Проектот „Активен гра(д)/ѓани“ на ФРУ од Скопје е претставен во Берлин

19.07.2024 11:12
Проектот „Активен гра(д)/ѓани“ на ФРУ од Скопје е претставен во Берлин

„Активен гра(д)/ѓани“ во Берлин / Фотографија: Мила Гавриловска

Организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“, во рамките на проектот „Активен гра(д)/ѓани“ (Active City/zens) на 18 јули се претставува на „Опенхаус“ – Берлин, отворено студио во Центарот за уметност и урбанизам „ЗК/У“ во Берлин, каде што еден член од тимот, интердисциплинарниот уметник Филип Јовановски престојува на резиденција.

Во рамки на резиденцијалната програма на „ЗК/У“ во Берлин, ФРУ ја претставува работата на долгорочниот проект Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, која се реализира во соработка со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како дел од оваа лабораторија, во рамки на резиденцијата, во текот на јуни годинава, неколку млади уметници, архитекти и студенти, Димитар Милев, Ивана Самандова, Тамара Џерков и Мартина Пенева беа дел од истражувачкиот процес на проектот „Од ’четврти’ ѕид до ’дијалектички‘ ѕид“. Проектот е развиен од архитектите и уметници, Филип Јовановски и Слободан Велевски. Проектот „Од ’четврти’ ѕид до ’дијалектички‘ ѕид“ се фокусира на импулсот што го има лиминалната состојба на ѕидот во процесот на поттикнување наративи во физичкиот контекст.

Филип Јовановски (1979) е стручен соработник на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје и предава предмет сценографија како експерт од практиката на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје. Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – архитектура, визуелна уметност, театар, видео, филм и просторни инсталации.

Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. Тој ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, досега создавајќи околу 30 сценографии за театарски претстави. Јовановски имал над 15 самостојни изложби и претставувања во земјава и во странство, и учествувал во над 40 групни изложби.

ФРУ на МОТ 2023 / Фотографија: Ана Павловска

Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, куриран од Ивана Васева, кој ја претставуваше Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година, ја доби главната награда „Златна Трига“.

Слободан Велевски (1976 година) е редовен професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Тој е дел од Институтот за урбанизам, а заедно со Марија Мано Велевска од 2014 година го раководи интегративното студиото „Обрасци на раст“ и „Раст 2.0 “во последниот семестар на студиите по архитектура.

Во изминатиот период, самостојно или како коавтор активно учествува во низа истражувачки проекти, научни конференции и семинари, работилници, публикации и архитектонско-урбанистички проекти и конкурси. Заедно со Марија Мано Велевска е автор на книгата „Разговори“ и едицијата „Раст“ составена од 10 книги. Слободан Велевски верува дека улогата на архитектот во општеството мора да ги надмине досегашните рамки на делување и дека создавањето современа архитектура е колаборативен процес во кој делото може да биде и вербално и материјално, но дека тоа секогаш мора да се стреми да ги отслика искуствата на мноштвеност и етика.

Лидер на проектот „Активен гра(д)/ѓани“ е Институтот за театар од Чешка / Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ). Партнери во проектот се Институтот за уметност и урбанизам „ЗК/У“ – Берлин, „Изолатциа“ – Киев, Украина, и организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“, Северна Македонија. Проектот е поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

ФРУ на МОТ 2023 / Фотографија: Ана Павловска

Извор: https://www.slobodenpecat.mk

ОкоБоли главаВицФото