1039 hPa
75 %
2 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 22:59
Го запознав Борис Буден, публицист, универзитетски професор, преведувач, активист и другар, на крајот на 1992 година во канцеларијата на Антивоената кампања на Ткалчиќева 38 во Загреб. Тогаш се подготвувавме да го рестартираме објавувањето на списанието ARKzin во поамбициозен формат, а Весна Кесиќ го покани да ни се придружи. Борис многу брзо доби постојана колумна „Blut und Buden“ во која безмилосно го деконструираше воено-националистичкиот проект во кој живеевме, и стана важен член на редакцијата. Избраните колумни ги објавивме во 1996 година во книгата Барикади, втората книга од новоотворената библиотека Bastard на ARKzin. Во времето на своевидно déjà-vu, кога во Европа повторно сме сведоци на военоподбуцнувачко новинарство и цензура, растечки национализам и расизам, лицемерие на политичките и интелектуалните елити, го искористив гостувањето на Борис на Subversive фестивалот, за да позборуваме за револуцијата, отпорот и состојбата на демократијата на тн. Запад.
Интервјуто со Борис Буден го водеше Весна Јанковиќ.
На неодамнешниот Subversive фестивал одржа предавање „Во слепата улица на разоружената критика: Како ја отфрливме идејата за револуција?“ Во меѓувреме се одржаа изборите за Европскиот парламент кои го покажаа (очекуваното) зајакнување на европската десница. Војната во Украина ескалира, како и ситуацијата во Палестина/Израел. Климатските промени се забрзуваат, а европската левица изгледа прилично изгубена... Како може воопшто да се помисли на револуција во сегашниве околности?
Јас не сум политичар ниту водам револуционерна партија, така што прашањето ми беше: како идејата за радикална и брза промена исчезна од нашите умови во време кога имаме ескалација на војна и закана од нуклеарна катастрофа што може да го уништи човештвото преку ноќ. И кога, од друга страна, ги имаме глобалното затоплување и фактот дека мнозинството климатолозите предвидуваат дека наместо глобално зголемување на температурата за 1,5°C над прединдустриското ниво, како што беше договорено во Париз во 2015 година, температурата ќе се зголеми за 2,5°C, а некои сметаат и за 3°C. Во тој случај ќе има огромни промени во начинот на живеење, кои нема да се состојат само во тоа што ќе ни стане топло, туку и во тоа што две милијарди луѓе ќе мора да ја напуштат тн. климатска ниша на човештвото, односно зоната во која цивилизацијата се развивала последниве 10 илјади години. Значи, зборуваме за масовни миграции, глад, политички конфликти, војни за ресурси... Отворено се лизгаме во таа состојба, и никој нема идеја како да го спречи тоа. Наместо тоа, темата е како да се победи во Украина. Иако и на тоа прашање никој нема одговор.
Кои се причините зошто престанавме да размислуваме за револуција?
Наведов голем број причини зошто идејата за револуција ни е исфрлена од главите. Таа не исчезна тукутака, туку беше потисната од радикалната контрареволуционерна политика која трае многу долго, од Октомвриската револуција, ако не и порано. Тоа беше спроведено плански и засновано е на интересот за опстанок на капитал-односот, односно на капитализмот по секоја цена, дури и по цена да се уништи не само природата, туку и човештвото.
Идејата на револуцијата подразбира поинаква идеја за демократијата, таква која го надминува концептот на либералната, партиската демократија и сето она што денес се урива пред наши очи, вклучително и едноставната реалполитичка разлика меѓу левица и десница. Војната во Украина е добар пример за тоа. Во овој момент десничарите маршираат под знамето на мирот, додека левичарите поттикнуваат војна. Ситуацијата е хаотична, но тоа не значи дека треба да ја следиме десницата за да постигнеме мир, ниту да ја следиме левицата за да ја добиеме војната. Треба да сфатиме дека постојниот систем на капиталистичка демократија, со нејзините левичарски, центристички и десничарски партии, не е во состојба да ја запре војната, ниту да ги реализира предусловите за постојан мир, барем во смисла на следење на кантовскиот идеал за вечен мир. И ова прашање на војна или мир е тесно поврзано со нашиот однос со природата. Нема да го спасиме човештвото така што ќе почнеме да ја почитуваме природата, но ќе ги продолжиме меѓусебните војни. Денес, повеќе од кога било досега, јасно е дека тие две работи се меѓусебно поврзани. Се соочуваме со огромни предизвици, буквално со прашањето за опстанок на човештвото, а притоа ги разоружавме нашите когнитивни и имагинативни способности. Нашата политичка и општествена имагинација е целосно беспомошна пред изборот меѓу левицата која води во војна до последниот човек и десницата која води кон мир кој ќе значи натамошно капиталистичко уништување и на природата и на општеството и зголемување на националистичко-шовинистичко-расистичкото насилство спрема тн. други.
Ако претпоставиме дека оваа радикална промена треба да биде иницирана од левицата, што е со фактот, на кој укажуваат многу аналитичари, дека десницата многу подобро успеала да ги препознае потребите на оние слоеви/класи кои беа традиционални левичарски електорати?
Она што беа традиционалните идеали на левицата, имено социјалната правда, солидарноста, односно мирот и борбата против капиталистичките војни, денес се појавуваат во искривена форма како враќање на потиснатото во десничарските политики преку сè поотворениот национализам, односно расизам, не само на нивото на националните држави, туку и низ формите на постнационалниот суверенитет, на пример во нормативниот идентитетски блок што го нарекуваме Запад. Западот е расистички концепт кој овозможува наднационална репродукција не само на хегемонистичките односи, односите на доминација, туку и војна за ресурси, насилна регулација на катастрофалните последици од капиталистичката глобализација кои доаѓаат до израз низ миграциите итн. Во Германија гледаме дека AfD и партиите на центарот, CDU и CSU, се согласуваат за расклопување на социјалната држава во она што се нарекува „ладно општество“, настојувајќи заедно со либералите да го окончаат проектот на неолибералната дерегулација на сè што постои. Но, десницата не е единствена. Таа има различни проекти, но нејзиниот најголем успех може да се припише на левицата, односно на нејзиното напуштање на идејата за радикални промени, за радикална критика на капитализмот.
Зарем таа револуција, за да биде успешна, не би морала да биде глобална?
Да, само денес полето на глобалното е окупирано од фасцинацијата со геополитиката и со нормативните идентитетски блокови. Не се работи само за Запад. Тука е и таканаречениот Руски свет, односно некаква, иста таква блоковска формација на таканаречените антизападни земји, Кина, Иран итн. Никој не го доведува во прашање капиталистичкиот карактер на овој мултиполарен свет. Можеби ова е причината зошто антикапиталистичката левица воопшто не учествува во конфликтиве. Нејзиниот стар проект на интернационализам се чини дека не може да се преведе на јазикот на денешната геополитика, јазикот на капиталистичката глобализација, било да е униполарен, биполарен или мултиполарен. Што се однесува до мејнстрим левицата, зелените и социјалдемократите, тие уште се обидуваат да го фатат военоподбуцнувачкиот воз на капиталистичкиот, либерален Запад, за наводно да ја бранат демократијата од агресијата на таканаречените антизападни „автократии“. Таа мејнстрим левица денес се нареди зад своите водачи Бајден и Нетанјаху и е подготвена да ги следи до нуклеарниот Армагедон. Полесно ѝ е да започне Трета светска војна отколку да излезе со некаква идеја за политичко решение за војните што беснеат во Украина и Палестина. Ако денес е јасно дека проектот за две посебни држави на Палестинците и Евреите никогаш нема да се реализира, која е алтернативата? Војна до уништување на еден од двата спротивставени идентитети? Дали геноцидот на едната или на другата страна е единственото решение? Се чини дека е така, и таканаречениот Запад, заедно со својата мејнстрим левица, го прифати како решение. Затоа ја поддржува посилната страна тоа да го направи час поскоро.
Ова важи и за Украина. Таму Западот е подготвен до последниот Украинец да го брани поредокот заснован на меѓународното право, односно на суверенитетот на националните држави, иако претходно го газеше тој суверенитет каде ќе стигне, го игнорираше меѓународното право и го уништи поредокот заснован на тоа право. Како да му веруваме дека ги брани постојните граници во Европа, кога тој самиот ги прекрои. Иако, од друга страна, нема сомнеж дека Путин и неговата националистичка, империјалистичка камарила се криминална банда која, без разлика на причините, ја започна оваа бесмислена војна, тие уште не направиле ништо што Западот веќе не го направил. Она што се случува денес во Украина и Палестина не е суштински различно од она што се случуваше во Ирак, Авганистан, Либија, Сирија. Тоа се војни за конечно разграничување на капиталистичките блокови, војни во кои тие ги утврдуваат своите граници како простори на хаос, беззаконие, економска, политичка и морална пустелија, места на криминал и геноцид за кои никој нема да одговара.
На ваква разграничувачка војна со години сме сведоци на хрватските граници, каде што овдешните десничари сега би донеле вистинска војска. Како сите овие настани влијаат на состојбата во нашиот регион?
Она што го нарекуваме регион не е ништо друго туку еден конвулут од граници. Регионот е наполу пресечен со Шенген, односно со границата меѓу ЕУ и остатокот од светот, а потоа се тука и границите на наводно суверените држави, потоа етничките, конфесионалните, јазичните и многу други. Нема смисла да се зборува за суверени држави. Сите овие држави се во некаков вазален однос, односно во однос на неофеудална зависност од супериорните инстанци на моќ, без разлика дали се работи за Брисел, моќните членки на Европската унија, како што е Германија, на пример, НАТО, Обединетите нации, Соединетите Држави или она што се нарекува Запад, а што никој не знае што всушност е. Никој во тој регион не е економски суверен. А има ли демократија ако нема суверенитет? Кој е суверен, ако не народот? Станува збор за држави кои не се засноваат на никаков поредок, туку на безредие и хаос. Имаме две и пол албански држави кои исто така се во некаков недефиниран статус. Го имаме остатокот од остатоците на Македонија чиј опстанок е доведен во прашање од сите страни. Ја имаме Србија, која сака да ја надомести загубата на еден од нејзините делови, со расцепување на соседна земја и со присвојување на нејзиниот одвоен дел. Дали Босна и Херцеговина има иднина во овој хаос? Не верувам. Сето ова заедно не е, како што реков, никаков поредок, туку режим што јас го нарекувам Пакс Американа. Не само зашто сите граници и односи меѓу овие народи се договорени во САД, туку и затоа што овој хаос наликува на ситуацијата во Либија, Сирија, Ирак или Украина. Тие земји веќе не се функционални национални држави. Овие народи не беа „ослободени“ за да бидат суверени, туку напротив, за да станат вазали во новите неофеудални односи на глобалната доминација. Тоа не е поредок заснован на меѓународното право. Тоа е баланс меѓу страв и моќ во состојба на привремено суспендирано насилство кое може повторно да експлодира секој момент.
Една од тезите што кружи е дека сегашните војни всушност претставуваат обид на Америка да ја задржи разнишаната позиција на светски хегемон.
За жал, би било добро да се работи за таа циклична логика за раѓањето, подемот и падот на империите, од типот на Римската империја. Но, ние живееме под закана од нуклеарна војна. Не станува збор за колапс на една империја која ќе биде заменета со друга. Ова што се случува може да биде „конечното решение“ за сите нас. А што се однесува до губењето на моќта на САД, Имануел Волерстин го датира почетокот на падот во седумдесеттите години на минатиот век. САД беа единствената доминантна светска сила меѓу 1945 и 1970 година. Распадот на Советскиот Сојуз и целиот Источен блок не ја врати, како што многумина веруваат, моќта на Америка. Не само што таа го пречека неподготвена, туку не го ни сакаше, како што тврди Волерстин. Според него, се случи само уште еден чекор напред во слабеењето на САД и зајакнувањето на мултиполарноста. Овој процес беше силно забрзан по 2001 година и неуспешната воена интервенција на Буш во Ирак. Најпосле во ликот на САД имаме воена сила која постојано губи војни и остава зад себе хаос. Виетнам уште и добро помина со оглед на тоа како денес изгледаат Авганистан или Ирак... Како што ќе изгледа и Украина, која денес е веќе неповратно уништена. Ова воопшто не го оправдува Путин или Русија, напротив! За жал, најлошото за Путин е фактот што тој е само премногу добар ученик на Западот. Нема ништо во она што Путиновата Русија го направи во Украина, а што таканаречениот Запад веќе не го направил, воени интервенции кои ги газат сувереноста и интегритетот на други држави, нивна нелегална окупација, менување на границите во Европа и пошироко, уништување на цели држави и на постојниот поредок заснован на меѓународното право. И кога самиот не ги прави, иако често ги прави, Западот отворено ги поддржува воените злосторства, злосторствата против човештвото, па дури и можниот геноцид.
Каква е фактичката позиција на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен суд, кои треба да обезбедат остварување на меѓународната правда?
Кога Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин – поради водењето украински деца во Русија – поранешниот британски лабуристички премиер Гордон Браун го поздрави тоа како голем напредок во меѓународната правда и ја пофали Јужна Африка што не го поканила Путин на состанокот на БРИКС во Јоханесбург. Зошто денес тој не пишува нешто за Нетанјаху? Израелците само во Газа убија 14 илјади деца, а Јужна Африка поднесе тужба против Израел за геноцид. Гордон Браун и целиот Запад сега молчат. Зошто не пишува нешто за Бајден, дека воведува санкции или им се заканува на Меѓународниот суд на правдата или на Меѓународниот кривичен суд во Хаг? САД и целиот Запад, како што знаеме, во принцип се „неказниви“ пред меѓународните судови. А кога нема еднаквост пред судовите, тогаш нема правда. Па како да очекуваме реализација на меѓународната правда од оние кои се ставаат над нејзините закони и ги казнуваат нејзините институции? А Путиновата Русија, наместо да се спротивстави на оваа погубна логика на неправда, ја користи, напротив, во остварувањето на сопствените империјални интереси, на некаков пореметен Руски свет: „Ако тие можат неказнето да рушат и убиваат, тогаш можеме и ние“. Во рускиот напад спрема Украина нема ништо дефанзивно, а уште помалку принципиелно во однос на борбата за идеалот за поправеден, мултиполарен светски поредок. Само гола деструкција и кон надвор и кон внатре.
Се чини дека лицемерието на Западот никогаш не било поочигледно, но тоа се случува во време на силна медиумска цензура во западните демократии, придружена со пораст на расизмот, не само кај десницата. Да се потсетиме на изјавата на социјалистот Борел за идиличната европска градина опкружена со џунгла. Во исто време на медиумските извештаи им недостигаат стојалиштата на глобалниот југ, кои значително се разликуваат од европските и американските. Како ти тоа го гледаш?
Чувството за важноста на Европа, кое беше толку силно во 1990-тите, кога се чинеше дека Европа е името за решавање на сите наши проблеми, целосно исчезна. Само овие наши граѓански, либерални елити сè уште повикуваат на некаква „нормална, уредена држава“, која како веќе реално да постои таму во Европа, на Запад, на пример во Германија. Истовремено, тие инсистираат на она што се нарекува „цивилизациска разлика“, разликата меѓу нас цивилизираните луѓе и примитивците, варварите, разликата меѓу елитата предодредена да владее и оние кои ниту знаат ниту заслужуваат да владеат со себе. Целиот концепт на посткомунистичката транзиција, односно проширувањето на ЕУ на исток, ја следи парадигмата на таа „цивилизациска разлика“, а не, на пример, принципот на солидарност, т.е. еднаквост. Другата страна на тој процес е секако таканаречената почетна акумулација на капитал, експропријацијата или приватизацијата на државната или, како во нашиот случај, општествената сопственост.
Во политичка смисла, тоа е процес на воспоставување неофеудални односи, како форма на постнационален суверенитет во кој сета моќ е заземена од бирократските елити на центарот, стратешки распоредени во реални и имагинарни институции на глобалната моќ, од Брисел до Пентагон, од ММФ до НАТО, од францускиот претседател, британскиот премиер, германските министри за финансии и економија, до таканаречениот „Запад“. Во однос на нив, националните држави од европската периферија со своите народи, како Хрватска, на пример, се како поранешните вазали во однос на нивните феудални господари. Тука спаѓаат и оние однадвор кои чекаат да влезат во Унијата мислејќи дека тоа ќе им ги реши сите проблеми. За нив Европа уште е некаков идеал. А таа Европа својата потрошена величина и примерност ја гледа само во тој некритички поглед однадвор, во кој, сепак, перверзно ужива. Ако стотици илјади Украинци гинат за таа Европа и тоа НАТО, тогаш можеби Европа и НАТО навистина вредат нешто. А што ќе добијат тие безбројни вдовици и сирачиња кога еден ден ќе исползаат од урнатините? Ќе го добијат средниот прст од ЕУ и НАТО.
Зарем не се чини дека целата политичка немоќ на Европа се гледа токму во однос на војната во Украина?
Денес Европа е потрошен идеал. Од сцената на светската политика беше истуркана од „Западот“ – опскурниот субјект на цела низа активности: извезува демократија, се вооружува себеси и други, воведува санкции, менува режими, војни итн. Но, ние не знаеме кој е. Кога во април 2022 година се чинеше дека војната може да се запре на самиот почеток – договорот во Истанбул меѓу Украина и Русија за запирање на борбите беше речиси договорен – Борис Џонсон ненадејно се појави во Киев и наводно му рекол на Зеленски: „The West is not yet ready for peace“. Проблемот не е дали Западот е подготвен за мир или војна, туку кој го легитимирал Борис Џонсон да зборува за нешто што се нарекува Запад. Дали го избравме? Кој го легитимира овој човек да зборува за стотици милиони луѓе, политичар кој целата негова администрација го сметаше за озлогласен лажго и шарлатан! Доминик Камингс, неговиот поранешен советник, го нарекува токму така, а патем за Украина вели дека е „corrupt shithole” („корумпирана септичка јама“). Моето прашање е: како дојдовме до точка шарлатаните и лажговците, без никаков демократски легитимитет, да одлучуваат за животот и смртта на стотици илјади луѓе? Дали е тоа демократијата која Борис Џонсон како претставник на Западот ја брани од автократот Путин?
Долго време еуфемистички се зборува за „демократскиот дефицит“ во ЕУ, но последниве две години ситуацијата забрзано се влошува. Каква е денес оваа „западна демократија“?
Западот не е демократија. Механичкиот збир на парламентарните демократии самиот воопшто не е демократија. А кога станува збор за правдата, веќе кажавме дека Западот е пример за апсолутна „неказнивост“, Западот може неказнето да уништува и убива. Но, кој му го даде тоа право? Дали демократски му го дадовме тоа право? Што значи кога овдешните воени злосторници, кои служеа 10-15 години поради „неселективно гранатирање“ сега гледаат што се случува во Газа и се прашуваат: „Чекај малку, јас не убив ни сто деца, а служев 15 години, а овие убиле илјадници и продолжуваат да ги убиваат, и никому ништо?“ Тоа значи дека целата наша повоена приказна за мир заснован на правда, за казнување на воените злосторници без разлика на чија страна биле, денеска е откажана. Живееме во беззаконие, целосно изложени на произволната волја на моќниците. Тоа е Западот. И тоа нема врска со демократијата, која демек треба да ја научиме од тој Запад.
На овогодинешниот Субверзив фестивал гостуваше и Анџела Дејвис, која меѓу другото тврдеше дека Европа уште живее во илузија дека е „бел“ континент...
Што значи кога Европа се гледа себеси како бел континент?
Тоа дека живее во минатото. Европа нема иднина како бел континент, не само поради неможноста за нејзина демографска обнова, туку и поради нејзината провинцијализација на сите полиња на животот, вклучително и на економското. Европа веќе не може да им парира на некои други делови од светот кои технолошки и економски напредуваат многу побрзо. Траумата на таа декаденција, на губењето на супериорноста, на маргинализацијата и провинцијализацијата, и во политичка смисла, е емотивниот резервоар од кој десницата црпи енергија за својата расистичка пропаганда. Но, таа огорченост е самоуништувачка. Ако Европа воопшто има иднина, тогаш таа постои само на другата страна од идејата за „бел континент“. На крајот на краиштата, белото не е боја на кожа. Белото е моќ. Белото е доминација, експлоатација. Белото е името на неказнивоста, на неправдата. За тоа се работи.
Зарем не е апсурдно оваа илузија да опстојува и покрај тоа што Европа не може економски да опстане без работната сила на мигрантите, што можеме да го видиме и во Хрватска?
Денешна Европа не може да опстане без имиграција, а тоа значи без гранична политика и биополитика. Не станува збор за некакво блокирање на границите, како што замислува десницата, која би сакала таму да ја види армијата, целосно во согласност со логиката на целосна секуритизација на општествениот живот. Границите се филтри и сè зависи од тоа кој ги контролира и во чиј интерес, што пропушта и што блокира. На крајот на краиштата, границите меѓу белите и небелите се насекаде во Европа, тие го регулираат односот меѓу трудот и капиталот, значи класните односи, а не само културните разлики. Тие се точките каде Европа ја спроведува својата пасивна и активна агресија и насилство. Денес Европа е во војна на овие граници, не само во Украина, туку и на Балканот, во Либија, Сирија и Ирак. На тие крвави граници се затапени сите наши морални чувства, пред сè оние на солидарноста, сочувството и моралната обврска спрема луѓето во неволја. Навикнати сме на илјадници трупови кои плутаат во Медитеранот. Главната улога на Фронтекс не е да ги заштити европските граници, туку да ги нормализира насилството и смртта на овие граници. Најпрво бевме анестезирани од детските трупови на медитеранскиот брег на Европа, па денес масакрот на децата во Газа воопшто не нè допира. Впрочем, тие не се бели деца. Или да речеме крлежијански, ni med decom ni pravice. Но, ја нема и кај белите, исто така. Западот и Европа се подготвени да жртвуваат уште стотици илјади Украинци без јасен концепт како да се стави крај на оваа војна. Кога германската министерка за надворешни работи Аналена Барбок повика на „конечна победа“ во Украина, никој не ја праша што значи тоа конкретно. Дали е подготвена да испрати две генерации млади Германци во смрт, да го постави знамето на ЕУ на Кремљ или можеби има намера да ја избрише Русија од лицето на земјата во нуклеарна војна? Се помиривме со фактот дека војната и ескалацијата имаат смисла без да одговориме на прашањето: зошто? Ја заборавивме лекцијата на Клаузевиц дека војната е продолжување на политиката со други средства, што подразбира дека и таа мора да заврши во некоја политичка форма. Каква? Во чиј интерес? Во интерес на трајниот мир, или онака како завршија нашите војни во деведесеттите, имено со политичко признавање на воената логика на етничкото чистење? Како тоа да е сеедно.
Загрижува недостатокот на масовен граѓански ангажман за заговарање преговори и дипломатско решение. Каде се денес антивоените гласови?
Пред започнувањето на западната инвазија на Ирак, заснована на лагите на Пентагон и ЦИА поддржани од Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Си-Ен-Ен и поддржани од гигантите на информатичката технологија – AT&T, Google, Facebook, Microsoft – најголемите антивоени демонстрации во историјата беа организирани во Лондон, во Велика Британија. Луѓето јасно чувствуваа дека ги лажат и дека се подготвува нешто што нема да заврши добро. Но, политичките елити, вклучително и леволибералните, како што е Лабуристичката партија на Блер, ги водеа своите народи во војна која заврши со половина милион цивилни жртви, распаѓање на земјата и политички хаос што продолжува до денес. Ен Еплбаум, историчарка и таканаречен експерт за Источна Европа и Русија – која, патем, никогаш не била во Русија – и моментално најгласниот јастреб на Пентагон за украинската војна, воинка кој се залагаше и целосно ја поддржуваше инвазијата на Ирак во 2003 година, и интервенционистичката политика на американските неокони, и денес се залага за постојана војна на Западот против таканареченото зло, таа жена доби дури две награди за мир годинава во Германија: „Наградата Карл фон Осиецки на градот Олденбург“ и, дословно, „Наградата за мир на германските издавачи“. Реалноста во која живееме, европска, западна, демократска, доби експлицитен – не метафоричен – орвеловски карактер. Европа, Западот денес е Океанија од Орвеловата 1984 година со нејзиниот главен слоган „Војната е мир“!
На предавањето во КИЦ во Загреб го спротивставивте концептот на отпор со југословенското националноослободително движење. Можете ли да ги елаборирате разликите?
Денес во дискурсот за Втората светска војна кај нас доминира концептот „отпор спрема фашизмот“ (resistance) и тоа во позитивна смисла. Но, факт е дека кај нас немаше отпор спрема фашизмот. На 14 април 1941 година КПЈ не повика на отпор кон фашизмот, туку на борба, народноослободителна борба. Партизаните никогаш не се нарекувале движење на отпорот, дури ни пред 1942 година, кога биле наречени НОВ и ПОЈ, односно Народноослободителна војска и партизански одреди на Југославија. На крајот на 1944 година тие броеле 650.000 борци организирани во 52 дивизии и четири армии и држеле стотици километри фронт во конвенционално војување. Тоа не е движење на отпор. Напротив, отпорот се појави дури по 1945 година. Така историчарот Волфи Крашиќ ја пишува книгата Хрватско движење на отпорот – хрватските државотворни организации и групи 1945–1966 година, а особено го истакнува хрватското движење на отпорот под водство на Јакша Кушан. Отпорот или поточно „Хрватскиот народен одпор“ го организирал и Вјекослав Макс Лубуриќ. Идејата за отпор се заснова на помирување на фашистите и антифашистите, а не на антифашистичката борба. Да резимираме, на постјугословенскиот простор, терминот „отпор“ му припаѓа на дискурсот на историскиот ревизионизам. Во Србија денес членови на движењето на отпорот против фашизмот се четниците на Дража Михајловиќ, а не партизаните. Всушност, во официјалната мемориска политика на Европската унија, која се заснова на три резолуции на Европскиот парламент, воопшто нема место за југословенските партизани. Токму зашто тие не пружија никаков отпор на фашистите, со цел да се зачува некаква предфашистичка држава, туку нивната цел беше радикалната револуционерна промена на општеството преку народноослободителна борба.
Кога денес во Берлин ги гледаме членовите на тој отпор во нацистички униформи, како што е Клаус фон Штауфенберг, кој го организираше убиството на Хитлер, тогаш знаеме дека тој немал на ум, на пример, промена на улогата на жената во општеството, во проектот за отпор. За разлика од АФЖ, кој патем се нарекувал „фронт“, а не отпор, и кој како таков беше масовно движење од два милиони членови. Германскиот „Отпор“ (Widerstand) имаше за цел да склучи примирје со западните сојузници и да ја продолжи војната против Црвената армија. „Отпор“ е името и на она српско движење против Милошевиќ, кое го организираше ЦИА во Будимпешта и кое потоа ги извршуваше задачите за таканаречена „промена на режимот“ за американска сметка, односно учествуваше во тие шарени револуции во педесетина земји низ светот, кои, патем, сите не успеаја, а што може да се види денес, меѓу другото, и во војната во Украина. Затоа, терминот „отпор“ служи првенствено за ревизионистички цели. Неговата цел е конечно и неповратно да го компромитира концептот на револуција. И успеа во тоа.
Но, што да правиме со револуциите кои „ги изедоа сопствените деца“?
Мислам дека треба да се постави уште едно прашање: а што да правиме со контрареволуциите кои успеаја да ја поразат секоја револуција? Што е со Сталиновата контрареволуција која ги откажа сите еманципаторски достигнувања на Октомври? Што е со контрареволуцијата на силите на технократијата, како што се нарекуваа во поранешна Југославија, кои преку Сојузот на комунистите ја попречија и на крајот ја уништија идејата и практиката на самоуправување? Што е со меѓународните финансиски и економски институции кои промовираа одредени политички и идеолошки интереси во име на невидливата рака на пазарот, саботирајќи го секој обид за спротивставување на капиталистичката експлоатација? Наместо да ја прикажуваме револуцијата како чудовиште кое сè голта, додека на другата страна стои нормален, убав, уреден, мирен свет кој би бил сосема во ред доколку не дошле луди револуционери и не се обиделе да сменат нешто, треба да се соочиме со вистинската историја на контрареволуциите и нивните величествени успеси. Претпоставувам дека денес нема ниту една револуционерна идеја од која овие контрареволуции не успеале да ја компромитираат. За тоа зборуваме! Тие револуционери што си ги јадат децата не се ништо друго туку контрареволуционери.
Моето прашање е делумно инспирирано од нашата локална ситуација во Загреб. Пред три години имавме мини-револуција која го донесе на власт Можемо! И тоа врз вредностите на муниципализмот, граѓанското учество и другите зелено-леви идеи. Сепак, оттогаш се чини дека (повторно) сме сведоци на железниот закон на олигархијата?
Не треба да се плашиме од можемоската олигархија. Тие не се крокодили во хрватската демократска бара. Попрво е дека тие се ловина за крокодилите. Ене како корпоративните медиуми веќе ги џвакаат во железните челусти. Решиле да ги истераат од власт, и ќе успеат. Сè уште мислам дека оваа голема школа преку која М! поминува не е залудна. Добро е да се знаат реалните граници. Не само нивните, туку и границите на парламентарната, партиската демократија. Некој ќе научи нешто од сето ова. На пример, дека ниту една жртва на левичарскиот радикализам, за да се придобијат симпатиите на центарот, на крајот не вреди. Исто како што нема смисла тој центар да се разбере како некакво олицетворение на реалноста, мерка на реалноста каква што навистина е. Токму во поистоветувањето со реалноста без алтернатива, тој центар ја покажува својата лудост, својата патолошка игноранција на реалноста. Не само во Загреб и не само овде. Широкиот, паневропски и панзападен либерален, неолиберален и неоконзервативен центар, чии олигархии денес држат сè во свои раце, е најопасниот екстремист во оваа постдемократска приказна во која ние се најдовме заедно со М!. Ако не нè одведе во Трета светска војна, ќе не остави спржени на сонцето.
Слики: Daliah Ammar
Превод: Н. Г.
Извор за текстот: h–alter.org
Белешка за сликарката
Далија Амар (Daliah Ammar, 1995) е млада уметница со палестинско потекло која живее во Бруклин, во Њујорк. Врз основа на нејзините сеќавања од Палестина, каде што ноќното палење на ѓубре и стрништа долж автопатиштата е вообичаена практика, настанале овие слики на оган кои го претставуваат, меѓу другото, и морничавото чувство на изместеност на уметницата.