1009 hPa
88 %

15 °C
Скопје - Чет, 15.05.2025 23:59
По патувањето низ Маракеш и Тангер, американскиот уметник Николас Колман создава прекрасна и тематски слоевита колекција на слики. Пролетта во 2022 година, Колман за прв пат го посетил Мароко. Тоа било местото кон кое отсекогаш бил привлечен поради неговата визуелна култура и неговата уникатна историја.
„И античкото и блиското минато на земјата се дефинирани со оваа културна размена и спој меѓу арапските, европските и субсахарските африкански народи. Резултатот е едно од најубавите и најкомплексните места на земјата”, вели уметникот.
Николас се сеќава дека се чувствувал „зашеметен” од убавината и уметноста на Мароко. „Постои неверојатна посветеност на разубавување на речиси секој физички простор – од палати до мали рурални домови”, објаснува тој.
Колман уживал да зборува со локалното население, да ги слуша нивните приказни и да дознае за нивните животни искуства. Меѓутоа, во исто време, тој вели дека се обидувал да биде свесен за тоа како потпирањето на земјата на туризмот нужно обликувало голем дел од интеракциите што ги имал.
Тој продолжува: „Почувствував интензивна желба да бидам дел од културата додека бев свесен дека тоа го доживувам и како аутсајдер и како клиент”. Имајќи го ова на ум, Николас се нафатил да создаде дело што ја „слави” убавината на Мароко, истовремено интегрирајќи ја „нелагодноста” што ја носи туризмот.
Серијата слики означува и продолжение и отстапување од типичниот пристап на уметникот. Од детството тој имал уметнички ангажмани, бил опкружен со уметници, вклучувајќи ја неговата баба шивачка и уметница која се занимавала со рачни изработки од макрма.
Откако знаел за себе Николас цртал и креирал, а сега гравитира кон автопортретирање, што е основа на неговата практика и истакната карактеристика во проектот насловен „Странец во Мароко”. Меѓутоа, Колерман слика и позадини, оживувајќи ги калеидоскопските мозаици, текстилот и архитектурата на местата во кои ќе се најде - за да ги „издигне физичките простори на еднакво ниво како и субјектите”.
Овој двоен фокус брилијантно се спојува во „Чај од нане јужно од Маракеш”, сликата за која Николас смета дека најдобро го доловува „духот на целата серија”. Уметникот објаснува дека на него е прикажан маж од Бербер во традиционална облека како подготвува чај од нане, а во позадина седи еден пар.
Ова дело визуелно привлекува, а земјените тонови се споени со живописните материјали со пруги. Но, она во што Николас најмногу ужива е чувството на нелагода што се пренесува во субјектите. „Се обидов да го овековечам моментот (оној што се повторуваше за време на мојот престој таму) кога ќе ви биде сервирана уште една чаша чај, која можеби е повеќе отколку што би сакале, но знаете дека не можете да ја одбиете”, објаснува Колман.
Тој го постигнува горенаведеното преку внимание на линиите на погледот и говорот на телото. Двојката седи на каучот, жената гледа во она што го прави човекот, додека човекот е со затворени очи во однос на гледачот.
Во серијата како целина, Николас се надева дека луѓето на почетокот се привлечени кон неа поради нејзиното раскошност и убавина. „Верувам дека основната одговорност на уметникот е да создаде нешто што функционира на естетско ниво и дури потоа да дојде до пораката или идејата”, вели тој.
„На крајот на краиштата, се надевам дека луѓето го перцепираат и на некој начин се поврзуваат со чувството што се обидував да го доловам како посетител или странец во ново место”, заклучува Колман.
Извор: https://www.itsnicethat.com