Економската рационалност не ја сузбива ксенофобијата

21.07.2024 23:55
Економската рационалност не ја сузбива ксенофобијата

Последниве десетина години миграциите веројатно се најважната политичка тема во евроатлантскиот свет и придружните сателити. А дискусиите кои ја следат, кажано со жаргонот на современиот политички Пи Ар, ги поларизираат општествата. Приоритетниот статус на миграциите како тема не е предизвикан од некаков значаен раст во квантитетот во однос на претходните периоди на глобално ниво. Причините попрво треба да се бараат во неодамнешното економско минато и политичко-идеолошките трансформации на западните општества. На располагање немаме ни компетенции ни простор за овде да се позанимаваме со овие епохални пресврти и сите комплицирани каузални односи кои ги сочинуваат. Во оваа прилика внимание ќе ѝ посветиме само на еден вид аргументација која претендира на седативната улога во вжештените дискусии за миграциите.

Како што знаеме, најраспространетите облици на аргументација кога се во прашање миграциите главно се наоѓаат во она што се нарекува културна димензија. Покрај разните теории на заговор кои ќе ги заобиколиме во оваа прилика, противењето на порелаксираниот режим на миграциите се сведува главно на културната неусогласеност. Интеграцијата на мигрантите во западните општества од разни причини, тврдат заговарачите на тврди граници, едноставно не е можна. Понекогаш таквите причини се длабоко расистички, а понекогаш се активираат и наводно социолошките причини кои укажуваат на неможноста за заеднички живот. Како и да е, мошне распространет и политички застапен е негативниот сентимент кон странците и мигрантите ширум Европа и тоа најизразен е во провинциските средини, во кои бројот на странците е занемарлив. Оговорите на таквите ставови и политиките на другите делови од политичкиот спектар се разновидни. Од конкретен и разработен антирасистички ангажман кој миграциите ги објаснува со широко политичко-економска слика до среднокласните „театарски“ аспирации кои работниците со различно потекло и раса во непосредната социјална кулиса ги доживуваат токму така: како кулиса за глумење прогресивност и без нималку грижа за она што се случува во бекстејџот.

Во сите тие дискусии редовно се појавува и аргументацијата која би требало да ги отстрани идеолошките залихи и личните сентименти на вклучените. Аргументација која е студена, рационална и економска и се потпира на факти. А тие факти велат дека европската економија е неодржлива без постојан прилив на странски работници и дека веќе нема место за какви било идеолошки склоности или, да искористиме еуфемизам, индивидуални идиосинкразии. Едноставно работниците се потребни и сите мораме да се помириме со тоа. И оние кои тие работници ги сметаат за луѓе кои не сакаат да ги гледаат во својата околина, но и оние кои релаксираните миграциски политики сакаат да ги претстават како некаква великодушност или добродетелство. Секако, иако последнава опција е отаде прифатлива, и таа страда од еден вид делузија и не ја препознава јасната, студена и рационална економска калкулација.

Се работи за аргументација која е сè позастапена и кај либералната левица и која често функционира како последно прибежиште во дискусиите со расистички расположената десница. Можете да бидете расисти колку што сакате, но без странски работници нема ни да има економија, па затоа повелете. И неспорно е дека почетната претпоставка е вистинита: економиите би се распаднале без увоз на работна сила. Меѓутоа, тука завршува политичкиот домет на овој аргумент. Каде се греши? Па во погрешната претпоставка за економска рационалност. Да, увозот на работна сила е економски рационален. Но економски рационално е и глумењето великодушност во приемот на таквата работна сила. Зошто? Па затоа што тогаш работната сила искажува благодарност и послушност. Или поконкретно: цената на нејзиниот труд е ниска и не доаѓа во прашање. Што е мошне економски рационално од перспектива на капиталот. А улога во таквата рационалност игра и заострената миграциска политика која се комбинира со акти на великодушност: отвора простор за хиперексплоатација на дојдените. Старата лекција гласи: економската рационалност не се совпаѓа со општата, логичка рационалност. Проткаена е со конкретни интереси и не е нималку имуна на различните идеолошки слоеви. Таквите интереси и тоа како „рационално“ ѝ користат.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jakob Scheidt

Извор: https://www.bilten.org/