1025 hPa
58 %
11 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 12:59
Новата мантра на кандидатите на претседателските избори во САД, актуелниот претседател Џо Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп е „единството“. Именката стана жешка стока по обидот за атентат врз кандидатот на Републиканската партија на предизборниот митинг во Батлер минатиот викенд. Приказната за атентатот е позната и веројатно нема да се промени во главните црти, можеби во некој детаљ: Томас Метју Крукс, 20-годишен регистриран републикански гласач кој на 5 ноември требаше првпат да гласа, се обиде да го убие Трамп. Пукал со пушка, го ранил Трамп во десното уво, убил пожарникар, повредил две лица, и бил ликвидиран од Тајната служба, која речиси веднаш стана тема на неделата.
Соединетите Држави се крајно политички и идеолошки поларизирани околу петнаесет години, до степен на отворен општествен конфликт кој може да стане многу пожесток од конфронтациите во медиумите и на социјалните мрежи. Во исто време американската политика, олицетворена во двете големи партии, демократите и републиканците, е кадровски значително уназадена. Пред 16 години двајца тешкаши се бореа за место во Белата куќа: Барак Обама и Џон Мекејн. Тогаш овој конфликт, кој делумно постоеше и за време на двата мандата на Џорџ Буш помладиот, престана да крчка и почна да се разгорува. Обама не беше прифатлив кандидат за дел од САД,и поради бојата на кожата, и зашто, барем за нив, беше премногу либерален. Мекејн возврати на тоа со обидот да ги придобие гласовите на изразито конзервативниот дел од Америка со тоа што ја кандидираше гувернерката на Алјаска Сара Пејлин за негова потпретседателка. После тоа настана „Чајанката“, во основа екстремната струја на републиканците, група која благодарение на медиумите со кои располагаше успеа да го наметне идеолошкиот такт и ритам во Републиканската партија. Врз тоа беше се накалеми Трамп, човек кој до ден денес, меѓу другото, не разбра дека политиката е работа заснована на компромис, а не на диктат. Тој вредно работеше на поларизирање на американското општество без да ја разбере целта на законите и институциите, освен ако тие не се инструмент на неговата волја. Денес Америка е дојдена до точка каде што сè е на послужавник, а некои работи дури се нудат за отстранување од послужавникот: репродуктивните права на жените, основните права на LGBTIQ луѓето (до точка на негирање на здравствената заштита на одредени групи), правата на малцинствата и социјално слабите. Не е загрозен, или сигурно нема да биде, ако Трамп повторно се пресели во Белата куќа, не големиот туку екстремно големиот капитал.
Шеснаесет години по Обама и Мекејн, претседателски кандидати се Бајден и Трамп. Првиот тандем на тие избори имаше 119 години, сегашниот пар има 160. Пред четири години во рингот беа истите двајца кандидати, и тогаш беа двајцата најстари кандидати за претседател во историјата на САД. Сега се четири години постари. Ситуацијата во двете американски партии потсетува на ситуацијата во европските социјалистички земји во осумдесеттите години на 20 век, кога ги водеа сиви, остарени, болни, неспособни апаратчици кои беа јасен знак за атрофијата на системот што не може да се поправи.
Клучната одредница на досегашната кампања е kulturkampf, што не е чудно, таа борба беснее во САД со години. По атентатот и двајцата кандидати повикаа на единство, но ниту еден од нив не знае како да постигне единство, да го постигне тој минимум заеднички именител што овозможува заеднички живот во демократија, не без конфликт, туку без прогон и уништување на противниците и неистомислениците, во земја каква што се Соединетите Американски Држави денес. Тие денес изгледаат како пациент нагризен од внатрешни болести, но проблемот е што овој пациент е сè уште најмоќен на светот.
Самиот атентат во Батлер е, според повеќе или помалку сите анализи, политички ветар во едрата на Трамп. Ова е логично, тој е жртвата во овој случај, тој е предмет на напад, очигледно од „волк-самотник“. Три и пол месеци до изборите се многу долг период во денешната политика, но сè укажува дека шансите Трамп повторно да стане претседател, кои и онака се повеќе од солидни, сега се поголеми. Според анкетите спроведени на крајот на јуни и почетокот на јули, тој бил во мала предност според процентот на гласови на кои можел да смета (што, со оглед на американскиот изборен систем, не е пресудно) и според бројот на електорски гласови на кои може да смета. Јасен знак за неговите предности се и собраните донации. Во мај тој собрал 60 милиони долари повеќе од Бајден. Трамп делува како тефлон политичар, ниту еден политички скандал и правна постапка против него не можат да го уништат неговиот рејтинг.
Бајден, од друга страна, има проблеми да ја убеди јавноста дека е ментално способен да ги извршува должностите на претседател. По катастрофалната за него прва дебата, на самитот на НАТО во Вашингтон тој го најави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, преименувајки го во Путин, а потпретседателката Камала Харис ја преименува во Трамп. Не знаеме како функционира „заспаниот Џо“ зад затворени врати, кога оперативно ги води САД, но премногу често пред камери остава впечаток на дезориентирана личност. При сите негови тешкотии, тој може само во ограничена мера да се потпре на потпретседателката Харис. Таа требаше да биде силата што ќе ги носи демократите и поради очигледната разлика во години во споредба со Бајден. Но, таа е политички речиси еутаназирана во овие четири години, делумно и самата е одговорна за тоа, но најмногу е одговорна партијата, а особено администрацијата на Бајден. Ја направија невидлива или и’ даваа задачи и портфолија со кои беше јасно дека таа нема да постигне ништо. Спротивно на широко распространетиот впечаток во странство, Бајден не е лош претседател, особено дома. Економијата оди добро, невработеноста е мала, политиката кон малцинствата, на пример Афроамериканците, е успешна, а бројот на вработени од оваа група е рекордно висок. На домашен терен само привидно има услови за мир во куќата.
А какво „единство“ очекува САД, покажа Трамп избирајќи го својот кандидат за потпретседател, сенаторот Џејмс Дејвид Венс. Медиумскиот фокус на него главно е сведен на фактот дека пред осум години бил лут противник на Трамп, а денес е негов потпретседателски кандидат. Ако погледнете за што се залага, јасно е што следува: тој се противи на правото на абортус, истополовите бракови, здравствената заштита на трансродовите луѓе, би ја забранил порнографијата, а Зеленски не мора да се плаши дека ќе го помешаат со Путин оти се противи на американската помош за Украина. Она што се нуди не е продолжение туку засилување на kulturkampf што ги разјадува САД.
По убиството на Трамп, Бајден рече дека „нашата политика е преинтензивна“. Всушност, таа е толку интензивна што е потребен нов Алексис де Токвил за да напише нова верзија на „За демократијата во Америка“.
Превод: Н: Г.
Извор за текстот: Портал Новости