1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
(Кон 59- то издание на Борштниковите средби, 3-18 јуни, 2024 година, Марибор, Словенија)
Скоро шеесет години „Борштниковите средби“ на својот репертоар го носат она најинтересното и најинспиративното од Словенечкиот театар. Овие театарски средби се еден вид пресек на театарските збиднувања во Словенија, како и на режисерските видувања на Словенечките режисерски имиња. Дванаесетте претстави во официјалната компетиција на овогодинешниот фестивал се селекција на Блаж Лукан, театарски критичар и доцент на одделот за драматургија на АГРФТ, Љубљана, претстави кои со својата тематска разноликост ни ги донесоа уметничките видувања на траумите на дваесет и првиот век. Словенечкиот театар се одликува со голема острина и екстровертност во својот израз, но и со многу чудни режисерки експресии кои се инспиративни и исклучително впечатливи.
Половина од репертоарот на овој фестивал се претстави работени по текстови на странски автори, како што се: „Ангели во Америка“ на Тони Кушнер во две верзии: на Словенскиот младински театар во режија на Нина Рајиќ Крањец и на Мини театарот од Љубљана во режија на Ивица Буљан; „Пет видови тишина“, камерна драма на Шила Стивенсон во режија на Маша Пелко, „Дождлив ден во Гурлич“ во продукција на Прешерновиот театар од Крањ и Градскиот театар од Птуј, „Прометеј: една убава апокалипса“ во продкција на СНГ Драма од Љубљана, и двете претстави по текстови на Милан Рамшак Марковиќ и во режија на Себастијан Хорват; „Љубовници“ по текст на Елфриде Јелинек, во режија на Нина Рамшак Марковиќ, а во продукција на Словенскиот младински театар од Љубљана и „Занес“ по текст на Луси Кирквуд во режија на младиот Јан Крмељ и во продукција на Градскиот Љубљански театар.
Другата половина од селекцијата на Блаж Лукан се претстави работени по текстови на словенечки драматичари или авторски проекти на Словенечки драмски уметници каде припаѓаат претставите: „Сексуално воспитување II“, авторски проект на Тјаша Чрнигој, Лина Акиф, Сенди Бакотиќ, Ника Розман, Ванда Велагиќ, Тијана Тодоровиќ, Барбара Капељ, Теа Видмар и Лене Лекше, во режија на Тјаша Чрнигој, а во продукција на Нова пошта, Маска, Љубљана и Местото на женските; „Јуриш“, претстава по текстовите на Карел Дестовник Кајух во режија на Жива Бизовичар, а во продукција на Словенечкиот градски театар од Цеље, „Антигона“, драма на словенечкиот класик Доминик Смоле во режија на младиот Лука Марцен, а во продукција на Словенечкиот народен театар од Нов Горица, „За снегот и љубовта“ по краткиот роман на Милан Сосиќ, во адаптација на Тадеј Пишек, а во продукција на Постојаниот Словенечки театар од Трст и Заводот Годо и „Похорскиот баталјон“, авторски проект на Јернеј Лоренци, Дино Пешут и актерите и актерките во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Градскиот Љубљански театар и Градскиот театар од Птуј.
Сцена од претставата „Ангели во Америка“ на Словенечкиот младински театар, во режија на Нина Рајиќ Крањец
Повлекувајќи паралела со интимните и политичките истории, Блаж Лукан ни донесе селекција на претстави кои воглавно го третираат постдрамскиот театар кој веќе долго време е присутен на словенечката режисерска и драматуршка мапа, но и селекција која го компарира минималистичкиот аспект на реализмот со постдрамското, како начин на мислење кој допрва треба да си го најде свето место во театарското обмислување во Словенија. Што се однесува до тематските определби, во овој фестивалски репертоар имаме една опседнатост од периодот на Втората светска војна (Јуриш и Похорскиот баталјон), но и една интимистичка мотивираност (Дождлив ден во Гурлич и Прометеј: една убава апокалипса), а тука се и глобалните и политички проблеми и анемозитети во добар дел од остатокот на селекцијата (Ангели во Америка, Занес, Пет видови тишина, Љубовници). Оваа разноликост зборува за посветеност на Словенечкиот театар на актуелноста на човековите трауми, но и на интерпретацијата на историските чинители кои, откопувајќи ги, се преоблекуваат во други значенски промени. На овој фестивал и оваа година доминираат елоквентноста на режисерските концепти, на аглите на согледување на минатото и сегашноста, но и на филозофските поставености на цивилизациските тектоники кои во дваесеттиот век се се подинамични.
Она што е особено интересно е придружната програма која на овој фестивал е секогаш богата, а која во ова издание го има копродукцискиот проект „Крајот на светот во три дејствија“, по текстови на Кристина Кегљен, Катја Горечан и Тијана Грумиќ, во режија на Селма Спахиќ, а во продукција на Словенечкиот народен театар од Марибор, Борштниковите средби, Белградскиот драмски театар и Загрепскиот театар на младите; претставата „Под контрола“ на Лука Пиљетиќ, во продукција на легендарните Виа Негатива, наградената италијанска претстава „Ангелот на историјата“ на Сара Бонавентура, Клаудио Чири и Даниела Вила, кореодрамата „Синџирот на душата“ на Штатстеатарот од Мајнц во кореографија на Шерон Ијал, претстава со која се отвори фестивалот, авторскиот проект „Големиот крст“ на Марија Сен Мигел, како и прекрасната дуодрама „Мајка и син“ по текст на нобеловецот Јун Фосе во режија на Матија Ферлин, а во продукција на Градскиот театар од Пула, Хрватска. Оваа исклучитално богата селекција го одразува театарскиот момент не само во Словенија, туку и во Европа, нудејќи продукции кои настанале или биле сигнификантни во театарскиот живот во Европските театарски жаришта.
Сцена од претставата „Занес“ во режија на Јан Крмељ
Богатството на „Борштниковите средби“ се и додатните програми, како и студентската програма која ги презентира оние што пишуваат за театар, сликаат за театар, фотографираат во театарот, но и оние кои тукушто започнуваат да го бараат своето место во театарот.
Следејќи го европскиот театарски миг, фестивалот се обраќа на сите оние кои сакаат да влезат во магливите коридори на инспирацијата и да ги побараат оние најскриени значења и пораки на оваа уметност. Оние најдобрите се секогаш оние што биле најаналитични и најконесквентни, па така стручното жири на овогодинешните „Борштникови средби“ најмногу награди додели на претставата „Занес“ по текстот на Луси Кирквуд и тоа на Јан Крмељ за режија, на Јернеј Гашперин за прекрасната улога на Ноа, на Дијана Коленц за улогата на Селест во истата претстава (награда за млада актерка), како и на Лин Јапељ за инспиративната сценографија во истата претстава. Четири награди меѓу кои и наградата за најдобра претстава во целина беа доделени на претставата „Ангели во Америка“ на Словенечкиот младински театар, претстава која се закити и со наградата за режија на Нина Рајиќ Крањец, додека на актерките Наташа Кесер и Ања Новак им бера доделени наградите за актерски крации, а Марина Сремац беше наградена за костимографија на истата претстава. Со две награди беше овенчана претставата „Дождлив ден во Гурлич“ и тоа за драмски текст на Милан Рамшак Марковиќ и за актерска креација на Борут Веселко. Посебно признание е доделено на претставата „Сексуално воспитување II“, за истражувачкиот аспект и иновативност во изразот. Овде ќе ја споменеме и наградата „Бортников прстен“ која секоја година ја добива значајна театарска личност во Словенија за своето дело, а оваа година беше доделена на големиот Словенечки актер Бранко Штурбеј.
Кога зборуваме за словенечкиот театар, мораме да имаме предвид дека овој театар најмногу обраќа внимание на актуелизирањето на она што го остава на сцена. Непронајдените досега аспекти на секое драмско дело се поле на анализа и истражување. Во оваа селекција имаше доста навлегување во другите, неиспитани води и во режисерскиот израз, но и во драмското толкување на најразличните мотиви и теми. Словенечките театарски уметници знаат да посегнат по најдалечните асоцијации и од нив да го извлечат значењето на кое никој досега не помислил. И тој магиски круг не запира. Се движи како уроборос и го повлекува тркалото на уметноста во постојана динамика, а словенечките режисери и актери ги инспирира за понатамошни театарски авантури.
Сцена од претставата „Занес“ во режија на Јан Крмељ