токму прашањето за Палестина беше централно за големите бранови на политичка мобилизација во Египет во текот на последните неколку децении.
Втората интифада ги предизвика најмасовните протести во Египет уште од востанието во 1977 година. Тие протести, на различни начини доведоа до Тахрир во 2011 година. Како што вели египетскиот новинар Хосам Ел Хамалави: „Штом еднаш ќе почнете да се организирате во знак на солидарност со Палестинците, почнувате да правите паралели помеѓу Палестина и она што се случува во вашата земја”.
Во мај 2021 година, за време на интензивните израелски напади врз Газа, едно младо момче од Египет исчезна на Тахрир откако го вееше палестинското знаме на плоштадот. До денес не е пронајдена никаква трага од него. Но, трагите од Палестина на Тахрир и оние од Тахрир во Палестина не се бришат така лесно, и од тоа сега повторно се плашат египетските власти.
Фото: Sean Kilpatrick
Извор: https://www.portalnovosti.com