1026 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 17:59
Не верувај во нашите четива, заборави ги
и почни од своите зборови. Како да си
првиот што пишува поезија,
или последен меѓу поетите.
Ако нè читаш, тоа да не биде
за да ги продолжиш нашите страсти
туку да се исправат нашите грешки во книгата на трудот.
Никого не прашувај: кој сум јас?
Мајка си ја знаеш...
А татко, можеш самиот да си бидеш.
Вистината е бела, тогаш пишувај врз неа
со мастило од гавран.
Вистината е црна, тогаш пишувај врз неа
со светло од фатаморгана.
Ако сакаш борба со орел
полетај со него.
Ако љубиш девојка
тогаш ти биди, а не таа,
оној што крајот свој го посакува.
Животот е помалку жив од што мислиме,
а не мислиме многу на него
за да не им наштетиме на емоциите.
Ако долго набљудуваш ружа
нема да те кутне луња.
Ти си како мене, но мојата бездна е очигледна.
Во тебе патиштата се бескрајни тајни
во качување и симнување, качување и симнување.
Исчезнувањето на младоста можеби е
зреење на искуството, или мудрост.
Мудрост на студена непоетичност.
Илјадници птици во рака
не можат да се мерат со една
што во дрво се облекува.
Песна во тешко време е
раскошен цвет на гробишта.
Тешко е да се најде пример,
затоа самиот биди и ти и некој друг
зад границата на оддеците.
Херојството на одлуката има рок на траење.
Затоа биди храбар во срцето и следи го
пред да стигнеш на вистинскиот пат.
Не вели ѝ на љубената: ти си јас а јас сум ти,
кажи го спротивното: двајцата сме гости
врз еден облак што лута.
Отстапи, со сета сила оттргни се од правилата.
Не ставај две ѕвезди во една реченица,
но стави го споредното крај битното
за да се употполни занесот во подем.
Не верувај во прецизноста на нашите упатства,
верувај само во трагата на караванот.
Моралот е куршум во срцето на поетот,
смртоносна памет.
Биди јак како бик кога се срдиш
и слаб како цвет на бадем кога љубиш
и ништо ништо, додека си пееш серенада
ноќе во затворена соба.
Долг е патот како ноќта на Имру-Л-Кајс:
рамнини и височинки, реки и заливи.
По мерката на сонот свој чекориш,
а те следат лилјани или бесилка.
Не стравувам за тебе поради задачите туку
поради оние што танцуваат на гробот на своите деца.
Стравувам за тебе поради скриените камери
во папоците на пејачките.
Нема да ме разочараш
кога ќе се оддалечиш од другите, и од мене:
оти она што не ми наликува е уште поубаво.
Единствениот твој старател отсега е:
занемарената иднина.
Не мисли, додека болката те топи
како солзи од свеќа, како некој те гледа.
Следи го светлото на твоето претчувство.
Мисли во себе: дали сево ова доаѓа од мене?
Песната е секогаш нецелосна, пеперугите ќе ја довршат.
Нема совети во љубовта, тоа е искуство.
Нема совети во поезијата, тоа е дарба.
И последно, но не најмалку важно: мир со тебе.*
*Salaam.
Слики: Myriam au Citron
Превод: П. Вулкански
Белешка за поетот
Махмуд Дарвиш (арапски: محمود درويش) (13 март 1941 - 9 август 2008) — најпознатиот палестински поет и еден од најзначајните современи поети што пишуваат на арапски јазик. Во 2007 година беше лауреат на Струшките вечери на поезијата.
Дарвиш во своите дела ја опишува борбата на својот народ за независност. Го критикува Израел, но и палестинското раководство и внатрешните палестински судири. Пишува за животот на Палестинците во егзил, како и за израелската окупација на палестинските територии.
Учествувал на голем број светски поетски фестивали, држел предавања на престижни светски универзитети, а патот кон меѓународна поетска афирмација го започнал на Струшките вечери на поезијата во 1978 година, кога учествувал како поет на специјалната вечер посветена на современата палестинска поезија.
Белешка за уметницата
Младата мароканско-француска уметница Anaelle (Myriam) Chaaib (нејзиното убаво уметничко име е Myriam au Citron) во својот циклус слики Grand Hanout Tanger ги спојува европската колонијална култура со современата мароканска култура. Таа ги слика полиците на продавницата преполни со марокански намирници и европски и американски производи. Секој производ е внимателно претставен со ситните етикети кои Мириам со уживање ги слика. „Тангер е плод на многу влијанија“, вели Мириам, која со својата сликарска вештина добро го прикажува тој преплет од влијанија. Мириам е посебно заинтересирана за културата на храна оти, како што вели таа, „храната нè зближува, ама и разделува“.